МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(15 – 21 февруари: Плодови на Светиот Дух)

„Тој ги води кротките во правда, ги научува кротките на Својот пат.“ (Псалм 25:9; Библија)

Спасителот ги сака децата и младите. Тој ги повикува од Него да се научат на кротост и понизност во срцето. Овие драгоцени добродети и дарови на Божјата милост многу ретко се забележуваат кај младите на денешницата, па дури и кај оние кои за себе тврдат дека се христијани. Тие се сложуваат да се именуваат со Христовото име, но не го прифаќаат Неговиот карактер, не се наведнуваат да го земат Неговиот јарем; затоа не знаат ништо за радоста и спокојството коишто се наоѓаат во Неговата служба.

Кротоста е скапоцена благодат. Тоа е подготвеност мирно и без негодувања да се поднесат неволјите и патилата, подготвеност да се издржат искушенијата. Кротоста е стрпливо настојување да бидеме ведри и среќни во сите околности. Оној што ја поседува кротоста, таа го наведува секогаш да Му биде благодарен на Господа. Кротоста го прави човекот подготвен да го поднесе и разочарувањето и неправдата, а сепак да не тежнее кон освета. Христијанинот со понизен и кроток дух нема да гледа да се усреќи само самиот себеси, туку ќе настојува, заборавајќи на себе, да најде задоволство во тоа што и другите ќе ги прави среќни.

Она што може да ве направи големи во Божјите очи не е тежнеењето да се дофатите до нешто со што би се истакнале самите себе, и некои свои заслуги, туку понизен живот на добрина и верност што од вас ќе направи предмет на посебна грижа и заштита од небесните ангели. Оној, Кој за човекот претставува совршен Пример, живееше скоро триесет години во едно презрено галилејско градче, сокриено помеѓу околните ритчиња. На небото, сите ангелски војски биле под Негова управа, а овде сепак не полагал право на никакви почесни титули, ниту пак барал да биде нешто големо и возвишено. Како дрводелец, работејќи за скромна надница и служејќи им на потребите на оние за коишто се залагал, покажал дека небото и нам може да ни биде многу близу во нашиот секојдневен живот, и дека ангелите од небесните дворови внимаваат на чекорите на оние коишто одат и доаѓаат на Божјата заповед. Совршените плодови на верата, кротоста и љубовта често најдобро созреваат токму во сенката и темнината на олујните облаци.

Pin It on Pinterest