МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(7 – 13 јуни: Сигурен пат до вистинската среќа)

„Каде нема откровение пророчко народот се разуздува, а кој го пази Законот е блажен!“ (Пословици 29:18; Библија)

За оние коишто Го љубат Бога најголемо уживање е да ги држат Неговите заповеди и да го прават она што Нему му е угодно.

Псалмистот вели: „Господовиот Закон е совршен.“ Колку е чудесен во својата едноставност, во својата сеопфатност и во својата совршеност Законот на Господа? Тој е толку краток што би можеле лесно да го запомниме и напамет да го научиме секој негов пропис, а сепак толку далекусежен што во потполност ја изразува Божјата волја, не само во поглед на нашите јавни постапки, туку навлегува и во мислите и намерите, желбите и побудите на срцето. Со човечките закони не е така. Тие се однесуваат само на човековите јавни дела. Меѓутоа, Божјиот Закон ја осудува и љубомората, зависта, омразата, злобата, осветата, лакомоста и славољубието – сето она што може да ја зафати душата, а да не се изрази преку видливи постапки. Сите тие негативни емоции ќе бидат земени во предвид оној ден кога: „Бог ќе ја изнесе на суд секоја тајна, било добра, било зла.“ (Проповедник 12:14; Библија)

Во Божјиот Закон нема никакви тајни. Во светлината на големите вистини, коишто тој ги опфаќа, сѐ може да се сфати. Тие правила и прописи може да ги сфати и најслабиот ум.

Послушноста на Божјиот Закон не само што е важна за нашето спасение, туку и за нашата среќа во овој живот, и за среќата на сите оние со коишто сме животно поврзани.

Човечката среќа мора секогаш да биде заштитена со прописите на Божјиот Закон. Законот е ограда којашто Самиот Бог ја подигнал околу Своето лозје. Покорувањето на тој закон ги штити луѓето од секакво зло.

За сето она што животот го прави убав и пожелен, ние Му ја должиме благодарноста на Бога, и Тој од нас со право очекува живот на потполна послушност. Прописите на Неговиот Закон, доколку совесно им се покоруваме, ќе ни донесат среќа во семејниот и во личниот живот.

Свеста дека го правиме она што е добро и исправно, донесува мир, спокојство и света радост.

Pin It on Pinterest