МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(15 – 21 март: Да се вежбаме во самосовладувањето)

„Затоа, препашете ги бедрата на вашиот ум, бидете трезвени, имајте полна надеж во благодатта, која ќе ви биде донесена при откровението на Исуса Христа.“ (1-во Петрово 1:13; Библија)

Секој од нас, поединечно, треба да ги препаша бедрата на својот ум, да биде трезвен и да стражари во молитва. Мислите мора да се контролираат будно за да се задржуваат само на она што ги јакне и ги облагородува моралните сили. Мислите мораат да бидат чисти, размислувањата на срцето непорочни, за зборовите кои ги изговара устата да бидат прифатливи за небото и корисни за оние со коишто се дружиме.

Мораме будно да стражариме над својот ум и својот дух, не дозволувајќи во мислите да ни се вовлекува било што, со што би го поткопувале и нарушувале своето духовно здравје. Но за да го спречиме тоа, тлото на срцето и умот мора да биде посеано со добро семе коешто, кога ќе изникне, порасне и се разграни ќе донесе добар род. Необработеното поле брзо зараснува со троскот и некорисни растенија, коишто само ја исцрпуваат земјата и сопственикот нема никаква корист од тоа. Земјата е преплавена со такво семе кое ветрот го носи од сите страни, и доколку не ја обработуваме, ваквото семе самото од себе никнува, гушејќи го секое благородно растение коешто се одржува со тешка мака. Но со добра обработка на земјиштето и со сеење на добро семе, троскот и безвредните растенија се уништуваат.

Оние младинци и девојки кои својата среќа ја наоѓаат во читањето на Божјото слово и во часовите на молитва, постојано се освежуваат со вода од Изворот на животот. Таквите ќе достигнат висина на моралните вредности и ширина на мислите за којашто другите немаат ниту претстава.

Одржувањето на заедница со Бога во молитва поттикнува добри мисли, благородни намери, јасна претстава за вистината и возвишени цели на делување. Оние коишто така ја поврзуваат својата душа со Бога, Тој ги признава како свои синови и ќерки. Тие постојано се воздигнуваат сѐ повеќе и повеќе, стекнуваат сѐ појасна претстава за Бога и за вечноста сѐ додека Тој од нив не направи канали преку кои ќе може Својата мудрост и Својата светлина да ја излива на светот.

Pin It on Pinterest