МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 14 февруари: Дарови на Светиот Дух)

„Надевајте се во Господа својот Бог, и ќе се оддржите; надевајте се во Неговите пророци и ќе успеете!“ (2 Летописи 20:20; Библија)

Светлината на пророчкото слово сѐ уште блеска, и како водилка на секоја душа којашто сака да послуша, таа вели: „Ова е патот, одете по него.“ Оние коишто одат по вистинскиот пат, таа ги храбри и ги пофалува, а оние коишто се на погрешниот пат ги води на покајание и обратување. Со нејзината сила и влијание се осудува гревот, а злото и неправдата се разобличуваат. Таа верно го осветлува, не само минатото, туку и сегашноста и иднината.

Ако оние до коишто допрела светлината го ценат и почитуваат сведоштвото што Господ им го праќа, тие својот верски живот ќе го гледаат во ново светло. Тие ќе бидат осведочени, и ќе го видат клучот за тајните кои никогаш до тогаш не ги разбирале. Тие цврсто ќе се држат до драгоцените докази со коишто Бог ги извел од царството на темнината и ги довел во Својата чудесна светлина.

Оние коишто ги презираат опомените и ги отфрлаат сведоштвата ќе бидат оставени во своето слепило и ќе продолжат и понатаму да се мамат самите себеси. Меѓутоа, оние коишто ќе послушаат и ревносто ќе настојуваат да се очистат од гревот за да ја примат неопходната благодат, ќе ја отворат вратата на своето срце, така што драгиот Спасител ќе може да влезе и да пребива во нив.

Бог се погрижил за сите оние кои го сакаат тоа, да станат свети и среќни. На оваа генерација ѝ е дадена доволно светлина, така што навистина можеме да ги сфатиме своите должности и предности, уживајќи во драгоцените и возвишени вистини, и во нивната едноставност и сила.

Ние сме одговорни само за светлината којашто допрела до нас. Нашата проверка се состои во извршувањето на Божјите заповеди и Исусовото сведоштво. Ако бидеме верни и послушни, Бог ќе биде задоволен со нас, и ќе нѐ благослови како Свој избран и посебен народ. Кога срцата на оние коишто тврдат дека се Христови следбеници ќе обилуваат во совршенството на верата, љубовта и послушноста, тие ќе имаат големо влијание.

Pin It on Pinterest