МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(25 – 31 октомври: Водството на ангелите во мојот живот)

„Зашто им заповеда на Своите ангели, да те чуваат на сите свои патишта.“  (Псалм 91:11; Библија)

Секој Христов следбеник има свој ангел чувар. Овие небесни стражари ги штитат праведните од силите на сатаната. Тоа го признал и самиот сатана велејќи: „Зар Јов се бои напразно од Бога? Зар не ги загради него, неговиот дом и сиот негов имот?“ (Јов 1:10; Библија) Силата со која Господ го штити Својот народ, псалмистот ја опишува со следниве зборови: „Господов ангел се настанува околу оние што се бојат од Него, и ги избавува.“ (Псалм 34:7; Библија)

Ми беше покажана нежната Божја љубов кон Неговиот народ; таа е навистина многу голема. Видов како ангели со раширени крилја бдејат на светите. Секој од нив има свој ангел чувар. И секогаш кога некој од верните ќе заплаче во обесхрабреност, или ќе се најде во некоја опасност, неговиот ангел чувар брзо одлетува горе носејќи вест за тоа, и ангелите во светиот град престануваат да пејат. Тогаш Исус праќа друг ангел за да го охрабри малодушниот. Но доколку овој и понатаму продолжи да застранува, ангелот се натажува и плаче. Оваа жалосна вест тој ја носи горе и тогаш сите ангели во Светиот Град плачат, а потоа гласно велат: „Амин.“ Но кога светите го насочуваат својот поглед на наградата којашто ги очекува и Го фалат и слават Бога, тогаш ангелите чувари носат радосни вести во Светиот Град, а ангелите во градот, свирејќи на своите харфи, со силен глас пејат: „Алилуја!“, а небесните сводови одѕвонуваат од нивните убави песни.

Бог на Своите ангели им налага будно да бдејат над нас, и доколку ние се ставиме под нивна заштита, тие во секоја опасност ќе ни се најдат од десната страна. Често, додека ние не сме ни свесни од опасноста на лошите влијанија што нѐ опкружуваат, ангелите се покрај нас, нѐ поттикнуваат да тргнеме во подобар правец, бираат зборови за нас и влијаат на нашите постапки. Благодарејќи на тоа, нашето влијание може да стане тивка, несвесна, но моќна сила во придобивање на други души за Христа и за небесниот свет.

Pin It on Pinterest