МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 3 октомври: Почит и внимателност)

„Стани пред седа глава; почитувај го лицето на старецот; бој се од твојот Бог. Јас Сум Господ!“ (Левит 19:32; Библија)

Во однос на другите, ние имаме должност и обврска коишто не можеме да ги игнорираме, а со тоа да не ги престапуваме Божјите изречити Божји заповеди. Да се живее, да се мисли и да се работи само за себе, значи да се стане потполно бескорисен во службата за Бога.

Во нашите редови има многу такви коишто се со немирен дух, брбливи, самофалници и коишто си земаат за слобода секаде и во сѐ да се истакнуваат себеси, немајќи никакво почитување ни обзир кон староста, животното искуство или кон положбата на другите. На црквата денес ѝ недостигаат луѓе токму со спротивен карактер – луѓе понизни и урамнотежени, смирени и богобојазливи, подготвени да го понесат и непријатното бреме кога тоа ќе биде положено на нив, и тоа не за да бидат пофалени пред луѓето, туку верно да Му послужат на Оној, Кој умрел за нив (Исус Христос). Луѓето со таков карактер не сметаат дека им е под достоинството да станат пред постарите.

Бог со задоволство ќе им укаже чест на оние коишто се бојат од Него и коишто Го почитуваат. Човекот може толку да се облагороди и воздигне што ќе стане  алка на поврзување помеѓу небото и земјата. Тој од рацете на Творецот излегол со толку урамнотежен карактер, обдарен со такви способности за развој, така што со комбинирање на божественото влијание и на човечките напори, би можел да се воздигне скоро на ниво на ангелите. Па дури и кога би се воздигнал до таа висина, не би требало да се фали со својата добрина и големина. Бог особено бара да им се укажува должно почитување на постарите. „Седата коса е славна круна“, вели Тој преку мудрецот, „кога се наоѓа на пат праведен“. Таа сведочи за битките што се воделе и за победите што биле задобиени, за бремето што било носено и за искушенијата што биле совладани. Таа зборува за уморното стапало кое се ближи кон својот одмор, за местото кое наскоро ќе се испразни. Помогнете им на младите да размислуваат за тоа, и тие со својата учтивост и внимание ќе им го разубават патот на постарите, а во исто време ќе внесат и убавина и доблест во својот млад живот, слушајќи ја божествената заповед: „Стани пред седа глава; почитувај го лицето на старецот.“

Pin It on Pinterest