МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(17 – 23 мај: Умереност во сè)

„А ти, мрзливецу, до кога ќе спиеш? Кога ќе се разбудиш од својот сон?“ (Пословици 6:9; Библија)

Здравјето претставува навистина големо богатство. Тоа е најскапоцениот имот што смртниот човек може да го поседува. Богатствата, почестите или ученоста прескапо се платени ако поради тоа се жртвува силата и крепоста на здравјето. Со ниедно од споменатите достигнувања не може да се обезбеди среќа ако здравјето е изгубено. Нарушувањето на здравјето, со коешто нѐ обдарил Бог, е ужасен грев. Секоја злоупотреба на здравјето нѐ онеспособува за живот, и нѐ прави големи губитници.

Денес во светот преовладува навиката денот да се претвора во ноќ, а ноќта во ден. Мнозина млади наутро спијат во длабок сон, а би требало да се будат со раниот птичји пој, и да стануваат кога целата природа се буди во нов живот. Нека младите се држат на одредено време за одење на спиење, а исто така, и за станување. Цврсто нека одлучат да ѝ се потчинат на дисциплината, почитувајќи ги прифатените правила на уредност. Бог е Бог на редот, и должност на младите е строго да се придржуваат на одредени правила, затоа што тие правила се дадени за нивно добро. Бидејќи процесот на изградба на нашето тело и постојаното обновување на виталните клетки во целокупниот организам се одвива токму во часовите на одмор. Многу е важно, особено за младите, да одат на спиење секогаш во одредено време и да спијат доволно.

Повеќето од оние коишто ги сакаат задоволствата и забавите радо присуствуваат на популарните ноќни собиралишта, и така часовите коишто Бог ги одредил за мирен и здрав сон за да се освежи целиот организам, тие ги поминуваат во возбудливи задоволства. Тие на своите образи им го одземаат руменилото на здравјето, а потоа се обидуваат тоа да го надокнадат со употреба на козметички средства. Зарем не би било подобро да се престане со тие погубни навики на претварање на ноќта во ден, а свежите утрински часови во ноќ? Кога младите би се потруделе редовноста во сѐ да им стане навика, тоа би се одразило на подобрување, не само на нивното здравје, туку и на нивната духовност, меморија и на нивните склоности.

Pin It on Pinterest