(продолжува од предходниот ден) Сепак, Марија не ја сфатила Христовата мисија. За него Симеон пророкувал како за видело што ќе ги осветли незнабошците, како за слава Израелова. Раѓањето на Спасителот ангелите го објавиле како радосна вест за сите народи. Бог настојувал да го исправи ограниченото еврејско сфаќање за делото на Месија. Тој сакал луѓето во него да гледаат не само ослободител на Израел, туку Спасител на светот. Меѓутоа, поминале многу години додека и Исусовата мајка не ја сфатила неговата мисија.

Марија очекувала Месија да владее на Давидовиот престол, но не го видела крштавањето со страдање со кое ќе го добие престолот. Симеон открил дека Месија нема да помине низ овој свет без пречки. Со зборовите упатени до Марија: „А тебе меч ќе ти ја прободе душата“, Бог во својата нежна милост на Исусовата мајка ѝ навестил голема болка што почнала да ја поднесува заради него.

„Еве“, рекол Симеон, „Овој е определен да собори и да подигне мнозина во Израел, и е знак против кого ќе се говори“. Оние што сакаат повторно да се подигнат, ќе мора да паднат. Ние мораме да паднеме врз Карпата и да се скршиме пред да се подигнеме во Христа. Себичноста мора да се собори, горделивоста мора да се понизи ако сакаме да ја запознаеме славата на духовното царство. Евреите не сакале да ја прифатат честа што е постигната со понижување. Затоа и не можеле да го примат својот Откупител. Тој бил знак на кој му се противеле.

„За да се откријат мислите на многу срца“. Во светлината на животот на Спасителот се откриваат срцата на сите, почнувајќи дури од Творецот, па до кнезот на темнината. Сатаната Бога го прикажал како себичен и суров, како Оној кој полага право на сè, а не дава ништо; кој бара служба од сите свои созданија за сопствена слава, а не поднесува никаква жртва за нивно добро. Меѓутоа, дарувањето на Христа го открива срцето на Отецот. Тоа сведочи дека Божјите мисли за нас се „мисли добри, а не лоши“ (Еремија 29,11). Тоа покажува дека, иако Божјата омраза кон гревот е силна како смртта, неговата љубов кон грешникот е посилна и од смртта. Бидејќи го зел на себе нашето спасение, Тој нема да поштеди ништо­ колку и да му е тоа мило­ што е не опходно за извршување на неговото дело. Ние не сме лишени од ниедна вистина што е потребна за нашето спасение, не е занемарено ниедно чудо на милоста, не останало неупотребено ниедно божествено средство. Тој постојано покажува наклоност, и без прекин дава дарови. Сета небесна ризница им е отворена на оние што Тој сака да ги спаси. Собирајќи ги сите богатства на вселената и откривајќи ги сите извори на неизмерна сила, Тој сите ги предава во Христови раце и вели: Сево ова е за човекот. Употреби ги овие дарови за да го увериш дека не постои ниту на земјата ниту на небото поголема љубов од мојата. Своја најголема среќа тој ќе најде во љубовта кон мене.

На голготскиот крст се соочиле љубовта и себичноста. Нивната појава овде го достигнала својот врв. Христос живеел за да теши и да благословува, а сатаната, убивајќи го, ја покажал сета опачност на својата омраза кон Бога. Тој јасно потврдил дека вистинската цел на неговиот бунт е симнување на Бога од престолот и уништување на Оној преку кого се излеала Божјата љубов.

Со Христовиот живот и смрт се откриле мислите на луѓето. Од јаслите па до крстот, Христовиот живот бил повик на владеење со себеси и на заедница во страдањата. Тој го симнал превезот од човечките цели. Исус дошол со небесна вистина и сите што го слушале гласот на Светиот Дух биле привлечени кон него. Оние што си служеле себеси му припаѓале на царството на сатаната. Со својот однос кон Христа сите ќе покажат на која страна се наоѓаат. На тој начин секој си изрекува себеси пресуда. На денот на конечниот суд секоја загубена душа ќе ја сфати природата на своето отфрлање на вистината. Ќе се покаже крстот, а неговото вистинско значење ќе го увиди секој ум што бил заслепен со престапот. Пред сцената на Голгота и на нејзината таинствена Жртва, грешниците ќе стојат осудени. Ќе биде отфрлен секој лажен изговор. Човечкиот отпад ќе се појави со својот ужасен карактер. Луѓето ќе видат што избрале.

Секое прашање на вистината или заблудата во долгата борба ќе биде објаснето. Пред судот на вселената Бог ќе стои чист од вината за постоењето или траењето на злото. Ќе се покаже дека гревот не го предизвикале божествените прописи. Во Божјето владеење немало недостаток, немало никаква причина за незадоволство. Кога ќе се откријат помислите на секое срце, тогаш и верните и бунтовниците ќе се обединат во објавувањето: „Праведни и вистинити се патиштата твои, Цару на народите. Кој не ќе се бои од тебе, Господе, и не ќе го прослави твоето име?… зашто се покажаа твоите праведни судови“ (Откровение 15,3.4).

Pin It on Pinterest