МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(22 – 28 март: Чувајте ги приодите на својата душа)

„И твоите уши ќе чујат слово како зборува зад тебе: Тоа е патот, одете по него, било да тргнувате надесно или налево.“ (Исаија 30:21; Библија)

Многу библиски текстови, срочени во облик на извештаи, ни се дадени за да ја сфатиме посебната грижа и внимание што Бог и небесните суштества им ја посветуваат на луѓето. Човекот не е препуштен да биде немоќна играчка на сатанските искушенија. Целото небо активно учествува во пренесувањето на светлината до населението на земјата, за да не остане без духовно водство во густата темнина на заблудата и незнаењето.

Чувајќи го будно Својот народ, окото на Севишниот никогаш не дреме и не спие. Десетици и десетици илјади ангели не престануваат да се грижат за потребите на човечките синови. Гласови вдахновени од Бога, кога има потреба од тоа, нагласуваат: „Тоа е патот, одете по него.“

Благодарејќи му на тој глас, можеме да избегнеме да не гледаме и да не слушаме секакви зла и беззаконија кои толку страшно се шират и множат во овие последни денови.

За активниот ум на децата и младите, глетките насликани во фантазијата ја откриваат идната стварност. Се прикажуваат револуции, пресврти и секакви случувања, при што се рушат законските огради и секаквото воздржување.
Таквиот дух ги опфаќа и мнозина кои го читаат и го следат тоа. Тоа ги наведува и стимулира, кога ќе им се укаже можност, да извршат злосторства дури и поголеми од оние што ги опишуваат луѓето што се желни за сензации.
Благодарејќи на ваквите зли влијанија, општеството сѐ повеќе се деморализира.
Семето на беззаконието се сее на сите страни, па така никој не треба да се чуди кога од сето тоа ќе уследи богата жетва на злосторства.

Кажете одлучно: Ќе ги затворам очите за сѐ што е безначајно, несериозно и грешно. Моите уши Му припаѓаат на Бога, и нема да ги слушам подлите дошепнувања на непријателот. Својот глас на никаков начин нема да го ставам во служба на волјата којашто не е под влијание на Божјиот Дух. Моето тело е храм на Светиот Дух, и секоја способност на моето суштество треба да биде посветена за достојни цели.

Pin It on Pinterest