МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(6 – 12 септември: Примери на посветен живот)

„Тогаш царот се вчудоневиди и стана бргу. Ги праша своите советници: Не ги фрливме ли оние троица мажи врзани во огнот? Ама јас гледам четири мажи, одврзани шетаат по огнот, и не им се случува ништо зло; а четвртиот како да е Синот Божји.“ (Даниел 3:24.25, Библија)

Во животот на овие тројца млади Евреи се огледува вистинска посветеност. Вистинската христијанска начелност не се повлекува пред тежината на последиците. Таа не прашува: „Што ќе мислат луѓето ако го направам ова?“, или пак: „Како ќе се одрази тоа на моите овоземски интереси?“ Божјите деца најповеќе сакаат да дознаат што очекува Бог од нив, за да го прослават Неговото име преку своите дела. Господ понудил изобилни можности, благодарејќи на божествената милост, животот на секој Негов следбеник да може да биде блескаво запалена светилка во овој свет.   

Овие верни на Бога Евреи, покрај посебните природни способности и највисокото интелектуално образование, заземале и многу почесни положби, но сето тоа заедно не ги навело да заборават на Бога. Сите нивни физички, умни и духовни сили биле под посветувачкото влијание на божествената милост. Со својата непоколеблива поштеност покажале дека Го слават Оној Којшто ги повикал од темнината во Својата чудесна светлина. Во нивното прекрасно ослободување од вжарената печка Божјата сила и величество биле откриени пред огромен собир на државници од целото царство. Самиот Христос бил пред нив во вжарената печка и славата на Неговото присуство го осведочила горделивиот вавилонски цар дека тоа не може да биде никој друг освен лично Божјиот Син. Од Даниел и неговите другари зрачела небесна светлина сè додека сите оние со коишто тие доаѓале во контакт не сфатиле дека она што така го красел нивниот карактер, била токму нивната вера.    

Каква поука се содржи овде за малодушните, колебливите и кукавиците во Божјoто дело на денешницата! Овие верни, карактерни и непоколебливи луѓе служат како пример на посветеност, иако не ни помислувале да полагаат право на некоја голема пофалба.    

Секој христијанин може да ужива во благословите на посветеноста.

Pin It on Pinterest