МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 6 јуни: Христијаните можат да бидат вистински среќни)

„Се радувам на патот на твоите прописи, повеќе отколку на сето богатство.“ (Псалм 119:14; Библија)

Библијата ни ги открива неистражените и непоминливите богатства на небото. Најсилниот човеков импулс тежнее да го влече кон лична среќа во овој живот, и Библијата ја признава таа желба и ни покажува дека целото небо се соединува со човекот во неговите напори да ја најде вистинската среќа. Библијата ни ги открива условите под кои човекот може да го пронајде Христовиот мир. Таа ни го опишува домот на вечната среќа и блаженство, каде што за солзи, болка и неволја никогаш нема да се знае.

Таа благословена книга нѐ учи да бидеме искрени, поштени, умерени во сѐ, штедливи, вредни, вистинољубиви и исправни. Нејзините совети, ако ги послушате, ќе ве направат верни сопатници со оние со коишто се дружите, вашето влијание секогаш ќе ја одржува чистотата на карактерот и ќе ги води другите од погрешниот пат на патот на правдата.

Дали мислите дека таквиот живот е лишен од задоволства и уживања? О, не! Тоа ќе биде живот на пријатно расположение и вистинско задоволство, затоа што практично ќе го внесете небото во својот живот, мирот во својата душа и ќе можете со псалмистот да кажете: „Господовиот Закон е совршен – ја крепи душата.“ (Псалм 19:7; Библија)

О, кога сите млади би можеле да сфатат колку е прекрасно да му го предадат срцето на Бога уште во својата младост! И како ангелите чувари со задоволство ги чуваат младите коишто се бојат од Бога и кои Го љубат! Сите такви Христос ги знае по име, а тие со својот пример им помагаат и на другите млади да прават добро. Младите коишто во своето срце и мисли ги чуваат записите за Божјите опомени и охрабрувања, за Неговите драгоцени ветувања, записи од коишто можат да се поучат во секоја доба, ќе бидат живи канали на вистината и светлоста. Блескавите зраци на Сонцето на Правдата, коишто им донеле духовно здравје на нивните души, тие ги пренесуваат и на останатите околу себе.

Pin It on Pinterest