МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(4 – 10 октомври: Стравопочит во мојот живот)

„Слушајте го Мојот глас, па Јас ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ.“ (Еремија 7:23; Библија)

Нашиот духовен вид треба да биде побистар и појак за да можеме планот на спасението да го согледаме како никогаш до сега. Нашите срца треба да ги прифатат силните импулси на Спасителовата љубов. Истражувајќи ги Светите списи и хранејќи се со зборовите на живот, треба да го слушнеме и да го препознаеме Божјиот глас којшто ѝ зборува на нашата душа.

Понекогаш можеме да бидеме збунети со гласот дури и на нашите најдобри пријатели; но во Библијата наоѓаме божествен совет во поглед на секое прашање битно за нашето вечно добро, а можеме исто така да научиме многу нешта и за овоземските работи. Нејзините учења секогаш ќе ни бидат добредојдени кога ќе се најдеме во специфични околности и ќе ни помогнат да се припремиме за животните искушенија и за нашата, од Бога одредена, задача.

Библијата го претставува Божјиот глас, кој толку непосредно ни зборува како да Го слушаме со своите уши. Ако го сфатиме тоа, со каква ли стравопочит ќе го отвараме Божјото слово – Библијата и со каква ли искреност ќе ги пребаруваме неговите прописи! Кога ги читаме Светите списи и размислуваме за тоа, се чувствуваме како да се наоѓаме во салата за прием кај Севишниот.

Светите страници на Божјото слово секогаш треба да ги отвораме со стравопочит и со искрена желба да ја осознаеме Божјата волја во поглед на нашите должности. Тогаш ангелите ќе го усмеруваат нашето истражување и Бог ќе ни зборува преку Своето пишано слово.

Во молитвата треба да се чувствуваме како дека сме во светата сала за прием кај Највисокиот, во Божјо присуство. Христос влегува во нашето срце. Секогаш да го покажеме должното почитување кон својата вера, да зборуваме со стравопочит за сето она што е свето и возвишено. Кога цитирате зборови од Светото писмо, никогаш не правете го тоа несериозно или на лекомислен начин. Секогаш кога го земате Светото писмо во своите раце, имајте на ум дека стоите на света земја.

Pin It on Pinterest