МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(18 – 24 јануари: Библијата во мојот живот)

„Кога ми дојдоа Твоите зборови, јас ги голтав: Твоите зборови го восхитија и го зарадуваа моето срце.“ (Еремија 15:16, Библија)

Вистината и ветувањата коишто се наоѓаат во Светото Писмо се неисцрпни за човечкиот ум. Со својот поглед ние всушност можеме да го разбереме само светкањето. Потполниот сјај на таа блескотна светлина нашите очи не би можеле да го издржат. Додека во мислите ги набљудуваме големите вистини содржани во Божјото слово, ние восхитено гледаме во еден длабок извор чијашто широчина и длабочина не сме во состојба да ги одредиме со својот поглед. Додека така изненадени гледаме, појавата пред нас се шири, се распространува на сите страни, и ние одеднаш го гледаме бескрајното и непрегледно море. Таквото проучување има впечатлива и оживувачка моќ. И умот и срцето стекнуваат нова сила и нов живот.

Таквото искуство претставува најсилен доказ за божественото авторство на Светите списи. Ние, Божјото слово го земаме како храна за својата душа од истата причина како што лебот го земаме како храна за телото. Со лебот ги задоволуваме своите природни потреби. Од искуство знаеме дека храната што ја внесуваме во својот организам произведува крв и ги обновува клетките на коските и на мозокот. Да го примениме истиот тест и на Библијата; кога нејзините начела вистински ќе станат составен дел на нашиот карактер, какви ќе бидат тогаш резултатите? До какви промени ќе дојде во животот? – „Старото помина; и ете, сè стана ново.“ (2 Коринтјаните 5:17; Библија)

Во таа сила луѓето и жените ги раскинуваат синџирите на грешните навики; се одрекнуваат од сопственото „јас“ и од секоја себичност, непосветените и безбожните стануваат понизни и полни со почит, пијаниците се отрезнуваат, раскалашаните и разузданите стануваат чисти. Душите што го носеле обличјето на сатаната се преобразуваат во Божјо обличје.

Таквата промена претставува чудо над чудата. Таквата промена извршена со посредство на Божјото слово претставува најдлабока тајна на Божјото слово. Ние не можеме да разбереме, можеме само да веруваме дека навистина, како што вели Светото Писмо: „Христос во вас, надеж на славата.“ (Колосјаните 1:27; Библија) Сознанието на оваа тајна ни дава клуч и за сѐ друго. Тоа на душата ѝ ги отвара ризниците на вселената, можност за бесконечен развиток.

Pin It on Pinterest