Авраам – илустрација на оправдувањето со вера.
Живот, праведност, наследство – Божјите дарови.

Начелата поставени во претходните лекции нѐ водат до прашањето, како некој, било кога, би можел да претпостави дека учењето за оправдување со вера ќе го намали Божјиот закон. Оправдувањето го става законот во самиот свој центар. Опасноста лежи единствено во неразбирањето на оваа вистина. Оправдувањето го утврдува законот во срцето. Оправдувањето го претставува законот овоплотен во Христа, ставен во човекот, така што самиот закон е овоплотен во човекот.

Третата глава го прикажува принципот на оправдувањето со вера. Во четвртата глава овој принцип е илустриран со Авраамовиот случај. Кога Авраам би имал некаква праведност, тогаш би можел да се пофали; но всушност, тој немал ништо со што да се пофали. Бил оправдан исклучиво со вера. Римјаните 4,1-3:

„А што би можеле да кажеме дека добил нашиот прататко по тело Авраам? Зашто ако Авраам се оправдал со дела, тој заслужува пофалба, но не пред Бога. Впрочем, што вели Писмото? – ‘Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност.’“ (Римјаните 4,1-3)

Ако некој човек би можел да направи некое дело со кое би го заслужил одобрувањето на небото, тогаш тој би можел и да се пофали според мерката на тоа дело. Но ниту едно тело, никогаш, нема да може да се пофали пред Бога. (1 Коринтјаните 1,27-29; Еремија 9,23.24).

Ако некој човек може да прави правда, во тој случај, кога Бог дава награда за праведноста, тој човек едноставно го прима она што го заработил. Меѓутоа, вечниот живот е „Божји дар“. Вечниот живот е награда за праведноста, а бидејќи тој живот е дар од Бога, тоа може да биде само затоа што праведноста е дар од Бога. „На оној што работи, платата не му следува по милост, туку по долг“ (стих 4).

Верата на Авраам му била засметана за праведност (5 стих). Проштавањето на гревот не е само сметковотствена трансакција, бришење на поранешните сметки. Тоа е поврзано со самиот човек со врска од животна важност. Тоа не е привремено дело. Христос ја дава својата праведност, го зема гревот, и на негово место ја остава Својата праведност, а тоа создава радикална промена во човекот.

Ниту еден човек не може да направи ниту едно дело кое, само за миг, би можело да се одржи на судот. Дали тој исповеда дека е христијанин или атеист, нема никаква разлика. Не постои човек што верува во Христа, а би се осмелил да застане пред судот со своите дела направени во било кој ден, и да го побара она што му припаѓа, ризикувајќи да го изгуби својот случај врз основа на тие дела. Стиховите 6-8 го опишуваат блаженството на човекот на кого Бог му смета за праведност, без делата. Блажен е човекот на кого Господ, кога тој работи во Божјето дело, нема да му ги смета гревовите што ги прави во тоа дело.

„Така и Давид го нарекува блажен оној човек, кому Бог му смета за праведност независно од делата, велејќи: ‘Блажени се оние чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени; блажен е оној човек кому Бог нема да му смета за грев!’“ (Римјаните 4,6-8).

Најпрво праведноста му била засметана на Авраам затоа што верувал, а потоа го примил знакот на обрезувањето како печат на праведноста што ја имал со вера (преку вера).

„А дали ова блаженство се однесува само за обрезаните или и за необрезаните? Бидејќи велиме дека на Авраам верата му се сметаше за праведност. Кога му се сметаше? По обрезанието или пред обрезанието? Не по обрезанието, туку пред обрезанието. И знакот на обрезанието тој го доби како печат на праведноста што доаѓа од верата, која ја имаше пред обрезанието, за да биде татко на сите необрезани што веруваат, та и ним тоа да им се смета за праведност“ (Римјаните 4,9-11).

Оние што исповедаат возвишена религија, не се должни да стојат во тоа исповедање, туку да одат по стапките на верата што Авраам ја имал. „И да им биде татко на обрезаните, но не на оние кои обрезанието само го примиле, туку кои врват и по стапките на верата, од нашиот татко Авраам, пред обрезанието“ (12 стих). Преовладува сфаќање дека во времето на Еверите Бог правел разлика меѓу луѓето. Но Бог никогаш не гледал кој е кој, ниту тоа некогаш ќе го направи. Само нетрпеливоста и самоправедноста ги навела Евреите да се држат подалеку од незнабошците. Тие биле поставени да бидат светлина на светот и сол на земјата. Одбиле да го извршат делото што им било одредено и станале како сол без вкус, така што и на самите нив им требало да бидат засолени. Солта мора да ја проникне материјата што треба да биде сочувана. Истиот принцип важи и денес.

Ветувањето дадено на Авраам било едно, иако било повторено повеќе пати. Тоа гласело дека сите народи ќе бидат благословени во него – дека тој ќе биде наследник на светот. „Зашто ветувањето кон Авраам, или неговото потомство – дека ќе биде наследник на светот – беше дадено не преку законот, туку преку праведноста која доаѓа од верата“ (13 стих; види и 1 Мојсеева 12,1-3). Евангелието го открива наследството. Тоа носи спасение од смртта; тоа донесува живот, а давањето живот подразбира и обезбедување место за живеење. Според тоа, како заклучок на сѐ што донесува евангелието, можеме да кажеме дека тоа на луѓето им дава вечно наследство. Учењето за наследството на светите го претставува учењето за оправдување со вера; и ако ние не проповедаме оправдување со вера во своето проповедање за наследството на светите, ние не го проповедаме евангелието. Ветеното наследство е истото она што им е ветено и на татковците (2 Петрово 3,4; Дела 7,5), а тоа не се однесува на сегашниот свет.

Ова наследство не е преку законот, туку преку праведноста на верата. Тоа ќе им припадне само на оние што се праведни, што значи дека тие живеат според законот. Сепак, „ако се наследници оние што се од законот, тогаш верата е поништена, а ветувањето обезсилено“ (стих 14).

Не само што не можеме сами да дојдеме до наследство, туку, токму според мерката со која се обидуваме да го сториме тоа, ние се оддалечуваме од тоа наследство; „зашто законот породува гнев“ (стих 15). Ако наследството доаѓа од делата, тогаш не е од ветувањето. Сепак, тоа е наменето само за праведните, а праведноста е послушност на законот. Со други зборови, имаме совршена послушност на законот која не извира од послушност (Римјаните 3,21). Ова е парадокс.

Целото евангелие е во потполна спротивност со човечкиот разум; тоа е бескрајно повисоко од разумот. А сепак, имајки го Бога, тоа е разумно. Христос ветил наследство, а Неговите ветувања се „Да“ и „Амин“. Тој нема да даде само наследство, туку и праведноста со која тоа наследство се заслужува. Според тоа, и животот, и праведноста, и наследството се дарови од Бога.

Pin It on Pinterest