ВОСХИТУВАЧКИ ФАКТ: Многу од најсиромашните луѓе на земјата „преживуваат“ со помалку од 1 долар дневно.

Навистина е загрижувачки фактот што повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат во она што е дефинирано како „екстремна сиромаштија“, без основните човечки потреби, како храна, чиста вода за пиење, засолниште и санитација. Образованието и медицинската грижа се надвор од прашање за повеќето од нив. (А ние се жалиме кога нашата струја ќе ја снема за неколку часа!)
Исус ни кажал дека секогаш ќе имаме сиромашни покрај нас, и Неговото Слово ни кажува дека хранењето и грижата за нив е наша одговорност. Споделувањето со другите е дел од Божјиот план за нас. „А не заборавајте ги: добротворството и делењето со другите, зашто со такви жртви Му се угодува на Бога!“ (Евреите 13:16; Библија).

„Кој ги крие очите“ за да не гледа, мислејќи дека на тој начин проблемот ќе го снема, постапува погрешно. Ова потсетува на еден коментар на Едмунд Бурк: „Единственото нешто коешто е потребно за злото да победи е добрите луѓе да не прават ништо.“ Некои луѓе се во искушение да мислат дека доколку не гледаат, сè ќе биде во ред, или дека можат да го остават проблемот на другите луѓе. Но, Светото Писмо – Библијата нè поучува дека наша обврска е да помогнеме.

Апостол Јован напишал: „А кој има светски блага и го види брата си во немаштија, па го затвори своето срце кон него, како ќе остане Божјата љубов во него?“ (1 Јованово 3:17; Библија). Човек со Божјата љубов во него не може да се одврати од очајната потреба на некој ближен човек. Наместо тоа, „праведникот го разбира правото на бедните, а нечесниот не вникнува за да сфати“ (Пословици 29:7; Библија). И тогаш праведникот презема акција!

Можеби изгледа дека без разлика колку даваме, има повеќе луѓе кои имаат потреба. И тоа е вистина. Но, тоа не нѐ оправдува од тоа што можеме да помогнеме. Ние треба да помогнеме и да продолжиме да помагаме. Бог ветува благослов за оние што не забораваат да се грижат за помалку среќните. Тој вели: „Блазе му на оној кој мисли на бедниот, Господ ќе го спаси во ден на неволја!“ (Псалм 41:1; Библија). Дури и сиромашните се благословени со давање на други. Се сеќавате ли на вдовицата што ги ставила своите две лепти во храмот за дар, или вдовицата во Сарепта, која го дала она што ѝ било последно од нејзината храна на пророкот Илија?

И не заборавајте ги Исусовите зборови дека кога ќе му дадеме на „најмалиот од овие“, храна, вода, облека, засолниште, грижа – Му даваме на Бога.

„Лав што рика и гладна мечка: таков е опакиот владетел за бедниот народ.
Неразумниот управител прави многу насилства, а кој ја мрази лакомоста, живее долго.
Кој му дава на бедниот, не трпи скудност; а кој ги одвраќа своите очи, ќе биде проклет.“
(Пословици 28:15.16.27; Библија)

КЛУЧЕН БИБЛИСКИ ТЕКСТ
„Кој му дава на бедниот, не трпи скудност; а кој ги одвраќа своите очи, ќе биде проклет.“ (Пословици 28:27; Библија)

Pin It on Pinterest