МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(22 – 28 ноември: И јас можам да станам победник)

„Никому не враќајте зло за зло! А размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе!“ (Римјаните 12:17; Библија)

Во сите деловни трансакции христијанинот ќе биде токму онаков каков што би требало да биде според мислењата на своите браќа. Во начинот на работење тој секогаш се раководи според начелата. Никогаш не се бави со сплетки, затоа нема и што да крие, ниту што да разубавува. Тој може да биде критикуван и проверуван, но неговата непоколеблива чесност секогаш ќе блеска како чисто злато. Тој е вистински благослов за сите со коишто одржува било какви врски, затоа што во неговиот збор може да се има потполна доверба. Тој никогаш нема да го искористи својот ближен. Тој е пријател и добротвор на сите, и луѓето можат да имаат целосна доверба во она што го кажува.

Вистински чесниот човек никогаш нема да искористи нечија слабост или неспособност за да исполни некоја своја цел. Тој никогаш не се ценка за она што го продава. Ако артиклите што ги продава имаат некој недостаток, тој тоа искрено ќе му го каже на својот брат или на својот ближен, иако правејќи така работи против своите финансиски интереси.

Начелото на чесност треба најстрого да се почитува во сите поединости на животот. Тоа начело не се почитува во овој свет каде што господари сатаната, кој лаже и искористува, а неговите следбеници го следат во тоа, остварувајќи ги неговите цели. Меѓутоа, христијаните Му служат на поинаков Господар и нивните постапки мора да бидат направени во Бога, не осврнувајќи се притоа на никаква себична добивка. Отстапувањето од совршена чесност во деловниот договор може да биде мала работа во проценката на некои, но нашиот Спасител не мисли така. Човекот можеби нема убава надворешност, можеби е сиромашен и оскуден во многу нешта, но доколку е познат по непоколебливата праведност и чесност, тој ќе биде почитуван. Човекот, кој непоколебливо се држи до вистината, ќе ја здобие довербата на сите околу него. Ќе му веруваат, не само неговите браќа по вера, туку и неверниците ќе бидат приморани да го признаат како човек кој заслужува чест и пофалба.

Pin It on Pinterest