МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(5 – 11 јули: Благодетите на општествениот живот)

„Најпосле бидете сите сложни во мислењето, сочувствителни, братољубиви, милосрдни, понизни.“ (1 Петрово 3:8; Библија)

Големиот апостол Павле бил многу цврст кога биле во прашање должност или начело, тој го истакнувал Христа со голема храброст и одлучност, но никогаш не бил груб и неучтив. Бил исклучително сочувствителен и секогаш љубезен и внимателен кон другите. Учтивоста била изразена црта на неговиот карактер, и тоа му го олеснувало пристапот до повисоките општествени слоеви. Тој ревнувал за вистината и смело го бранел Христовото учење, но доличното држење и доблеста на вистинската учтивост биле обележје на секоја негова постапка.

Со топлината на своето срце, Павле ги привлекувал сите со коишто доаѓал во допир, а душата му била врзана за душите на неговите браќа. Кога се одвојувал од нив, знаејќи и уверувајќи ги дека нема повеќе да го видат неговото лице, и додека тие во својата најдлабока болка најсесрдно го преколнувале да остане со нив, тој извикнувал: „Што правите? Зошто плачете и ми го кршите срцето?“ Гледајќи како длабоко страдаат поради конечното одвојување од него, неговото сочувствително срце се кршело од болка. Може ли христијанин да не се воодушевува од карактерот на Павле? Цврст и непоколеблив како карпа, кога требало да се стане и да се одбрани вистината, а знаел да биде и сочувствителен како дете, кога бил опкружен со своите пријатели.

Најслични на Христа стануваат оние коишто најнесебично искажуваат дух на сомилост, вистинска учтивост и добрина, нивното осведочување е непоколебливо, а карактерот постојан, ништо не може да ги наведе да отстапат од верата или да ја занемарат својата должност.

Вистинскиот христијанин секогаш ќе негува дух на кротост и смиреност, тој секогаш ќе биде благ и внимателен кон другите, и ќе има пријатен нарав, којшто болеста не ја прави раздразлива, ниту се вознемирува поради настанатите околности. Божјите деца никогаш не забораваат да прават добро. Тие, добрите дела ги прават и несвесно, затоа што Бог со Својата милост ја преобразил нивната природа.

Pin It on Pinterest