Честопати се дискутира за штетноста на процесираните (како што се сувомеснатите) месни производи врз здравјето на човекот, но всушност многуминa воопшто не се свесни за реалната опасност од консумирање вакви производи, и за нивната научно докажана штетност. Во продолжение прочитајте какви додатоци се употребуваат при производството на овие производи, и кои се изјавите на Светската здравствена организација (СЗО) за овие производи.

Да започнеме со: СЗО и IARC (Интернационална агенција за истражување на канцер) ги класифицираат процесираните месни производи во Група 1 – „канцерогени за луѓето“, а црвеното месо пак влегува во категоријата Група 2А – „веројатно канцерогено за луѓето“. Тоа што процесираните меса се во групата на производи/супстанци „канцерогени за луѓето“ значи дека постои научно (епидемиолошки студии, клинички студии, набљудувања, истражувања…) докажана поврзаност помеѓу употреба на овие производи/супстанци и појавата на канцер кај луѓето. Категоризирањето на црвеното месо во Група 2А – „веројатно канцерогено за луѓето“ значи дека постои лимитиран доказ од епидемиолошки студии кои покажуваат поврзаност помеѓу употреба на црвено месо и појава на канцер.

Да продолжиме со: додатоци кои се употребуваат за производство на процесирани меса и нивен ефект врз човековото здравје.

Додатоци кои вообичаено се употребуваат:

Антиоксиданти (се разбира вообичаено се додаваат вештачки синтетизираните антиоксиданти а не природни), карагенан (за текстурирање), ензими, лимонска киселина, емулгатори, пченкарен сируп, желатин, хидролизирани протеини, фосфати, пропил галат, натриум казеинат, натриум еритробат, натриум нитрит, шеќери, сурутка, модифициран скроб, мононатриум глутамат…

Ефекти врз човековото здравје на дел од додатоците во процесираните месни производи:

Модифициран скроб – вообичаено потекнува од генетски модифицирани растенија (дискусиите за штетноста на ГМО храната се тема за друг текст, но самата ознака БЕЗ ГМО- која е доста преферирана и популарна ви дава до знаење дека ГМО производи се нешто што треба да се избегнува).

Мононатриум глутамат – долго време е опишуван како канцерогена супстанца, а она што го покажала една студија е дека може да предизвика главоболка и покачување на крвниот притисок и пулсот.

Натриум нитрит – за него и не мора да кажуваме дека не е пожелен во исхраната бидејќи тоа е веќе добро познато. Тој не е пожелен во исхраната бидејќи може да предизвика низа штетни ефекти: Го забавува транспортирањето на кислородот; Можно е да е и канцерогена супстанца; Негов висок внес во тек на бременоста се поврзува со зголемен ризик од појава на дијабетес тип 1 кај новороденчето; Доколку се внесува во поголеми количини може да ги иритира сите делови на дигестивниот систем; Може да ги оштети крвните садови…

Фосфати – ако се користат во големи количини може да го иритираат желудникот и да предизвикаат некои гастроинтестинални проблеми.

Натриум казеинат – може да предизвика алергиски реакции кај лица алергични на млечни протеини или на лактоза, неговите останати потенцијално штетни ефекти не се докажани бидејќи не се ни испитани.

Ова се само некои штетни ефекти на дел од додатоците кои се употребуваат при производство на процесирани месни производи, а се разбира има и други кои сеуште не се доволно испитувани и нивните штетни ефекти врз човековото здравје не се докажани.

Заклучокот е дека процесираните месни производи треба во целост да се избегнуваат – воопшто да не се употребуваат. Принесувајќи такви производи на својата трпеза и консумирајќи ги истите, вие со сигурност ја зголемувате веројатноста од заболување на рак, ставајќи го во опасност својот живот и животот на своите најмили. Освен тоа, препорака е целосно избегнување на црвеното месо, кое исто така носи висок ризик од заболување од рак. За оптимално здравје и за превенција од разни заболувања, препорака е целосно да го избегнувате консумирањето на месо, а наместо тоа да ги збогатите вашите оброци со храна која изобилува со нутритивни вредности: житарици, овошје, зеленчук, мешункасти плодови и јаткасти плодови.

Pin It on Pinterest