„Но, бидете совршени.“ Песната, која сега ја пеевме: „Спасени до крајот,“ е доволна основа за „и така“ – „И така, бидете совршени.“ Матеј 5,48. Вие знаете дека е такво Божјото слово. Вие знаете дека ние сме повикани „да се стремиме кон совршенство.“ Евреите 6,1. Знаете дека евангелието, евангелието кое ти и јас го проповедаме е „за да го претставуваме секој човек совршен во Христос.“ Колосјаните 1,28. Тогаш, не е за нас да кажеме дека од нас не се очекува совршенство. Тоа се очекува од нас. Мора да го очекувате тоа од себе. Морам да го очекувам тоа од себе. И јас не смеам да прифаќам ништо во себе или од себе, кое не ги исполнува совршено стандардите на совршенството што Бог ги поставил. Што може повеќе да нè спречи да постигнеме совршенство од тоа да мислиме дека тоа од нас не се очекува? Повторно ви велам: Што би можело повеќе да ве спречи вас и мене да постигнеме совршенство од тоа да кажеме дека од нас не се очекува да бидеме совршени?

Тогаш, бидејќи е решено дека Словото вели дека вие и јас треба да бидеме совршени, единственото нешто што треба да го разгледаме е начинот. Тоа е сè. Нека се всели во вас и во мене тоа совршенство, ништо помалку од совршенството што го поставил Бог кое се очекува од вас и од мене, и дека вие и јас нема да прифатиме ништо во себе, во она што сме го направиле, ниту нешто за нас, што е за влакно помалку од совршенството што Бог го поставил – нека се всели во секој и нека се всели засекогаш – тогаш ќе се распрашаме само за патот до него, и тоа и ќе се постигне.

Кој е стандардот, тогаш? Кој е стандардот што Бог го поставил? „Но, бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен.“ Божјото совршенство е единствениот стандард. И вие и јас мораме да се поставиме токму таму и да застанеме лице в лице со себеси, секогаш да бараме од себе совршенство во нас како што е Божјото, и дека нема да гледаме со честичка на попуштање, нема да се извинуваме ниту ќе имаме изговори за нешто во себе што е во било кој разбирлив степен помалку од тоа совршенство. 

Доволно е јасно дека не можеме да бидеме совршени во величие како што е Бог, ниту во семоќ како што е Тој, ниту во сезнаење како што е Тој. Бог е карактер, и такво совршенство на карактер како Неговото, Тој го поставил за да го постигнеме вие и јас, само такво можеме да очекуваме и само такво треба да е прифатливо за нас. Тогаш, кога Божјото лично совршенство е тоа кое јас и вие мораме да го имаме и само тоа смееме да го прифатиме за себе и секогаш мораме да се држиме до тој стандард, можете веднаш да забележите дека тоа всушност значи, за вас и за мене, постојано да се држиме во присуство на Божјиот суд. Таму се очекува секој од нас да биде, без разлика дали сме праведни или порочни. Тогаш, зошто да не стоиме таму, и едноставно да завршиме со тоа? Се согласуваме дека вие и јас треба да застанеме пред Христа на судско место, и дека секој од нас ќе се мери според тој стандард. Бог „определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите со Неговото воскресение од мртвите.“ Дела 17,31.

Воскресението на Христос е Божји залог на светот дека секој човек ќе застане пред судот Христов. Тоа е решено. Вие и јас го очекуваме тоа, го проповедаме и веруваме во тоа. Тогаш зошто да не се ставиме таму и да застанеме цврсто? Зошто да чекаме? Оние кои чекаат и продолжуваат да чекаат, нема да можат да стојат таму. Нечесниците не можат да застанат пред овој суд, но оние кои се ставаат пред Божјиот суд, соочувајќи се со мерилата на судот и постојано се одржуваат таму во мисла, во збор и на дело, се подготвени за пресудата во секој момент. Подготвен си за тоа? Тие го имаат тоа; тие се таму; тие го поминуваат тоа; тие ја повикуваат пресудата и сето она што го донесува пресудата; тие стојат таму очекувајќи да бидат предадени, и само оној што го прави ова е безбеден. Самиот благослов што доаѓа во таа работа е целата награда што на секое лице му е потребно да се стави себеси пред судот. Од што има да се плаши стоејќи таму? Од ништо. И кога е исфрлен стравот, кој е тоа што го прави тоа? Совршената љубов. Но, совршената љубов може да дојде само со тоа што ќе го исполнуваме совршениот стандард на пресудата, во судот, и може да се чува само преку стоење таму.

Бидејќи е тоа решено, за сè што треба да се распрашаме е начинот и патот. Тогаш е решено дека нашето не е стандардот. Размислете за тоа! „Но, бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен.“ Неговото совршенство е единствениот стандард. Тогаш, чие мерење на стандардот, чија проценка на стандардот е правилна? Не мојата. Не можам да го измерам Божјото совршенство. Се сеќаваш на стихот – можеби ти текнува на него во овој момент: „Го видов крајот на секое совршенство, но Твоите заповеди се безгранични.“ Псалм 119,96.

Ниту еден ограничен ум не може да го измери Божјото совршенство. Значи, се согласивме до овде, дека треба да бидеме совршени; нашето совршенство да биде како што е Неговото совршенство, според Неговата лична проценка на Неговото лично совршенство. Тогаш тоа целосно го одзема од вас и од мене целиот план и сè во врска со тоа како да го правиме тоа. Зашто, кога не можам да го измерам стандардот, а дадено ми е да го направам тоа, како треба да го постигнам? Тогаш, да се согласиме и дека во врска со тоа, тоа е сосема над вас.

Ова, исто така, беше кажано долго, одамна: „Навистина знам дека е тоа така; но како ќе се оправда човек пред Бога? Ако сака да влезе во спор со Него, нема да Му одговори ни на едно од илјада… . Ако станува збор за сила, Тој е најсилниот; кој ќе се спротивстави на Неговиот суд?“

И кога треба да се изјаснам, што тогаш? „Ако почнам да се оправдувам, самата уста ќе ме обвини.“ Ако можам да се израмнам со сопствените стандарди и да прогласам постигната рамнотежа, поставена заедно со Неговата проценка, мојата проценка е толку далеку што крајно ме осудува. Во тоа нема основа за оправдување. „Ако почнам да се оправдувам, самата уста ќе ме обвини.“

„А дали сум невин, и јас самиот веќе не знам, животот свој го презирам.“ Мојот сопствен стандард на совршенство, кога ќе биде поставен во Негово присуство и видено во Негова светлина, ќе биде толку далеку што јас самиот би го презирал. „Да се измиев со снежна вода и сосема да ги исчистев рацете свои, и тогаш Ти в тиња ќе ме турнеше, па ќе се згнасат од мене и алиштата мои.“ Јов 9,1.2.19-21.31

Тоа е најблиску колку што можеме да дојдеме до стандардот, ако ни беше дадено тоа како задача. Тогаш, засекогаш да ја напуштиме целата идеја дека совршенството е нешто за што треба ние да работиме. Совршенството е она кое ние треба да го постигнеме, ништо друго освен тоа. Бог го очекува тоа, и Тој направил одредба за тоа. За тоа сме создадени. Единствената цел на нашето постоење е да бидеме токму тоа – совршени со Божјото совршенство. И запомнете дека ние треба да бидеме совршени со Неговиот карактер. Треба Неговиот стандард за карактер да биде наш. Да, самиот Негов лик треба да биде наш. Не треба таков да биде направен за нас; самиот Негов треба да биде наш. И самото тоа е христијанско совршенство.

Сега, кога веќе мораме да го имаме тоа, целата приказна е раскажана во три текста. Првиот е во првата глава од Ефесјаните, почнувајќи од третиот стих со цел правилно да ја разбереме приказната во четвртиот стих:

Нека биде благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој нè благослови со секаков духовен благослов од небесата во Христос, така што и нè избра преку Него, уште пред светот да биде создаден, [забележете сега, што избрал Тој за нас; ова е целта што Тој ја имал пред создавањето на светот, при избирањето на мене и на вас, донесувајќи нè до овој час. Ајде да се соочиме со тоа], за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта.“

Тоа е Неговата единствена мисла за нас. Тоа е сè за кое Тој нè направи нас; тоа е се за што постоиме. Тогаш, уште еден збор баш таму: Кога тоа е така, зошто да не се соочиме со тоа? Зошто сега не го исполниме предметот на нашето постоење и да бидеме свети и без вина (непорочни) пред Него во љубов?

Следниот текст е во Колосјаните 1,19-22: „Бидејќи во Него благоволи Отецот да ја насели сета полнота, и преку Него да измири сè со Себе, или земно, или небесно, творејќи мир со крвта на Неговиот крст. И вас, кои некогаш бевте отуѓени од Бога, и непријатели поради помислите кон лоши дела, сега ве примири во телото на Неговата смрт, за да ве претстави пред себе свети, непорочни и без вина.“

Таа била првата цел кога нè создал. Со гревот целосно сме се одвоиле од таа цел, целата намена била непостигната, но Тој го издржал крстот. И Бога и Христа Ги задоволило тоа така да се направи, како би можела да се исполни Неговата првобитна намера. Поентата е во тоа што со Неговиот крст Тој нè помири, за да може да се исполни оваа првична намена во нас – целта што ја имал пред основањето на светот, дека треба да бидеме свети и непорочни пред Него во љубов. Крвта Христова, воспоставувањето на мирот што го донел Исус Христос, е со цел да може да нè претстави свети – за да може Тој да го направи токму она што го имал на ум пред основањето на светот – за да може да нè претстави мене и вас „пред Себе свети, непорочни и без вина“.

Патот кон христијанско совршенство е патот на крстот, и не постои друг начин. Нема друг начин за тебе и за мене. Начинот да ни го донесе тоа, единствениот начин, бил преку крстот. Тој дојде на тој начин и го донесе, и единствен начин за мене и вас да го добиете тоа преку крстот. Тој одредил дека Самиот ќе го направи тоа; ние воопшто не сме вклучени во постигнувањето на истото.

Сега забележете (Ефесјаните 4,7-13) што навистина се прави со тоа, колку само во полнота ја исполнува потребата.

„А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов.“ Размислете. Што направил Христовиот дар досега во нашето проучување? Создал „мир со крвта на Неговиот крст,“ и сè помири со Бога. И тоа го стори за да нè направи што, пред создавањето на светот? Тој промислил ние да бидеме „свети, непорочни и без вина.“ Тоа е мерка на Христовиот дар во ова. И толку многу ја постигнало целта што се отворил патот за сите. И на секој од нас, токму сега, се дава благодат според истата мерка. Тогаш, тоа што крстот ни го донесе и го стави во рамките на нашиот дофат, Божјата благодат ни го дава и го остварува во нас.

Ајде сега да читаме и ќе видиме дека сето тоа е така, токму до самиот збор, совршенство: „А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов. Затоа е и речено: ‘Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето.’“ И Тој постави едни за апостоли, други за пророци, трети за благовестители, четврти за пастири и учители.“ За која цел? „За усовршување на светиите.“ Браќа, кога тие дарови се дадени за таа намена, што правиме кога не се соочуваме со тој факт, и не копнееме за тие дарови, не се молиме за тие дарови и не ги примаме даровите кои ја постигнуваат целта? Што правиме во спротивно?

„За усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело, ДОДЕКА“ – дадено е за некоја цел, доведена до нас со цел, дефинирана, посебна, крајна цел сè ДОДЕКА таа цел не е постигната. Дадена е „за усовршување на светиите“ и дадена е сè „додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота.“

Таквото совршенство е единствената цел. Божјиот стандард е единствениот стандард. „Но, бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен.“ Не можеме да го измериме и не би можеле да го достигнеме тоа, ако ни беше дадена задача. Тоа е целта на нашето создавање, и кога таа цел била пореметена од гревот, Тој им овозможи на сите преку крвта на Неговиот крст и го осигурува за секој верник преку даровите на Светиот Дух.

Тогаш повторно ќе прашам: Зошто тогаш постојано да не се соочуваме со христијанското совршенство прифаќајќи ништо друго освен тоа?

24-от стих од посланието на Јуда директно се поврзува со тоа што рековме: „А на Оној, Кој може да ве запази да останете безгрешни и без порок, и да ве постави пред славата Своја во радост – на Единиот премудар Бог, нашиот Спасител преку Исус Христос, нашиот Господ, слава и величие, сила и власт преку сите векови, сега и во сите времиња.

Тој нè одбра уште пред создавањето на светот, „за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта.“ Преку крстот Тој тоа го овозможи за секоја душа, па и кога преку гревот сме ја загубиле секоја шанса. И преку крстот Тој го откупи правото „за да ве претстави пред Себе свети, непорочни и без вина.“ Правото да се направи ова, му припаѓа само Нему. Јас и вие не би можеле ова да го направиме кога би ни било дадено да го направиме, бидејќи правото не ни припаѓа нам. Кога еднаш сме ја изгубиле, ништо освен крстот на Голгота не можело да ја врати. И никој не можел да ја плати цената на Голгота освен Оној Кој ја платил. Тогаш како што е сигурно дека само Тој Кој ја платил цената можел да ја плати за да ни го донесе ова, тогаш со иста сигурност правото му припаѓа само Нему преку правото на крстот на Голгота. И никој што не го издржал буквално дрвениот крст на Голгота, не може да има право да ја преземе таа задача за да го постигне тоа. Само Тој го издржал крстот; само Нему Му припаѓа таа задача. Словото вели: Тој е „Оној, Кој може“ да ве запази да останете безгрешни и без порок, и да ве постави пред славата Своја во радост. Тој, Кој може да го издржи крстот, може да го оствари сето она кое крстот го овозможува. Така, Тој е „Оној, Кој може“ да ве запази да останете безгрешни и без порок, и да ве постави пред славата Своја во радост.“ Кога? Прашањето е: Кога?

[Гласови: „Сега“]

Точно. Тој е истиот и вчера и утре и во вечноста. Тој е способен сега исто како што бил тогаш и како што секогаш и ќе биде.

Сепак, имајте на ум дека е секогаш вистина тоа дека само преку крстот тоа доаѓа до тебе и до мене, сега или во вечноста. Ајде да го проучуваме Словото за да можете да го видите тоа. Отворете во Римјаните 5:21, а потоа прегледајте ја и шестата глава, бидејќи и таа се занимава со истата тема. Последните два стиха од петтата глава до Римјаните го наоѓаме следното: „А притоа дојде и Законот за да се наголеми престапот. Каде што, пак, се намножи гревот, таму благодатта се јавува во голема изобилност, та, како што гревот завладеал со смртта, така и благодатта да завладее преку праведноста за живот вечен, преку Исус Христос, нашиот Господ.“

Сега споредбата или пак контрастот – бидејќи тоа е споредба што изнесува контраст – „како“ и „така и“. „Како што гревот завладеал.“ Знате како гревот завладеал. Секој овде знае како гревот завладеал. Некој може знае и како уште владее. Кога гревот завладеал, владеењето му било целосно-апсолутно, така што било полесно да се постапува грешно отколку исправно. Ние посакувавме да постапуваме исправно, но „не го правам доброто, што сакам да го правам, туку злото, што не сакам да го правам.“ Римјаните 7,19. Такво е владеењето на гревот. Кога гревот завладеал, било полесно да се постапува грешно отколку исправно.

„Така и благодатта да завладее преку праведноста.“ Кога благодатта владее, полесно е да се постапува исправно отколку грешно. Ова е споредбата. Забележете дека: Како што гревот завладеал, исто така и благодатта завладеала. Кога гревот завладеал, тој завладеал против благодатта; ја покорил сета сила на благодатта која Бог ја дал, но кога силата на гревот е победена и кога благодатта владее, тогаш благодатта владее против гревот и ја покорува сета сила на гревот. Значи, буквално, кога благодата владее, полесно е да се постапува исправно отколку грешно, како што е вистина дека кога владее гревот е полесно да се постапува грешно отколку исправно.

Значи, начинот или патот е јасен, зарем не? Ајде да одиме по тој пат. „Како што гревот завладеал со смртта, така и благодатта да завладее преку праведноста за живот вечен, преку Исус Христос, нашиот Господ. Што, пак, да речеме? Ќе останеме ли во гревот, за да се наголеми благодатта?“

[Гласови: „Боже сочувај-Никако.“]

Вие велите: „Боже сочувај-Никако.“ Во право сте. Сега, Бог забранил и вие го поддржувате, против грешењето за да се наголеми благодатта. Тогаш, зарем Бог не ставил забрана против грешењето воопшто? Дали се согласувате со тоа? Дали се согласувате со Божјата забрана дека не смеете воопшто да грешите под владеењето на благодатта?

[Гласови: „Да“]

Тогаш, не Му е ли намерата да не сочува мене и вас од грешење? И кога веќе знаеме дека Тој има таква намера, тогаш, кога можеме со сигурност тоа да го очекуваме? Ако не се очекува такво нешто, тогаш никогаш нема да се постигне.

Така, првиот стих од шестото поглавје до Римјаните покажува дека Бог има намера да бидеме сочувани од грешење, зарем не? Што вели вториот стих? „Ние, кои сме умреле за гревот, како да живееме уште во него?“ Па, како ќе го постигнеме тоа? Тогаш, која е намерата на овој стих? Дека не треба воопшто да продолжиме да грешиме. Тогаш, смртта го донесува закопувањето. Закопани со Него во смртта преку крштевањето и воскреснати да чекориме во новиот живот. „Знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот.“ Еве го правецот претставен пред нас, а тоа е патот преку крстот.

Сега, забележете три работи овде: Знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, поради што? „За да биде уништено гревовното тело.“ А поради која причина? „Па да не бидеме веќе робови на гревот.“ Ако гревовното тело не биде уништено, ние ќе му служиме на гревот. Ако стариот човек не биде распнат, гревовното тело не е уништено. Тогаш, начинот да се биде сочуван од грешење е патот на распнување и уништување.

Единственото прашање кој секој од нас треба да го одговори е: Дали попрво би се уништиле и распнале отколку да грешиме? Ако, во овој момент, еднаш засекогаш решите дека попрво би биле распнати и попрво би се соочиле со уништување отколку да грешите, никогаш повеќе нема да грешите. „Распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот.“ Тогаш, слободата од робувањето на гревот лежи само преку распнување и уништување. Што ќе одберете, грев или распнување и уништување? Дали би одбрале уништување и со тоа да се ослободите од гревот? Или пак ќе одберете и грев и уништување? Прашањето е тоа. Не постои алтернатива. Оној кој сака да одбегне уништување, да се спаси од уништување, уништување и ќе го снајде. Тој кој ќе одбере уништување, ќе се спаси од уништување.

Значи, патот на уништување преку крстот Христов е патот на спасение. Исус Христос одбрал уништување на крст, за да ни донесе спасение мене и вам. Уништувањето на Божјиот син на крстот е цената за нашето спасение. Дали ќе го дадеме уништувањето за спасението? Дали? Секој кој цврсто го држи во раката како вечна понуда уништувањето за спасението, секој момент од својот живот, никогаш нема да остане без спасението. (Марко 8,35)

Но, токму тука доаѓа проблемот. Уништувањето не е пријатно; не е лесно – барем не за стариот човек. Како природен избор, уништувањето не е лесно, но е лесно за оној кој всушност го прави тоа. Лесно е кога се прави, и продолжува да биде лесно цело време додека тоа трае.

Кога треба ова да го направиме? Кога Тој ве поставува безгрешни и без порок пред славата Своја? Сега. И единствениот начин е преку уништувањето. Сега е времето кога треба да одбереме уништување. Сега е времето да се предадете себеси на уништувањето засекогаш. Но, ако се држам на страна, ако се повлечам од уништувањето, од што всушност се повлекувам? Од спасението. Бидејќи „нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот.“

Тогаш, ако се соочам со нешто што ми задава притисок кој личи на уништување, всушност тоа е во ред; бидејќи уништување е тоа и што одбрав, за да не му робувам на гревот. Таквото предавање на христијанинот му донесува пријатност во живот радостен, мир кој трае, и задоволство од сочувањето од гревот, и вреди за сето уништување кое може да ни надојде. Вреди. Значи, не е тешка спогодбата која ни е понудена; всушност, таа е највеличествената која некогаш дошла до човештвото.

Распнување, уништување, и неробување на гревот од тој момент – ете го патот до христијанско совршенство. Зошто? „Бидејќи, кој е мртов, тој е ослободен од гревот.“ Римјаните 6,7. Благодарете му на Бога, „бидејќи кој е мртов, тој е ослободен од гревот.“ Тогаш, единственото прашање кое може да дојде во нашиот живот би било: Дали сум мртов? И ако не сум и нешто се случи што ќе го оствари тоа, слободата од гревот е единствената последица; и тоа вреди сè.

Погледнете го исто така и следниот стих: „А ако сме умреле со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме“ Првиот стих ни кажува дека ќе бидеме слободни од гревот. Вториот стих ни кажува дека ќе бидеме слободни од гревот. Шестиот стих ни кажува дека после тоа нема да му робуваме на гревот; седмиот стих вели дека оној, кој е мртов, е ослободен од гревот; осмиот стих вели дека ако сме мртви со Христос, со него и ќе живееме. Каде живее Тој, во праведност или во грев?

[Гласови: „Во праведност.“]

Многу добро. Тогаш, јасно е дека првиот, вториот, шестиот, седмиот и осмиот стих од шестото поглавје до Римјаните, се со намера да бидеме сочувани од грешење.

А деветиот стих, што вели тој? „Знаејќи дека Христос, откако воскресна од мртвите, не умира повеќе: смртта нема веќе власт над Него.“ Како смртта имала воопшто власт над него? Поради гревот, но не поради Неговиот, туку поради нашиот, „Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Бог за нас Го направи грев.“ Потоа гревот повеќе немал власт над Него. Тој го победил гревот и сите негови последици, засекогаш. Тогаш, што ни вели мене и вам овој стих? Ние сме воскреснати со Него. „Тоа што Тој умре, за гревот умре еднаш засекогаш, а животот што го живее, за Бога го живее.“ Тогаш, и деветиот и десетиот стих исто така велат дека ќе бидеме сочувани од грешење.

Единаесетиот стих: „Па така и вие сметајте се мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ. И гревот да не царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на телесните наслади!“ И повторно ни укажува дека не треба да грешиме.

Не препуштајте му ги на гревот вашите органи на телото како орудија на неправедноста, туку препуштете Му се на Бога како оние што оживеале од мртвите, и вашите органи на телото како орудија на праведноста. Гревот нема да господари над вас, зашто вие не сте под Законот, туку под благодатта.“ Власта на благодатта ја возвишува душата над гревот, таму и ја држи, надвладува над силата на гревот, и ја ослободува душата од грешење.

„Па што? Да грешиме ли, бидејќи не сме под Законот, туку под благодатта? Тоа никако!“ Па така, од првиот стих па сè до четиринаесетиот од шестата глава до Римјаните, се проповеда, одново и одново, ослободување од гревот и од грешењето. Тоа е супер, но има нешто пред тоа. „Да се стремиме кон совршенство.“

Слушајте: „Дали знаете дека, ако му се предавате некому како робови за послушност, робови сте му на оној кому му се покорувате: или на гревот, кој води во смрт, или – на послушноста, која води кон праведност?“ Ослободени од силата на гревот, на кого му се предавате? На Бога. Тогаш вие сте Негови слуги, ослободете се и служете на праведноста. Бог нема намера за нас да имаме празен живот држејќи нè да не грешиме. Тој има намера да има активно и интелигентно служење, на кое резултат ќе биде единствено праведноста. За восхитување е и големо тоа да бидеме ослободени од гревот и да бидеме сочувани од грешење; исто така, за восхитување е и големо тоа да се биде направен служител на праведноста така што нашата служба е на праведноста.

Затоа, секоја душа нека екне во благодарност „на Бога, вие, иако бевте робови на гревот, од сè срце се покоривте на оној образец на поука, на која и се предадовте. И така ослободувајќи се од гревот, вие станавте робови на праведноста.“ Благодарете Му на Бога за тоа! Тој вели дека станавте (робови на праведноста), и кога Тој вели, тоа е така. Благодарете Му за тоа. Благодарете Му за тоа дека сте ослободени од гревот, и благодарете Му на Господа за тоа дека сте служители на праведноста. Тој ве направи да бидете, бидејќи тоа Тој го кажува.

Но тоа не е сè. „Ви зборувам како човек, поради слабоста на вашата човечка природа. Како што ги препуштивте органите на вашето тело во телесна служба на нечистотата и беззаконието за беззаконие, така и сега оставете ги деловите од вашето тело да и робуваат на праведноста која води во светост. Додека му бевте робови на гревот, бевте слободни од праведноста.“ Господ овде се повикува на вашето и моето искуство. „Додека му бевте робови на гревот, бевте слободни од праведноста.“ Вие знаете дека тоа е така. Земете го сега дополнувањето на ова: „А каков плод имавте тогаш? Дела, од кои сега се срамувате, бидејќи нивниот крај е смртта. Но сега, кога се ослободивте од гревот и Му станавте служители на Бога, имате плод кој води во светост, а крајот – животот вечен.“

Ние не сме слуги на гревот, слободни од праведноста, туку сме слуги на праведноста, слободни од гревот. Како што живеев од ова, и Господ ја хранеше мојата душа од сето тоа, се потсетувам од време на време на еден Милтонов стих каде што тој зборува за песните на ангелите како ноти „одамна изведени со одмерена слаткост.“ Шестото поглавје од Римјаните е една од тие ноти со одмерена слаткост, одамна изведена.

Тоа започнува со ослободување од гревот; тоа е величествено. Потоа врз тоа, слобода од грешење, и тоа е исто величествено. Потоа врз тоа, служители на праведноста, и тоа е исто величествено. Потоа врз тоа, кон совршенство, и тоа е исто величествено. И врз сите, последното, вечен живот, и тоа исто е величествено. Нели е тоа нота од Господ, одамна изведена со измерена слаткост? О, примете ја, живејте од неа, слушнете ги слатките тонови, и дозволете им да лебдат во душата и дење и ноќе! Тоа и прави добро на душата.

И тоа е патот до христијанско совршенство. Тоа е патот на распнување, на уништување на гревовното тело, за слобода од грешење, за служење на праведноста, кон светост, кон совршенство во Исус Христос преку Светиот Дух за вечен живот.

Ајде повторно да погледнеме на изјавата дека е дадена „за усовршување на светиите додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота.“ Еве ја поврзаноста. Патот кој Христос го поминал во овој грешен свет, и тоа во грешно тело како твоето и моето, натоварен со гревовите на светот, патот со кој постигнал совршенство, е патот кон совршенство поставен и пред нас.

Тој бил роден од Светиот Дух. Со други зборови, Исус Христос бил наново роден. Тој дошол од небото на земјата, Првороден од Бога, и бил наново роден. Но, сите Христови дела се во спротивност на нашите: Тој, безгрешниот, бил направен грев да би можеле ние да бидеме направени од Бога праведни преку Него. Тој, Принцот и Авторот на животот, Живиот, умре за ние да живееме. Оној, чие потекло е од деновите на вечноста, првороден од Бога, наново се родил, за да можеме ние наново да се родиме.

Ако Исус Христос не се родил наново, би можеле ли вие и јас наново да се родиме? Не. Но тој се родил наново, од светот на праведноста во светот на гревот; како би можеле да се родиме наново, од светот на гревот во светот на праведноста. Тој наново се родил и станал учесник во човековата природа како би можеле и ние да се родиме наново и така да станеме учесници во божествената природа. Тој бил наново роден на земјата, како грев и како човек, да би можеле ние наново да се родиме на небото, како праведници и како Него.

Брат Коверт вели дека токму тоа нè прави браќа. Тоа сигурно нè прави браќа. И тој не се ни срами да нè нарече браќа.

Тој, тогаш се родил наново преку Светиот Дух, бидејќи е напишано и кажано на Марија: „Ангелот ѝ одговори и рече: „Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји.“

Исус, роден наново од Светиот Дух, растел „во мудроста и возраста“ сè до полнотата во животот и карактерот на земјата, растел до таму каде што можел да каже на Бога: „Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си ми го дал да го извршам.“ Божјата замисла и план се извршиле до совршенство во Него. Исус, роден наново од светиот Дух, роден од тело и крв како и ние, „преку страдања да го усоврши“ Капетанот на нашето спасение. Бидејќи „иако беше Син, Тој се научи на послушност од она што го пострада, а, откако се усоврши, стана извор за вечно спасение на сите оние кои Му се послушни.“ Евреите 2,10; 5,8.9. Така, преку страдање, Исус постигнал совршенство во човечко тело; бидејќи и ние во свет на страдање и човечко тело мораме да постигнеме совршенство.

И цело време додека растел, цело време бил совршен. Забележувате ли? Многумина луѓе не ја разбираат целата мисла на христијанското совршенство – тие мислат дека највисокиот степен е единствената мерка. Тоа е Божјиот план, но највисокиот степен не се постигнува на почетокот. Погледнете повторно во четвртото поглавје во Ефесјаните. Овој предлог е даден на вас и мене, за тоа како би го постигнале совршенството „до мера на возраста на Христовата полнота.“ Го прочитав тринаесетиот стих; а сега и од 12-15: „За усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело, додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота, та да не бидеме веќе мали деца што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, преку човечките заблуди, во лукавството на измама кон заблуда. Туку со љубов држејќи се за вистината во секој поглед да растеме во Оној, Кој е глава, Христос.“

Ова треба да се постигне и во мене и во вас преку растење, но не може да има растење таму каде што нема живот. Ова е растење во спознавањето на Бога, растење во мудроста на Бога, растење во карактерот Божји, растење во Бога; па затоа само и може преку животот Божји. Но тој живот се всадува во човекот во нановото раѓање. Тој е наново роден, роден од Светиот Дух; и Божјиот живот таму е всаден, како би можел Тој да расте „во Оној,“ – колку? „Во сè!“

Се сеќавате дека „царството небесно прилега на човек што посеал добро семе на својата нива.“ А „семето е словото Божјо.“ Семето е насадено. Тој знае дека тоа расте и дење и ноќе, но не знае како. А тоа семе е какво? Совршено, бидејќи е од Бога. Пушта никулци во моментов. А што е со никулците?

[Насобраните: „И тоа е совршено“] 

Дали? 

[Гласови: „Да“] 

Но, тоа не е глава на жито. Тоа не е стебло што стои полно и силно. Тоа е кревок никулец само што почнал да навира на површината. Но, што има од тоа? Зарем не е совршено? 

[Насобраните: „Да“]

Според стапката на неговиот напредок, тоа е совршено во тој момент исто колку што ќе биде и кога неговиот раст ќе биде завршен, во моментот на зрелост. Зарем не гледате? Не дозволувајте таква заблуда да пребива. Отстранете ја!

Кога тој никулец ќе се покаже на површината, вие застанувате да го погледнете. Тоа е нешто кое заслужува воодушевување. Тоа е шармантно, бидејќи е совршено. Тоа е како совршено тревче што се појавило на земјата, но тоа е само нежно вретено, едвај гледајќи низ земјата. Тоа е сè што има од него, но е совршено. Совршено е, бидејќи е од Бога создадено. Бог е единствениот кој има нешто сторено во врска со тоа. Зарем не гледате? Во ред. Значи, и јас и вие, наново родени од доброто семе на Божјото слово – родени од Божјото слово и Светиот Дух, родени од совршеното семе – и кога тоа семе ќе никне и почнува да расте и да се појавува помеѓу луѓето, луѓето ги гледаат карактеристиките на Христа. А каков е Тој? Совршен. Тогаш, каков е христијанинот во тој момент?

[Насобраните: „Совршен.“]

Ако наново се родиме преку силата на Исус Христос, и ако самиот Бог го управува тоа, какво ќе биде тоа што ќе се појави? Ќе биде совршено. И тоа е христијанско совршенство во тој момент. Исус Христос во тој момент пред тронот ве претставува свети, непоколебливи и без мана.

Тој никулец расте и стои над земјата, во тој момент друго тревче се појавува. Сега има две, и секое е исто толку убаво како и другото. Третото се појавува. Сега е стебленце, и сè уште расте. Сега се претставува во друга слика не како таа што е претходно претставена. Навистина е друга слика, но не повеќе совршена од првата. Таа е поблиску до крајното совршенство, поблиску до остварување на Божјата цел, но иако поблиску до крајното совршенство, не е повеќе совршено кога стои така, отколку од моментот кога почнало да навира на површината.

Со време ќе порасне до својата полнота. Главата ќе биде целосно оформена. Ќе се појави цвет. А поради тоа ќе биде и поубаво. И конечно, се појавува целото зрно жито, совршено; и зрната на пченицата, сите до едно совршени. И работата, Божјата работа, конечно е завршена. Совршено е. Тоа достигна совршенство според Божјите замисли од самиот почеток.

Тоа е христијанско совршенство. Тоа доаѓа преку растот. Но, растот може да биде само преку Божјиот живот. И бидејќи Божјиот живот е изворот, тоа може да расте само по Божја наредба. Само Тој може да го оформи растот. Само Тој ја знае, во совршенство, скицата на растот. Христос е скицата. Бог совршено ја познава скицата, и Тој може да предизвика ние да пораснеме во совршенство водејќи се по таа скица, бидејќи истата сила, истиот живот е во овој раст, како и во оној раст на оригиналната скица, Исус Христос.

И како што Исус започнал, со Неговото раѓање, како мало дете во човечко тело, пораснал и ја завршил работата која Бог Му ја дал да ја направи, значи јас и вие, наново родени, растејќи во Него во сите нешта, доаѓаме во денот кога, како и Тој што дошол, и ние ќе кажеме во праведност: „Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си ми го дал да го извршам.“ Бидејќи е запишано: „Но во деновите, кога седмиот ангел ќе се огласи и ќе затруби, тогаш ќе се изврши тајната на Бога, како што им беше објавил Тој на своите слуги – пророците.“ Ние сме во тој ден. Ние ја имаме таа тајна дадена на нас за да ја дадеме на светот. Таа треба да биде завршена за светот, и таа треба да биде завршена кај оние што ја имаат.

Но, која е таа Божја тајна? „Христос, надежта на славата, е во нас.“ „Бог… се јави во тело.“ Тогаш во тие денови, таа тајна ќе биде завршена во сто четириесет и четири илјади луѓе. Божјото дело во човечко тело, Бог манифестиран во човечко тело, ќе биде завршено во вас и во мене. Неговото дело ќе биде завршено во мене и во вас. Ние ќе бидеме совршени во Исус Христос. Преку Духот, ние ќе дојдеме до совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота.

Нели вреди да се има тоа? Нели е Господовиот пат добар пат кон совршенство? О, тогаш ајде „да го оставиме почетното учење за Христос и да се стремиме кон совршенство, да не ја поставуваме одново основата: покајанието од мртви дела и верата во Бога, науката за крштевањето, ракополагањето, воскресението на мртвите и вечниот суд.“ Тој нè ослободил од нестабилниот темел на којшто бевме, кога бевме во гревот. Нека единствениот темел ви биде служењето на праведноста за светост, и крајот, вечен живот.

И за секоја душа која ќе се соочи со судот и стои во присуство на Судот, предавајќи се себеси на распнување и уништување, тоа ќе биде остварено на Божји начин и во краткото време за кое Тој ветил дека ќе нè донесе до праведност. Според тоа, само Бог, Божјата проценка, Неговиот стандард, и со Христос како скица и Неговото дело се секогаш, во сè, насекаде и засекогаш! Тогаш, радувајте се. Дозволете Христос да биде прв, последен, и присутен цело време.

A. T. Jones
Advent Review and Sabbath Herald, July 18, July 25, August 1, 1899

Pin It on Pinterest