БЕГСТВО КОН БОГА (четврто поглавје)

 

„Денес изберете кому ќе му служите.“ (Исус Навин 24,15 ; Библија)

Нашите напори да го поедноставиме животот донесоа прекрасни резултати. Работните места и привлечностите на овој свет беа искоренети од срцето. Меѓутоа, тоа само по себе не беше доволно да ми ја донесе посакуваната среќа и мир. Знаев дека нас Бог нè одведе во дивината првенствено поради нашето духовно напредување. Додека со години ги проучував сложените теолошки системи, тие проучувања никогаш не успеаа да го произведат оној вид на промени во карактерот кои сакав да ги имам во мојот живот. Сеуште работев со погрешна идеја дека повеќе знаење, повеќе разбирање и повеќе совршено сфатени теологии е сè што ми е потребно, за да дојде до преобразба во мојот живот.

Со таква идеја во својата глава, купив пет книги од пет познати и угледни теолози. Овде во дивината конечно добив време и осетив склоност кон стекнување на активно и детално знаење, кое само по себе е спасоносно. Со нетрпение почнав да читам. Во времето кога го завршував читањето на последната книга, ме совлада збунетост каква никогаш порано не сум ја осетил. Беше јасно дека помеѓу учените теолози, авторите на книгите, никој со никој не се сложуваше. Ако тие не можат да го разберат Евангелието и да се сложат, каква надеж можев да имам јас?

Длабоко во срцето знаев дека Евангелието не може да биде комплицирано како што луѓето го претставуваат. Здравиот разум ми зборуваше дека вистинското Евангелие ќе ме сочува во оние области од мојот живот каде силата на мојата волја ќе се покаже како потполно бескорисна. Таквото Евангелие ќе ми донесе сила да ги контролирам своите чувства, своите мисли и страсти. Со Божја помош на водство направив многу промени во мојот живот, а сепак копнеев за мирот со Него. Сеуште се надевав дека ќе добијам полна сигурност во сопственото спасение.

Како што реков, како фамилија на почетокот бевме свесни дека нашиот пригратски живот беше премногу комплициран, пренатрупан со обврски. Дури кога се најдов во дивината започна да ми доаѓа мислата во главата дека мојата теологија го има истиот проблем кој го оптеретува животот на целокупната наша цивилизација. Уште еднаш дојде време работите да се поедностават.

Се вратив на проучување на Библијата со искрена молитва. Овој пат не ја отварав за да докажам некоја теолошка позиција или за да дојдам до уште едно теолошко сознание. Му пристапив на Божјиот збор како грешник, кој има потреба од спасение. Знаев дека ќе бидам изгубен ако не стекнам подобро и подлабоко животно искуство, она искуство кое може да го спаси Џим Хонбергер од него самиот! Кога и се приближив на Библијата со понизен и послушен дух, таа стана жив извор. Од нејзините страници потече порака за спасение која беше исто толку едноставна и исто толку практична и применлива во мојот живот, како и самиот престој во дивината каде Бог нè повика да живееме.

Библијата ми даде поука за пораката на Евангелието, која во својата наједноставна форма се сведува на правење избори – едноставни, искрени, секојдневни избори. Овие избори, обединети и комбинирани, ја сочинуваат самата суштина и основата на христијанските искуства. Мојата привилегија во ова поглавје е со вас да ја поделам вистината за овие избори, вистината која толку го преобрази мојот живот.

Некои зборуваат дека премногу го поедноставувам Евангелието. Искрено, не верувам дека тоа е возможно. Евангелието мора така едноставно да се изложи така што и малите деца ќе можат да го сфатат. Други можат да ме оптужат дека проповедам спасение со дела. Ништо не е толку далеку од вистината како оваа забелешка! Пред да го откријам вистинското Евангелие, целиот свој дотогашен „христијански“ живот го потрошив во обидување да бидам добар, да се променам со своја сопствена човечка сила. Секако, чувствував бесцелност од овие обиди и празнина од едно такво искуство. Сепак, не се срамам од Христовото Евангелие кое не само што може, туку и прави промени во животот на секој човек, жена или дете кое ќе го прифати. Овие промени се неизоставени плодови на Евангелието.

Тие кои го отфрлаат фактот дека христијаните можат да бидат послушни и да прават добри дела, никогаш не ја вкусиле милоста ниту ја искусиле силата која е извор од нив самите. Оваа сила „може да ве запази да останете безгрешни и без порок, и да ве постави пред славата Своја во радост “ (Јуда 24 ; Библија).

Затоа, ако сте склони да критикувате, можеби нема да гледате со одобрување на она што се наоѓа на следните страници на оваа книга. Меѓутоа, ако и вие, копнеете за нешто подобро од она што досега сте го искусиле, ако сакате потполна сигурност на сопственото спасение, а не само теолошко брборење, ако сте желни за мир со Бога, и соодветно со ова, мир со самите себе, тогаш свртете ги страниците кои следат и истражете ги заедно со мене сите тие можности на избори кои ни стојат на располагање.

⃰⃰    ⃰⃰    ⃰⃰

Штотуку венчан пар беше на самиот почеток од својот заеднички живот. Додека седеа на аеродромот во Салт Лејк Сити и го чекаа својот лет, тивко ја читаа Библијата која беше отворена на неговите колена. Тој беше од неодамна ракоположен проповедник и неговата искреност и ревност беа на врвот. Овој пар го привлекуваше вниманието и беше тешко да не се посматраат толку очигледно заљубени, но сепак со таа отворена Библија која ги одвојуваше од останатите патници.

Ал, побожен деловен човек, мормон по вероисповед, исто така ги примети. Седна наспроти нив, недалеку од нив, чекајќи го истиот лет. Гледаше право во овој пар, поместувајќи го погледот секој пат кога ќе примети дека тие гледаат во неговиот правец. Ал беше човек на свое место и никогаш не би дозволил да го сметаат за непристоен затоа што гледа во некој. Премногу доцна примети дека овој млад пар веќе станал свесен за неговото интересирање за нив. Наеднаш ја затворија Библијата. Младиот човек стана од своето место и одлучно се упати кон странецот чие внимание толку силно го привлече тој и неговата сопруга.

Ал ја посети нашата фамилија само неколку месеци пред ова. Тој е успешен бизнисмен во Западна Монтана, не толку далеку од местото во кое живееме. Дојде во нашиот дом со двајца млади мисионери, мормони. Претпоставувам дека причината за нивната посета беше да ме просветлат по прашањето морморизам. Бог, меѓутоа, имаше сосем други планови. Ал беше маѓепсан додека слушаше за нашиот стил на живеење, нашите цели кога станува збор за животот на село и начинот на кој го разбиравме Евангелието, така што тој и јас станавме блиски и почнавме често да се посетуваме, што малку подоцна се претвори во пријателство кое ветува долготрајност. За време на нивната посета, другите два мисионери беа многу тивки и изразуваа нелагодност; едвај да прозбореа некој збор. За разлика од нив, Ал потполно ја преврте причината на нивната посета, така што почна живо да се интересира за нашата религија. Се покажа дека Ал е навистина фасцинантен човек, независен мислител, без страв да го преиспита своето верување и вредностите. Оваа ретка црта толку го направи омилен во моите очи, така што решив да останам во контакт со него и да го посетувам кога ќе можам.

Проаѓајќи еден ден пред канцеларијата на Ал, одличив да поминам кај него. Беше навистина среќен што ме гледа и бидејќи се поздравивме, продолжи да ми го раскажува искуството од аеродромот.

– Извините, господине! – рече младиот проповедник, приоѓајќи му на Ал. – Не можев а да не приметам како нè посматрате. Можам ли нешто да ве прашам?

– Секако! – одговори Ал, додека на себе си префрлаше што поради него е нарушен мирот на младиот брачен пар.

– Господине, ако ни се случи да ни се сруши авионот, пред да стигнеме до дестинацијата, и сите заедно да загинеме, дали во овој момент сте сигурни за сопственото спасение?

– Мислам дека сум – одговорил мојот пријател.

– Тоа не е доволно – возврати младиот човек во својата искреност – Морате да знаете! Сега дозволете ми повторно да ве прашам: Ако денес умрете, сакате ли да бидете спасени?

– Не знам – гласеше искрениот одговор на Ал.

– Слушајте – рече младиот проповедник, додека ги листаше страниците на својата Библија, а потоа почна да чита – Јован 3,15.16: „Та секој, кој верува во Него да не загине, но да има вечен живот. Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот.“ Јован 6,47: „Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене има вечен живот.“ И конечно Јован 11,25: „Исус ѝ рече: Јас Сум Воскресението и Животот; кој верува во Мене – и да умре – ќе живее.“ Така рече на крајот победнички – ако мораш да умреш, ќе бидеш ли спасен?

– Да, верувам така – рече Ал.

– Во тој случај – заклучи младиот проповедник – ти си христијанин и имаш вечен живот.

– Знаеш – му одговори Ал на овој млад човек – навистина ѝ се восхитувам на твојата ревност. И јас некогаш ја имав додека одев во мисионски посети.

– Мисионски посети! – повика проповедникот – Некогаш си одел во мисионски посети! Зарем ти си мормон? – праша помалку со гадење.

– Да – рече Ал збунет од оваа изненадна промена.

– Зошто не ми рековте дека сте мормон?

– Па не ме прашавте.

– Е па жал ми е – рече проповедникот – мормоните нема да бидат на небото.

Кога ги изговори овие зборови, младиот човек се сврте и отиде назад до своето место

Довршувајќи ја својата приказна, Ал полека се сврте кон мене и рече:

– Џим, јас сум збунет? Можеш ли да ми дадеш некоја светлост по ова прашање?

– Ќе се обидам – одговорив.

Беше јасно дека Ал не е загрижен поради нефер однесувањето и предрасудите кои морал да ги претрпи. Беше доволно интелигентен за да го игнорира непријатното држење на младиот проповедник. Ал се бореше со нешто многу посериозно – како да знаеш, како навистина да знаеш дали си или не си спасен.

„Господи“ – се молев во своите мисли – „дај ми мудрост и вистински зборови да дадам одговор кој ќе го задоволи овој човек. Помогни ми да ги срушам бариерите кои сме ги поставиле меѓу себе поради црквените и доктриналните разлики.“ Спремен сум да му посветам на Ал многу внимание, му побарав парче хартија, сакајќи да му го илустрирам тоа што сакав да му го кажам. Ал ми даде лист хартија. Земав пенкало и почнав.

– Ал, христијанскиот живот не го сочинуваат доктрини, кредо, „реформи“, или припадност на црква. Него не го сочинува дури ниту нашето лично осведочување за вистината. Христијанскиот живот е навистина збир од одлуки, правење избори. Кога Бог ќе ни даде разбирање за вистината и ќе го осветли нашиот ум со светлост, тоа секогаш е поврзано со некаков избор. Мораме да избереме дали ќе се потчиниме на Божјата волја или да одбиеме тоа да го направиме. Кога сите мои свесни одлуки се на Божјата страна, тогаш Тој ме има.

Ајде да го замислиме христијанскиот живот како некакви сто одлуки кои мораме да ги донесеме – го започнав своето објаснување, запишувајќи ја бројката на хартијата – Дали се сеќаваш на разбојниците на крстот? – го прашав гледајќи го Ал.

Тој потврди, а јас продолжив:

– Овој христијанин не знаеше речиси ништо за христијанскиот живот. Во неговиот ум постоеше свест за неколку, да кажеме десет одлуки кои се поврзани за христијанскиот живот. Меѓутоа, низ тие десет одлуки за кои знаеше дека мора да ги донесе, тој целосно му се предал на Бога. Исус во тие моменти можел да му понуди полна сигурност на спасение, не поради неговото големо знаење, туку затоа што избрал да му се предаде на Бога, свесно определувајќи се за Него СО СЕКОЈА СВОЈА ОДЛУКА. Да живеел долго, би имал прилика уште повеќе да напредува во своето христијанско искуство. Неговиот збир на одлуки би се ширел тежејќи да ја опфати целата скала која претставува полнина на христијанскиот живот.

Тука бил и Кајафа, еврејски свештеник кој сакал да го убие Исус. Бил свесен за многуте вистини од Божјиот збор. Имал многу светлина и таа му овозможила да кажеме најмалку 70 избори и исто толку одлуки – реков запишувајќи го на хартијата новиот број. Да претпоставиме дека своеволно одлучил да ја потчини својата волја на Бога во само 50 случаи. Релативно посматрано, тој довел повеќе добри одлуки и себеси се предал на Бога повеќе пати отколку разбојникот, па сепак, и покрај неговото навистина големо знаење и големиот број на добро направени избори, Кајафа бил во побуна против Бога. Тој да висел на крстот наместо разбојникот, Исус не би можел да му даде никаква сигурност на спасение. Зошто? Затоа што не ја потчинил целата своја волја и не ги донел сите одлуки кои свесно можел да ги донесе, додека разбојникот тоа го направил.

– Ал – реков – веруваш ли ти дека Исус дошол на земјата и како твоја замена ја платил цената за твоите гревови?

– Да, верувам.

– Во тој случај – реков – ти си го прифатил Исус како твој Заменик. Тоа е добро, но тоа само по себе не е доволно. Мораш да го имаш Исус како Господар на својот живот. Дали ти во овој момент потполно му се имаш предадено на Богa во сите одлуки, за кои свесно знаеш дека мораш да ги донесеш? Дали си во мир со Бога?

– Не, не сум – одговори Ал тивко.

– Тогаш не си го прифатил Исус како свој Господ, а без тоа, твојата желба да Го имаш како Спасител не е доволна за да ти донесе мир во твојот живот, ниту спасение во животот кој доаѓа. Овие двете неизоставено одат заедно.

– Гледаш Ал, христијанскиот живот не се однесува толку на она колку и што знаеш, или колку си активен, туку дали во секој свој свесен избор си ја избрал Божјата страна, потчинувајќи се на Неговата волја. Сè што знаел, разбојникот на крстот му го предал на Бога. Со тоа бил сто посто Божји, иако можеби постоеле некои области од неговиот живот кои требало да се корегираат, а за кои тој во тој момент не бил свесен.

Но Ал, ако секој човек тврдоглаво и упорно го одбива Бога во само една работа, тогаш тоа едно ќе го доведе до таму да се придружи во голема побуна против Бога, која сатаната ја започнал. Без разлика на тоа колку ние сакаме Исус да биде наш Спасител, без разлика колку нашето срце е привлечено од Неговата љубов, истрајноста во отпорот против Неговото водство, на крајот нас ќе нè уништи, како што го уништил сатаната.

– Сфаќам Џим, никогаш порано тоа не сум го разбирал. Ти благодарам – рече Ал кој очигледно се мачеше да се согласи со ова ново сфаќање.

Мојот разговор со Ал заврши на тоа место, меѓутоа библиската приказна содржи многу повеќе елементи кои треба да се разберат. Тој ист ден до одлука дошле и други двајца луѓе од кои можеме да учиме. Првиот бил Петар. Тој го следел Исус во поголемиот дел од Неговата јавна служба. Имал големи можности и бил изложен на голема светлост. Иако само обичен рибар, неговата блискост со

Христос му дала еднаков број прилики за правење добри избори исто толку колку што имал еден свештеник. Петар се приклонил на вистинската страна, во поголемиот дел од своите одлуки. Сепак, во неколку ситни работи не бил склон да се предаде. Неговата желба за самовоздигнување, неговата долгогодишна национална гордост и неговата тврдоглава самодоверба не биле потчинети на Бога. Не поминало многу време а Петар се нашол во состојба да одрекува како воопшто Го познава Исус. Тој бил Христов ученик, но паднал затоа што не ги потчинил на Бога сите свои познати дилеми.

Исус бил уште една личност која морала да донесе одлуки тој ист ден. Тој во својот живот ја остварувал само преданоста и потчинетоста на волјата на Својот Татко во изборите кои ги правел. Меѓутоа, тоа не било без борба, која толку јасно се видела го Гетсиманија, додека се молел на Својот Татко: „Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како што сакам Јас, туку како Ти!“ …. „Татко Мој! Ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде Твојата волја.” (Матеј 26,39.42).

Тој морал да избере како што и ние мораме. Ако го усвоиме Исусовиот принцип: „Не како што сакам јас, туку нека биде волјата Твоја,“ тоа ќе нè доведе до таму да направиме добар избор, дури и кога чувствуваме дека таков избор не ни се допаѓа.

Токму на ова место стануваат збунети и почнуваат да гледаат на христијанскиот живот како на патека преполна со тешкотии. Да се стане христијанин – тоа не е резултат на еден избор, туку плод на донесени исправни одлуки од минута во минута, непрекинато истрајување во одлуката да му се предадеш на Бога целиот.

Секој ден и секој час треба да живееме за Исус. Моето внимание треба да биде усредоточено на Неговата волја, на Неговиот пат. Многумина се обидуваат тоа да го постигнат со човечки напори. Тие ја залажуваат својата силна волја и се напрегаат цврсто решени да живеат христијански живот. Тоа секогаш се завршува со пораз.

Како тогаш е возможно да се живее секој ден, секој час и секој момент на слава на Бога? Тоа е многу едноставно. Треба да живееме како што живеел Исус. Секое утро Тој одвојувал време за да биде насамо со Бога. Ние, исто така, мораме да одвоиме време за да секое утро му се предадеме на Бога и да му ја потчинеме својата волја на почетокот на денот. Тоа не може да се постигне во брзање. Неопходно е време за да се комуницира со Бога и вистински да го слушнеме тоа што Тој лично има да ни Го каже. Бог на нас ни зборува преку Библијата, природата, провидението, но и директно преку впечатоците кои ги прави во нашиот ум. После разговорот со нашиот Татко и стекнување сигурност дека ништо не постои што ќе нè одвои од слушањето на Неговиот глас, можеме да здивнеме во сигурна вера дека Тој нас ќе нè води.

Бидејќи сме го напуштиле местото на нашето тивко предавање на Бога неопходно е да Го понесеме со себе за да преку целиот ден ја одржуваме комуникацијата и заедништвото со Него. Мораме да научиме да го поставиме прашањето: „Што сакаш да направам?“ (Дела 9,6). Господ сака да знаеме дека не сме сами во правењето на изборите. Потребна ни е помош која доаѓа од Изворот кој е надвор од нас, на почетоткот на денот, но и во текот на целиот ден. Кога ќе научиме да бидеме осетливи на поттикнувањето на Светиот Дух кој работи во нашите срца, и кога ќе научиме да ја потчиниме својата волја така што секогаш ќе ја извршуваме Неговата волја, тогаш доаѓа тоа: „…Во мене живее Христос.“ (Галатјаните 2,20).

Но, тогаш доаѓаат искушенија, можеби оние истите пред кои претходно сме потклекнале. Нашето искуство претходно се сведувало на стегање, за да им оддолееме на искушенијата, при што или сме доживувале неуспех, или сме се присилувале себеси да бидеме послушни. Нема мир ниту радост во таквото верско искуство. Пријатели, вистинската борба на искушение се одвива во срцата.

Најпрво морам да одлучам дали сакам да останам верен на Бога. Ако предавањето на својот живот на Бога е мој избор, тогаш нашето „јас“ умира и победата е веќе добиена. Бог ја дава целата неопходна сила за искушението да се пресретне и совлада. Тоа е тешко искуство затоа што нашето „јас“ мора да умре. Меѓутоа, тоа е единствен пат до стекнувањето на христијанскиот мир и радост!

Понатаму, мојот добар избор не ми дава никакви заслуги пред Бога. Јас не сум спасен поради моите одлуки. Самата желба со одлуката да се покорам на Бога, е дар на Неговата благодат. Спасението е во потполност Божји дар; сепак постои можност за наш избор, со кој му даваме на Бога слобода да го преобрази нашиот живот, преку посредство на делување на Неговата благодат на нашето срце.

Од витална важност е ова правилно да го согледаме, затоа што многу кои го носат Христовото име, живеат живот со чудна мешавина на Христа и нивното сопствено „јас“, кое се бори за управувачко место над животот. Овој тип на христијанско искуство е како детската играчка јо-јо, која непрекинато се движи горе – доле. Раѓањето од Светиот Дух е искуство кое поминува од допуштање на Христос да биде наш единствен Владетел во нашиот живот. Кога ќе се стави точка на комбиниран владетел (малку Христос, малку моето ,„јас“), душата конечно може да се одмори. Тогаш сме во состојба да ја учиме правата наука на спасение и јазикот на небото – како да му овозможите на Христос пристап до сите свои одлуки, и како потоа, на Неговата благодат и на живата вера да кажете „ДА“ на Бога, а „НЕ“ на своето „Јас“.

Секој избор до кој сме донесени претставува прилика својата волја и своите патишта да ги потчиниме на Бога. Библијата за ова зборува како за умирање на себе. Христос оваа вистина сликовито ја опишал на следниот начин: „Ве уверувам дека, доколку пченичното зрно не падне во земјата и не умре, тоа ќе остане само едно зрно. Ако пак умре, тоа ќе произведе многу нови зрна“ (Јован 12,24).

Како расте пченицата? Таа најпрво мора да биде положена во „гроб“, така да кажеме; сè додека билката живее, таа црпи живот од тој „гроб“. Христијаните треба да живеат на ист начин, вкоренети во Голгота. Не се работи само за согласносување/прифаќање на Голгота, туку за вистинско вложување во искуството од Голгота.

Не, ние не можеме да умреме за гревот како Исус што умрел, но сепак, ние можеме да умреме за гревот. Павле за тоа пишува во  Галатјаните 2,20: „И веќе не сум јас тој, кој живее во моето тело. Христос живее во мене. Животот што сега го живеам, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ја искажа Својата љубов спрема мене со тоа што го даде Својот живот за мене.

Павле исто така напишал: „Секој ден умираме…“ (2.Кор.4,10)

Очигледно Павле не умирал буквално секој ден. Она на што тој мисли е вистинското христијанско искуство кое бара секојдневно да умираме. Охрабрени сме да „да се држиме себеси мртви (се сметаме себе за мртви, веруваме дека сме мртви) за гревот и за себе самите (т.е. своето „јас“), а живи за Бога преку Исус Христос, нашиот Господ“ (Римјаните 6,11).

Во Писмото постојат убави илустрации, кои покажуваат како сопственото „јас“ се препушта на смртта, додека истовремено се потчинуваме на Божјата волја.  Ова можеби најдобро е кажано во 2. Коринтјаните 4,11: „Затоа што ние живите еднакво се предававме на смрт за Исуса, за да животот Исусов се јави во нашето смртно тело.“ Тоа е вистинско христијанство. Дозволете ми тоа да го објаснам со пример.

Едно студено зимско утро, не толку оддамна, се разбудив во вообичаеното време и поминав повеќе од два часа во библиско проучување и молитва. Го барав Бога рано наутро знаејќи ги своите сопствени слабости и сфаќајки дека вчерашното искуство нема да ме спаси од денешните проби. Секое утро пред доручекот, се собираме како фамилија на молитва пред Бога, барајќи од Него водство и заштита во текот на денот. Тоа е посебно време во нашиот дом кога меѓусебно се зближуваме и се поврзуваме со силни врски на љубовта и тоа баш за тој ден.

После нашето семејно богослужение, погледнав надвор и здогледав нови 40 cm мек снег. Мојата сопруга правеше палачинки и веќе можев да го замислам преливот од боровница како прави меури во врелата рерна и како преку топлите палачинки станува фина глазура. Тоа е доручекот, кој го рангирам меѓу најомилените. Само што почна да мириса од кујната, ми падна на памет да одвојам неколку минути, таман додека не бидат готови палачинките и со плугот да го избуткам снегот од влезот на нашата куќа.

Тука каде што живееме, на планинската висорамнина, има доста снег, и тоа по неколку метри секоја зима. Го тргаме на неколку начини. Можам да користам лопата за снег – но тоа е потешкиот начин или да го користам нашиот голем компресор, што би бил подобар начин. Меѓутоа, малку време после нашето преселување во дивината, дојдов до идеја дека ми е потребен плуг, кој ќе можам да го закачам на својата Тојота Ленд Крузер.

Запамтете дека во тоа време живеевме со многу скромна заработка, така што никако не можевме да си дозволиме голем вистинскки плуг со хидраучилно подигање, кој чини три илјади долари. Со малку замисла, и со инвестиција од 60 долари за дрвена ограда, успеав да направам дрвен плуг во облик на свртената буква “V”, да го обложам со калај, и сето тоа на одложено плаќање. Го закачив на металниот зајакнат браник на својот џип, така што можеше слободно да лизга по површината на патот и да го чисти снегот, штедејќи ми огромна сума на пари.

Бев многу задоволен со нашиот плуг од „домашно производство’. Не беше баш угледен, но заштедените пари и трудот околу чистењето на снегот беше фантастично. Додека се возев по прилазниот пат со закачениот плуг и го тргав снегот лево и десно од патот, уживав во божиќната идилична сцена и дружењето со Господа. Нашиот пристапен пат е долг околу три милји и на неговиот крај здогледав голем куп снег, кој тука го натрупал големиот чистач, додека го чистел главниот пат.

Го осетив оној тивок и тенок Божји глас, кој ме предупреди да не се обидувам да се пробијам низ тоа брдо снег, меѓутоа, јас тоа го одбив. Освен тоа, и претходно со плугот „напаѓав“  слични „снежни тврдини“. Овој пат плугот го прескокна купот со снег и падна на другата страна на исчистениот пат и при тоа го подигна целиот преден крај на моето возило над снежниот нанос кој беше напред. Така предните тркала на џипот останаа да висат во воздухот над купот со снег, додека задниот крај на возилото се потпираше со браникот на површината на патот.

Во таква ситуација предните тркала беа потполно неупотрбливи и мојот џип со погон на сите четири тркала беше немоќен, сосем заглавен. Бев заглавен на незгодно место, бидејќи со своето возило го блокирав патот баш зад големата непрегледна кривина. Секој кој би тргнал по овој пат можеше да ме удри без никакви шанси да забави. Тоа силно ме загрижуваше и немирот почна да се шири по целото мое тело. Во тој момент Господ му се обрати на моето срце:

– Џим, препушти ми го тоа на мене – ми рече тивок и тенок глас.

Тоа утро избрав да Му ги предадам сите свои одлуки. Сега морав да го обновам тој извор кој веќе го направив. Иако не сакам непријатности, повторно одлучив да ги потчинам своите мисли и своите чувства. Брзо се помолив додавајќи на се претходно, што веќе го потчинив на Бога тоа утро: „Господи, во опасна ситуација сум тука. Знам дека по овој наш пат проаѓаат малку автомобили, но те молам, не давај некој од нив да ме удри додека лежам овде, под својата кола.“

Остана да се направи само уште нешто – со дигалка да се подигне предниот крај на автомобилот, а тоа можев да го направам само ако лежам испод него. Тоа беше единствен начин да го откачам плугот и да го одвлечам од патот. Автомобилот тогаш лесно ќе се спушти на земја, а јас повторно ќе го закачам плугот и сè би било во ред.

Додека полека ползев под автомобилот, од неговиот заден дел кон предниот, доживеав уште една фрустрација и искушение да се одвојам од Исус и да им дадам место на своите чувства. Кога со плуг ќе чистите свеж снег, а потоа легнете испод загреаниот мотор, целиот снег кој тука се налепил, почнува да се топи. Се чувствував како под туш. Ладни капки ми паѓаа позади вратот и по лицето. И тоа како да не беше доволно, капките ми влегуваа во очите, што само по себе би било премногу дури и тоа да би било чист снег. Меѓутоа, тоа што се топеше заедно со снегот по моето лице и очи, беше нечистотија од моторот. Веднаш осетив потреба за самосожалување. Силно бев искушуван да ги развивам мислите од типот: „Сирот јас“ и од сè да направам вистинска претстава – жалопојка над самиот себе.

– Предади ми го тоа на мене – рече Бог со својот препознатлив тивок глас со кој му се обраќаше на мојот ум.

– Но Господи – одговорив – не ми се допаѓа ова!

– Џим, не се работи за тоа дали ти се допаѓа или не, туку за твојата спремност да Ми ја предадеш баш таа раздразнетост, која сега ја чувствуваш.

Видете, самопредавањето е суштина на Христовата наука. Сеуште ја учев таа тешка лекција.

– Добро, Господи, можеш да ја превземеш оваа ситуација – одговорив – само немој да дозволиш нешто да ме удри овде, на сред улица.

Речиси во истиот момент слушнав мотор од друг автомобил, кој се приближуваше. „О,не!“ – си помислив брзајќи да се извлечам од под џипот, и притоа ја удрив главата од неговиот заден дел. Беше тоа удар од кој расте голема џумка.

– Господи – реков – ова не е фер и не ми се допаѓа!

– Предади ми ги тие чувства, Џим. Немој да им се препушташ. Јас сум со тебе.

Уште еднаш требаше да направам избор и повторно со милоста Божја, ја потчинив својата волја на Неговата. Беше тоа уште една победа над сопствените мисли и чувства. Верата не е само верување во Бог, туку пред сè предавање на сите мои избори на Господа, секој ден, час, од момент во момент.

Автомобилот кој се приближуваше навреме застана и двајца излегоа од него. Беа трапери, кои тргнале во истражување на теренот. Го здогледаа мојот плуг и ја сфатија неволјата во која се најдов. Сето тоа за нив беше причина за забава. Почнаа да кажуваат шали на сметка на мојот плуг, а ниту „Здраво“ не кажаа. Веднаш посакав да им вратам мило за драго и да ги научам на памет, но Бог повторно ми се обрати со барање да Му го предадам својот гнев.

– Зошто не набавиш вистински плуг – рече еден од двајцата.

Можев да осетам како во мене се крева „пареа“ од бес. Мојата телесна природа сакаше да се издигне и да го возврати ударот, но Исус уште еднаш ме спречи, повикувајќи ме сето тоа да го предадам Нему. Евангелието е многу едноставно. Сè се сведува на тоа да му кажеш „Да“ на Бога и „Не“ на себе. Тоа е вера која фунционира и е плодна и ефективна.

– Слушајте – почнав – баш се заглавив овде – дали вие, момци, можете да закачите ланец за предниот крај на плугот и со вашиот камион да го одвоите од мојот автомобил? Во тој случај ќе можам да го ослободам мојот џип и за час ќе ја тргнеме пречката од патот, а вие ќе можете да продолжите каде што сте тргнале.

Прифатија, и за неколку минути јас повторно бев во возна состојба. Им заблагодарив и тие си заминаа по својот пат. Мојот помлад син, Ендру, тргнал по мене и ме сретна кога се враќав дома. Мојата сопруга знаеше колку време ми беше потребно за да го исчистам нашиот приоден пат. Заклучила дека се случил некој проблем, штом ме нема толку долго, па го испратила најмалиот син да ме најде.

Кога виде дека сè е во ред, запраша:

– Што се случило?

– Долга приказна – му одговорив.

– Е па кога сè е во ред – продолжи Ендру – јас ќе одам долу до комшиите. Тие не се дома, а јас им ветив дека ќе го хранам Одиј наместо нив.

Се чувстував како некој кој штотуку излегол од битка која ја добил. Беше веќе девет часот наутро, а јас бев потполно исцрпен. Порано секоја од овие незгоди сама за себе беше доволна за да ме одвои од Исуса и да ме натера да дадам место на својата стара природа. Со тага добро се сеќавам како својот бес го истурав на жената и децата. Честопати спрема нив бев непријатен и им го покажував својот гнев, посебно кога ќе направат некоја грешка. Ете, што гревот прави од нашите животи. Нè унесреќува и нас самите и сите други околу нас.

– Ендру, реков – зошто не би влегол да те префрлам до таму. Нахрани го кучето, а јас за тоа време ќе го исчистам и нивниот влез. Кога ќе се вратат, ќе бидат среќни што нема да морат да го чистат снегот со лопата.

– Одлично – извика Ендру и ние заедно се движевме по патот упатувајќи се кај нашите соседи.

Речиси да го исчистив целиот снег од нивниот голем и неасфалтиран приод, кога на патот ми се најдоа четири срушени стебла, покриени со снег.

Повторно се заглавив! Не можев ниту напред ниту назад. Тоа утро се чувствував дека никогаш нема да можам да се извлечам од неволјите. Повторно требаше да донесам одлука за предавањена своите чувства и мисли на Бога. Христијанскиот живот можеме да го живееме само со непрекинато отфрлање на своето „Јас“ и непрекинато потпирање на Христа.

– Ендру – најпосле одговорив – влези таму и нахрани го песот, а јас со радио врска ќе ја замолам мама да го испрати Метју со моторната пила. Таа ќе ни послужи да ги поместиме овие стебла, па се враќаме дома.

И така, додека Ендру тргна кон капијата на нашите комшии, јас излегов да ја набљудувам ситуацијата. Веднаш запазив нова неволја – издишана гума.

– Не, Боже. Ова навистина е премногу. Не сакам уште и издишана гума – кукав.

– Не треба да се откажеш, Џим. Можеш да избереш да останеш исправен ако сакаш.

– Добро, Господе. И ова ти го предавам. Но станувам уморен.

Ја извадив дизалицата и почнав да ја менувам гумата кога Ендру се врати да ми каже како Оди не сака да го пушти да влезе во дворот. Повторно сакав да побеснам и повторно осетив како Бог ме наговара да останам мирен и сталожено да разговарам со синот. За тоа време Метју веќе требаше да биде пристигнат, но никаде го немаше. Мојата природа, по којзнае кој пат тоа утро, сакаше да се разбие и да смисли најлоши работи за мојот син, само затоа што тој не се појавил во време кога јас очекував.

– Џим – Божјиот тивок и тенок глас сеуште му зборуваше на мојот ум – предади ми ги тие мисли. До сега и се спротиставуваше на оваа војна. Немој сега да се откажеш. Никогаш нема да те напуштам или да те заборавам. Те молам, не ме оставај ниту ти мене, Џим.

– Добро, Господе, ќе појдам да го побарам.

Само што излеговме на главниот приод за да видиме што станало со Метју, тој се појави задишан, влечејќи ја моторната пила. Она што ме изненади беше тоа што по него се гледаше дека нешто тешко работел. Беше целиот испотен и на него имаше струготини кои ги прави моторната пила.

– Тато, ги сечев стеблата кои беа паднати спрема нашиот приоден пат и….

– Нема врска, сине – реков – за тоа подоцна ќе разговараме.

Не можев да поверувам дека тоа сум јас, кој на тој начин разговара со својот син. Божјото влијание беше повеќе од очигледно. Освен тоа, неважно беше каде настанал шумот во нашата комуникација и зошто тој одлучил да ги сече стеблата. Пилата беше овде и јас веќе го чувствував вкусот на палачинките.

– Метју – реков – ти влези во автомобилот и запали го, а јас ќе бидам напред за да ги исечам стеблата кои се провлекле одоздола.

Така и беше, и за кратко време последниот трупец беше тргнат. Им реков на своите момчиња да појдат и да го нахранат Одиј. Метју добро го познаваше и бев сигурен дека нема опасност кучето да ги нападне. Јас за тоа време го чистев просторот околу гаражата на нашите комшии, и кога бев при крај, видов дека Метју и Ендру сепак имаат проблем. Кучето не им дозволуваше да пријдат до капијата.

– Не нè пушта внатре – повика Метју. Осетив како брзо ми се приближува искушението да почнам да се жалам на своите синови. Посакав да кажам: „Зарем вие двајца баш ништо не можете сами да направите!“ Фала Му на Бога кој не Го дозволи тоа. Сеуште беше тука, покрај мене, и го освојуваше моето срце. Ѓаволот урлаше: „Ма, ајде! Пушти го тоа од себе! Пушти да излезе надвор!“ Но Бог исто така беше тука нежно да ми шепоти: „Држи се Џим! Фати се за Мене. Не мораш да се одвојуваш од Мене и да изговараш зборови за кои ќе зажалиш.“ Никој од нас не мора да му допушти на тоа зло да се изложи. Тоа е работа на нашиот избор.

– Слушајте, момци – реков – одам да го зграбам тоа куче, а вие тогаш втрчајте внатре да му ја ставите таа храна и да ставите вода за пиење, и тоа колку можете побрзо. После тоа одиме дома да појадуваме. Гладен сум! – Во себе додадов – Господи, не давај тоа куче да ме касне! Тоа би ми било баш премногу!

Оди не е мала пудла. Тоа е норвешки Елкхоунд, таман толку голем колку и самото име на неговата врста. Го зграбив и му направив „јака“ (боречки зафат). Р’жеше и беснееше, борејќи се со сета сила да се ослободи од моите раце. Моите момчиња никогаш не биле брзи во работата. Излегоа од дворот за еден миг. Штом го пуштив кучето, тоа потрча спрема својот сад и почна да јаде. Ја затворив капијата и уморно седнав на возачкото седиште.

– Добар беше, тато – ме храбреа моите синови. Никој нас не нè познава толку добро, ниту ги знае борбите низ кои поминуваме, како нашата фамилија. Моите момчиња знаеја дека нивниот татко вообичаено реагира на начин кој донесува само неволја и тоа поради само едно дело од сите проблеми кои тоа утро настанаа.

– Па, фала на Бога – некако успеав слабо да изустам – но станувам уморен. Се чувствувам како да сум бил во I Светска војна, II Светска војна и Виетнамската заедно, и тоа сè во едно утро. Фала Му на Бога што е готово – реков напредувајќи по патот кон дома.

Амос 5,19 зборува за човекот кој имал многу неволји. Тој човек, бегајќи од лав налетал на мечка. Конечно стигнал дома и ја ставил раката на ѕидот, така што баш тука го каснала змија. Е за мене ова утро беше такво отприлика. Бегав од лавот, и избегав на мечката, а сега погодите кој ме чекаше дома?

Баш така – змијата. За еден христијанин нема одмор или момент кога ќе каже: „Сè е готово.“

Ѓаволот нас најмногу сака да нè поткачи кога знае дека сме уморни и кога сакаме конечно да се одмориме. Едвај да ги изговорев зборовите „Фала Му на Бога, сега сè е готово“, кога падна дното на мојот плуг. Тоа повторно ме запре скоро во близината на куќата. „Господи“, липав во себе, „тоа не е чесно!“ „Навистина сум „смачкан“. Веќе го чувствувам мирисот на тие палачинки, а сега ете, уште една неволја.”

– Во право си Џим. Сите тие неволји кои утрото те снајдоа – тоа не е чесно, како што не е чесно што јас го напуштив небото за да умрам за твоите гревови. Џиме, правилноста нема ништо заедничко со оваа ситуација. Пред тебе е избор! Можеби сето тоа не е фер, но ти сеуште можеш сето тоа да ми го предадеш и да победиш.

„Добро, Господи“, реков, „можеш да имаш сè.“ Отидов во гаражата по чекан и шајка. Ендру го извади компресорот за чистење на снегот со него да го исчисти просторот околу гаражата. Метју за тоа време отиде да ѝ помогне на мајка си. Јас продолжив да се борам со плугот. Импровизирав дно за да го избегнам собирањето на снегот внатре во страницата. Бидејќи го донесов до куќата, го приковав неговото дно и го сместив таму каде што стои вообичаено во куќата.

Додека се приближував до гаражата, можев да го видам Ендру како го турка компресорот до ќошот во гаражата. Комресорот инаку не се турка! Тој има свој погон! Тоа можеше само едно да значи: компресорот се расипал. НЕ! Едноставно, не можев веќе да поднесам уште еден проблем. Осетив страшен умор и голема немоќ. Шеќерот во мојата крв сосем се намали. Треперев и додека се приближував кон Ендру, можев да слушнам како Бог му зборува на моето срце, повторно барајќи од мене сè да му предадам. Наместо тоа, јас избрав да си дадам оддишка на себе. Му допуштив на гневот да се изложи. Од мене во бес еруптираше: КОЈ ГО НАПРАВИ ТОА?

Ендру заледен застана без ниту еден збор. Метју и Сели излегоа на верандата да нè повикаат за доручек, а јас стоев тука напред. Сите можеа да видат и да слушнат што се случило. Го подигнав компресорот, го спуштив на своето крило да видам во што е проблемот. Го слушнав Бог како му зборува на моето срце: „Врати се, Џим, исправи го тоа!“

Меѓутоа, не бев сигурен дека го сакам тоа. Додека гледав во компресорот приметив дека му недостасува мал подесувачки штраф, кој воедно го држи каишот на осовината. Ги затворив очите и реков: „Господи, ако остана уште милост, Те молам, биди милостив и прости ми.“

Ги отворив очите и приметив нешто со крајот на окото – мала црна точка. Отидов до тоа место и погледнав. Тоа беше подесувачки штраф. Бог направи да видам толку ситна работа на растојание од скоро четири метри, во снег со висина 40 cm. На каков Бог ние служиме! Го ставив штрафот на неговото место и ѝ се придружив на својата фамилија на масата, на нашиот задоцнет доручек.

На моето лице имаше насмевка скоро од уво до уво. Мојата фамилија ме посматраше со неверување. Лесно можев да ги прочитам нивните мисли: „Што е тоа поради што се смееш? Само што ги пушти кочниците. Сите видовме дека изгуби контрола над себе!“

– Слушајте – им реков – знам дека се прашувате зошто сум толку среќен, но јас од утрото се држев до Исус додека ме напаѓаа искушенија, повеќе од било кога досега. Денес победив иритирачки околности кои никогаш порано не успевав да ги совладам. Да, знам дека попуштив таму надвор со компресорот. Па сепак, нè чекав часови или денови да му се вратам на Бога. Веднаш се покајав и побарав Негово опростување, а сега барам ваше. Возбуден сум не затоа што згрешив, туку затоа што видов како Бог работи во мојот живот и затоа што знам дека Тој ќе заврши добра работа која ја започнал во мене.

Слава на Бога, надворешните прилики не мораат да нè контролираат. Кога ќе научиме да го избереме Христа како прв, последен и најдобар во сè и тоа во континуитет, набрзо нашите добри избори ќе станат навика, а навиките ќе го формираат карактерот.

На пример, мојата фамилија имаше привилегија да помине цел месец во Сент Крој. Овој остров, поранешна британска територија, задржала неколку обичаи од Обединетото Кралство. Тоа што највеќе ни остана во очи, беше возењето на левата, погрешната страна на патот, како што ни се чинеше на нас. Бидејќи земавме изнајмен автомобил  од аеродромот, тргнав кажувајќи им на своите дека мораат да ми помогнат во возењето затоа што сè беше на „погрешна“ страна. Беше тоа најнепријатно искуство на кое можам да се сетам. Морав да се присилувам себе и да не се враќам на старите возачки навики.

Восхитувачки, после триесет дена забележав дека можам да возам и да не мислам за старите навики во возењето. Се истренирав себе и сега беше подеднакво лесно да се вози на новиот начин, како што беше лесно претходно, под старите услови. На патот кон нашата куќа во САД, се прашувавме дали ќе можеме исто толку лесно да се навикнеме на старите обичаи. Немаше потреба за било какво навикнување. Можевме сеуште лесно да возиме онака како што одсекогаш правевме.

Овде се наоѓа поука која веднаш можеме да ја примениме во христијанскиот пат. Тешко ни е да го промениме начинот на кој одсекогаш сме одговарале на Божјото поттикнување. Многумина кои почнале да одат со Бога, дошле до заклучок дека тоа е толку тешко и распнувачко искуство за нивното ЈАС, па се блиску до одлуката од сè да се откажат. Меѓутоа, само што откривме дека сеуште можеме да возиме на начин кој инаку се вози во САД, така и христијанинот ќе сфати дека сеуште во секоја доба може да избере да се врати на стариот грешен живот. Изборот е во Божјите очи најдрагоцен и Тој никогаш нема да го одземе изборот на Своите деца. Наместо тоа, Тој на нас ни дава многу избори. Тие избори ја определуваат нашата вечна судбина како и нашата сегашна среќа.

Бегството кон Бога едноставно значи враќање на сите наши избори на Него, непрекинато, сè додека навиката не стане карактер и ние не станеме сосем Негови!

 

 

 

Pin It on Pinterest