МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 7 март: Херои пред Бога)

„Бдејте! Стојте цврсто во верата, бидете мажествени, бидете силни!“  (1 Коринтјаните 16:13; Библија)

Христос на своите ученици им рекол дека ќе имаат неволји во светот. Нагласил дека поради Него ќе бидат изведувани пред цареви и пред владетели на овој свет; дека ќе бидат мачени на сите можни начини, дека против нив ќе се изнесуваат секакви лаги, и дека секој којшто ќе ги уништува ќе мисли дека Му врши служба на Бога. Сите коишто настојувале да живеат побожно и според Божјата волја биле прогонувани во сите векови. Биле изложувани на сите можни понижувања, на срам и свирепости коишто луѓето под влијание на сатаната можеле да ги измислат.

И денес светот ѝ се спротивставува на вистинската вера исто како и во вековите на минатото.

Сѐ повеќе се буди дух на прогонство против верниците коишто не се сложуваат на компромис со светот, не се поведуваат по неговото мислење, не бараат негово одобрување и не се плашат од неговите противења. Верата којашто изнесува живо сведоштво во корист на светоста, а ги осудува гордоста, себичноста, лакомството и вообичаените гревови, секогаш предизвикува омраза кај светот и кај површното христијанство. Поради тоа, драги мои млади христијани, немојте да се чудите ако светот ве мрази, затоа што пред вас го мразел и вашиот Учител. Кога поднесувате презир, срамота и прогонство поради вистината, се наоѓате во друштвото на најдобрите; затоа што и Христос го поднесувал сето тоа и тоа во многу поголема мерка. Ако бидете верни стражари во Божјото дело, сите овие работи за вас ќе претставуваат само чест и комплименти. Ќе бидете херои во духовен поглед, херои коишто остануваат верни и тогаш кога се потполно осамени во светот, но коишто на крајот ќе ја добијат круната на непоминливата слава.

Патот којшто води во вечен живот е прав, но и тесен, и вие одејќи по тој пат ќе морате да поминете низ многу тешкотии и неволји; но со истрајни напори и со цврста одлучност можете да го добиете вечниот живот и непропадливото наследство на непоминливата слава. А спокојството, мирот и почестите што ве очекуваат на крајот од тој пат ќе претставуваат илјадократна награда за сите вложени напори и поднесени жртви.

Pin It on Pinterest