МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(20 – 26 септември: Совршенство на карактерот)

„Дај ни: нашите синови да бидат како билки, што растат од својата младост; а нашите ќерки како крајаголни столбови; убави како храмовите столбови.“ (Псалм 144:12; Библија)

Ако нашите млади правилно ја сфатат важноста на изградувањето на карактерот тие ќе ја увидат неопходноста, својата животна задача да ја извршат така добро што таа ќе ја издржи Божјата проверка. Со истрајни напори во спротивставувањето на искушенијата и во барањето на мудрост одозгора, и најпонизните и најслабите можат да се искачат на висините коишто сега им изгледаат несовладливи. Таквите потфати не можат да се остварат без одлучни намери да бидете верни во извршувањето и на најнезначителните должности. Тоа бара постојана будност за да не дојде до зајакнување на негативните црти на карактерот.

Младите можат да имаат морална сила ако сакаат, затоа што Христос дошол на овој свет за да ни покаже личен пример во животот, и на сите, и на младите и на старите, да им ја понуди Својата помош.

Овој свет е Божја работилница, и секој камен за да може да биде употребен во небесниот храм мора да поминува низ процес на делкање и полирање сè додека не се покаже дека е навистина драгоцен материјал, прикладен да да го заземе своето место во Божјата градба. Меѓутоа, доколку ние не дозволиме да бидеме проверувани и дисциплинирани, тогаш ќе останеме како неизделкани камења, а на крајот ќе бидеме и отфрлени како непотребни и некорисни.

Можеби ќе биде потребно многу труд и работа за вие, како неизделкани камења, да бидете израмнети и исполирани за да можете да го заземете своето место во Божјиот храм. Немојте да се изненадите кога Бог со Својот чекан и Своето длето ќе почне да ги отсекува острите агли од вашиот карактер сè додека не се припремите за местото што Тој ви го одредил. Ниедно човечко суштество не може да ја изврши таа задача. Тоа може да го стори само Бог. Бидете сигурни дека Тој никогаш не задава непотребен удар. Секој Негов удар произлегува од љубов, и е за ваше вечно добро. Тој ги познава вашите недостатоци и работи на тоа да го обнови Својот лик во вас, а не да ве уништи .

Карактерот оформен како „убавите храмови столбови“, ќе блеска во Божјиот храм низ сета вечност.

 

Pin It on Pinterest