МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(20 – 26 септември: Совршенство на карактерот)

„И беше дадено да се облече во светло и чисто ленено платно; имено, платното тоа се праведните дела на светите.“ (Откровение 19:8; Библија)

Свадбеното руво во параболата го симболизира чистиот и беспрекорен карактер коишто мораат да го имаат Христовите следбеници. На Црквата ќе ѝ биде дадено „да се облече во чисто и бело ленено платно“. „И да ја претстави пред Себе славната Црква, која нема дамка, ниту брчка, или нешто слично, за да биде света и непорочна.“ „Затоа што платното“, вели Светото Писмо, е „праведноста на светите“. Тое е правдата Христова – Неговиот беспрекорен карактер – правда, којашто со посредство на верата, ѝ се дава на сите коишто го примаат Христа како свој личен Спасител.

Таа облека исткаена на небесен разбој, не содржи ниту една нитка на човечка изработка. Христос во својата човечка природа развил совршен карактер, и тој карактер Тој ни го препорачува и ни го нуди нам.

Кога во потполност ќе Му се предадеме на Христа, нашето срце се соединува со Неговото срце, нашата волја се претопува во Неговата волја, нашиот ум станува едно со Неговиот, нашите мисли се „заробуваат во Негова покорност“ – ние го живееме Неговиот живот. Тоа значи да се биде облечен во облеката на Христовата правда. И тогаш, кога Господ ќе погледне на нас, нема да види покривка од смоквени лисја, ниту ќе ја види голотијата и одвратноста на гревот, туку прекрасната облека на својата правда – совршено покорување на Неговиот закон.

Праведноста значи да се чини право, а право е секому да му се суди според неговите дела. Својот карактер ние го откриваме преку своите дела.

Младите и децата треба да ги учиме за себе да ја изберат царската облека исткаена на небесен разбој – „чисто и бело ленено платно“ – тоа е облеката којашто ќе ја носат откупените од целата земја. Тоа одело коешто го претставува Христовиот беспрекорен карактер му се нуди бесплатно на секое човечко суштество. Но сите што ќе го примат, го примаат и го носат уште овде.

Облечени во величествената облека на Христовата правда, тие ќе имаат место на царската гозба и право да му се приклучат на мноштвото чиишто гревови се испрани во Христовата крв.

 

Pin It on Pinterest