МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(2 – 8 август: Спасените треба да служат)

„Вие сте светлината на светот…Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е во небесата.“ (Матеј 5:14-16; Библија)

Ако живеете во светлина, секој од вас може да биде светлоносец во светот. Немојте во желбата да направите нешто големо да ги занемарите наизглед малите и скромни можности што секојдневно ви се укажуваат. Објаснувајќи ја вистината со личен пример во секојдневниот живот, можеме да направиме навистина многу. Влијанието извршено на таков начин не може лесно да се осуети. Луѓето можат да се противат и да ги побиваат нашите докази колку и да се логични, можат да ги одбиваат нашите апели, но животот со света цел и несебична љубов во нивна корист, тоа е најсилниот аргумент за вистината што навистина не можат да го порекнат. Со кротоста и со животот полн со вистински доблести може да се стори многу повеќе отколку со највозвишеното проповедање, доколку при тоа недостасува пример. Со своите напори вие можете да ја крепите црквата, да ги охрабрувате своите браќа и заедничките состаноци да ги направите поинтересни; вашите молитви, како остри српови, можат да му потпомогнат на жетварот на жетвеното поле. Секој треба да чувствува товар за душите, треба будно да стражи молејќи се за успехот на делото.

Секој може да им го сврти вниманието на другите кон драгоцените вистини на Божјата Реч. Младите, кои можеби никогаш нема да бидат во состојба вистината да ја изнесуваат од проповедална, можат да одат од куќа до куќа и да им укажуваат на луѓето на Божјето Јагне, Кое ги зеде на Себе сите гревови на светот. Драгоцените бисери на вистината кои се длабоко затрупани со прашина и со безвредни заблуди, Божјите слуги треба да ги откријат како сокриено богатство, така што мнозина ќе можат да ги видат и да им се восхитуваат.

Во Божјето дело има место за луѓе со најразлични склоности и работни способности. На денот на Божјиот суд никој нема да има изговор што се затворал во своите себични интереси. Залагајќи се за другите можете во живот да ја одржите и сопствената душа. Со искрени и несебични напори собирајте снопови за Христа. Господ е секогаш подготвен да помогне.

Pin It on Pinterest