МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(29 – 31 март: Постојаност во искушенијата)
„Никакво искушение не ве постигна, освен човечкото. А Бог е верен и не ќе дозволи да бидете искушавани над вашите сили, туку заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да го издржите.“ (1 Коринтјани 10:13; Библија)
Христос никогаш не ја напушта душата за која го дал Својот живот. Душата може да Го остави Него и да подлегне на искушението, но Христос никогаш не може да се сврти од оној за чие искупување платил со Сопствениот живот.
Кога нашиот духовен вид би бил поизострен, би можеле да ги видиме потиштените души наведнати под товарот на болката, притиснати како кола натоварена со снопја, како обесхрабрени ја бараат смртта. Би можеле да ги видиме ангелите како брзо летаат во помош на оние кои се во искушение и коишто стојат на самиот раб на пропаста. Небесните ангели ги потиснуваат војските на злото кои ги опколуваат овие души и ги поставуваат стапалата на нивните нозе на сигурен темел. Борбите коишто се водат помеѓу овие две војски се вистинити како и борбите во овој свет, и од исходот на овој духовен судир зависи вечната судбина на многумина.
И за нас важат зборовите што му биле изговорени на Петар: „Сатаната побара да ве просее како пченица, но Јас“, вели Исус, „се молев за тебе, за да не се намали твојата вера.“ (Лука 22:31.32; Библија) Фала Му на Бога што не сме препуштени самите на себе.
Пред нас е сериозна криза. Да бидеме цврсти и непоколебливи, држејќи се постојано за моќната рака на Семоќниот. Бог се грижи за нас. Времето кое ни припаѓа нам е само денес, и ако извојуваме победа со Бога, Тој ќе ни даде сила за она што нѐ очекува утре. Неговата милост е доволна за секој ден: и како што секој ден има свои искушенија, секој ден ќе стекнуваме и нови победи. Со нас е истиот Оној Којшто се залагаше за Својот народ во вековите на минатото. Христос е секогаш покрај нас, зарем тогаш треба да се плашиме или да се колебаме? – Не, штом наидат неволјите, заедно со нив ќе дојде и Божјата сила. Бог ќе ни помогне да застанеме во верата во Неговото Слово, и кога така сме соединети со Него и меѓусебно, Тој со посебна сила ќе делува во наша корист.