„А кога Исус се роди во Витлеем, во Јудеја, во времето на царот Ирод, дојдоа мудреци од исток во Ерусалим и прашаа: „Каде е новородениот јудејски Цар? Ние ја видовме неговата ѕвезда на исток и дојдовме да му се поклониме“.

Мудреците од исток биле филозофи. Тие му припаѓале на големиот и влијателен општествен слој што ги опфаќал луѓето со благородно потекло и бил носител на богатството и ученоста во нивниот народ. Меѓу нив имало многу такви кои го мамеле лековерниот народ. Други биле чесни луѓе кои ги проучувале знаците на Провидението во природата и биле почитувани поради својата чесност и мудрост. Мудреците што дошле кај Исуса биле луѓе со таков карактер.

Среде темнината на незнабоштвото секогаш свети Божја светлина. Додека овие мудреци го проучувале ѕвезденото небо и се обидувале да проникнат во тајната на неговите сјајни патеки, ја гледале светлината на Творецот. Барајќи појасно сознание, се свртиле кон еврејските свети списи. Во нивната земја се чувале пророчки списи што го преткажувале доаѓањето на божествениот Учител. Валам им припаѓал на магите, иако едно време бил Божји пророк; со Светиот Дух тој преткажал благосостојба во Израел и појавувањето на Месија; а неговите пророштва се пренесувале со преданија од столетие во столетие. Меѓутоа, во Стариот завет многу појасно е откриено доаѓањето на Спасителот. Мудреците со радост утврдиле дека неговото доаѓање е близу и дека земјата ќе се наполни со познавање за славата Господова.

Таа ноќ, кога Божјата слава ги осветлила витлеемските ритчиња, мудреците виделе таинствена светлина на небото. Кога светлината изчезнала, се појавила сјајна ѕвезда која полека се движела по небото. Тоа не била никаква ѕвезда недвижница ниту некоја планета, па оваа природна појава разбудила мошне живо интересирање. Таа ѕвезда всушност била оддалечена група сјајни ангели, но мудреците тоа не го знаеле. Сепак, биле уверени дека оваа ѕвезда има посебно значење за нив. Тие се советувале со свештениците и филозофите и ги пребарувале книгите на старите записи. Валамовото пророштво објавило: „Од Јакова излегува ѕвезда, од Израел се подига палка“ (4. Мојсеева 24,17). Дали е можно оваа непозната ѕвезда да биде пратена како весник за Ветениот? Мудреците се израдувале за светлината на вистината пратена од небото; сега таа се излевала врз нив со своите сјајни зраци. На сон примиле порака да одат и да го побараат новородениот Цар.

Како Аврам што пошол со вера кога го чул Божјиот повик „не знаејќи каде оди“ (Евреите 11,8), како Израел што го следел со вера столбот од облак до ветената земја, така и овие незнабошци пошле во потрага по ветениот Спасител. Ориенталните земји биле богати со драгоцености и мудреците не тргнале на пат со празни раце. Бил обичај на владетелите и на другите високи личности да им се даваат подароци во знак на почит, и затоа на Оној, во кого требало да бидат благословени сите народи на земјата, му се подарени најскапоцени подароци што можеле да се најдат во нивната земја. Морале да патуваат ноќе за да можат да ја следат ѕвездата; патниците ги скусувале часовите повторувајќи го старото кажување и пророчките изјави за Оној што го барале. При секоја починка тие ги истражувале пророштвата и така сè поцврсто биле уверени дека Бог ги води. Додека пред себе ја имале ѕвездата водилка, биле и внатрешно осведочени со Светиот Дух кој дејствувал на нивните срца и ги вдахнувал со надеж. Патувањето, иако долго, било среќно за нив.

Стигнуваат во израелската земја и слегуваат низ Маслинската гора, гледајќи го пред себе Ерусалим, кога наеднаш ѕвездата што ги водела во текот на целиот макотрпен пат застанува над храмот и по неколку мига исчезнува од видикот. Тие одат понатаму со брзи чекори, очекувајќи со сигурност да видат дека раѓањето на Месија е радосна песна на секој човек. Меѓутоа, попусто се распрашувале. Влегувајќи во светиот град, се упатиле кон храмот. На свое вчудовидување не нашле никого кој би знаел нешто за новородениот Цар. Нивните прашања не предизвикале никаква радост, туку побргу изненадување и страв помешан со презир.

Свештениците го повторувале преданието. Тие ја извишуваат својата вера и својата побожност, а Грците и Римјаните ги прогласуваат за незнабошци и грешници поголеми од другите. Мудреците не се идолопоклоници и во Божјите очи се подобри од овие кои само по име биле во негова служба; па сепак, Евреите нив ги сметаат за незнабошци. Дури и меѓу чуварите на светите списи, нивното ревносно распрашување не наишло на никакво разбирање. (продолжува)

Pin It on Pinterest