МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(5 – 11 април: Напредување во благодатта)

„Но со Божја благодат сум она што сум. А Неговата благодат, која ми е дадена мене, не беше напразно, туку се потрудив поизобилно од сите нив, но не јас – туку Божјата благодат, која е во мене.“ (1-во Коринтјаните 15:10; Библија)

Има поединци кои навистина се обидуваат да се искачуваат по степениците на христијанскиот развој, но штом ќе постигнат извесен напредок тие почнуваат да се потпираат на човечката сила, и набргу од вид Го губат Исуса, Кој е зачетник и извршител на верата. Неизбежен резултат е само неуспех – губење на сето она што дотогаш го постигнале.

Навистина е жалосна состојбата на оние кои, уморувајќи се на патот, дозволуваат непријателот на душите потполно да ги лиши од оние христијански добродети кои што веќе ги постигнале.

Божјата љубов во душата има непосредно влијание на животот и таа ги поттикнува умот и чувствата на здраво и корисно делување. Божјото дете нема да се чувствува задоволно сѐ додека не се облече во облеката на Христовата праведност, одржувајќи се притоа со Неговата животодавна сила.

Кога ќе согледаме слабост во својот карактер, не е доволно тоа само да го признаеме, туку мораме енергично и одлучно да се залагаме своите недостатоци да ги совладаме со изградување на сосема спротивни карактерни особини. Не смееме да бегаме од таквата задача затоа што таа ни најмалку не е лесна.

Од христијаниот се бараат неуморни и постојани напори, но не во сопствена сила, нему му е потребна божествената сила. За секој оној што искрено се бори да здобие победа на самиот себе, важи ветувањето: „Доста ти е мојата благодат.“ (2-ро Коринтјаните 12:9; Библија)

Со лични напори, здружени со молитва, душата се вежба во верата. Ден по ден карактерот се изградува и станува сличен на Христовиот. Можеби нема да можеме да здобиеме победа над навиките на кои долго сме им попуштале без тешка борба, но со Божјата милост сепак победата е можна.

Ако навистина сме поттикнати од Божјиот Дух, ние ќе напредуваме од благодат во благодат, од слава во слава, сѐ додека конечно не ја наследиме вечноста.

Pin It on Pinterest