МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(18 – 24 октомври: Христос во мојот живот)
„Зашто, немаме првосвештеник кој не може да сочувствува со нашите слабости, туку Кој бил искушуван во сè како нас, освен гревот.“ (Евреите 4:15; Библија)
Христовото доаѓање на нашиот свет бил голем настан, и тоа не само за овој свет, туку и за сите останати светови во вселната. Тој дошол да ја земе на Себе човековата природа, во сѐ да биде искушуван и проверуван како и нас, па сепак да ни остави пример на совршена чистота и беспрекорен карактер. Бидејќи бил искушуван во сѐ како и нас, Тој знае како да сочувствува со нас. Тој знае како треба да се сожали и како да притекне во помош на децата и на младите, затоа што и Сам бил дете, и ја разбира секоја тешкотија и секое искушение со коешто се среќаваат младите.
Неговите очи блескаат од изразување на таква љубов која Го навела да ги напушти небесните дворови и да дојде на земјата да умре наместо престапникот.
Тој бил полн со сомилост и љубов, не само кон оние што сакале да бидат послушни и водени, туку и кон оние што талкале и биле изопачени. Христос не се менува. Тој е ист вчера, денес и довека, и сѐ уште ги сака и ги сожалува заблудените, тежнеејќи да ги привлече кон Себе, за да може да им ја понуди Својата божествена помош.
Тој знае дека силите на демоните во борбата за превласт грчевито се борат за секоја душа, и токму затоа дошол на овој свет за да ја скрши сатанската сила и на заробените да им донесе слобода.
Во Христовиот карактер ни се откриени особините на нашиот небесен Татко. Додека гледаме во Неговото лице можеме да ја забележиме беспрекорната чистота и добрина коишто Му блескаат од очите. На Неговото лице можат да се видат благородност, кротост и љубов, но и свест за силата со којашто располагал. Но, иако секој Негов збор, секој гест и секој израз на Неговото лице ја претскажувале Неговата божествена сила, кротоста била обележје на Неговото однесување и на секоја Негова постапка. Тој дошол само со една цел: да ги бара и да ги спасува изгубените.