Авраам – понатамошни илустрации на евангелието.

Во четвртата глава од Посланието до Римјаните верата е претставена во еден конкретен облик. Описот на животот на Авраам и Сара во времето на раѓањето на Исак дава практичен пример за оправдувањето со вера.

Авраам не се оправдал со дела, туку му поверувал на Бога и тоа му е засметано за праведност. Авраам го примил печатот на обрезанието. Зошто? За тоа да го наведе да верува? Не, туку затоа што веќе верувал. Тоа бил печат на праведноста што ја имал благодарение на верата. Ветувањето на Авраам и на неговото семе гласело дека тој ќе биде наследник на светот. Тоа ветено наследство требало да го прими „во вечно владеење“ (1 Мојсеева 17,8). Според тоа, тоа бил завет на праведноста, запечатен со печатот на праведноста, и наследството требало да биде наследство на праведници, кое освен праведник, друг не може да го стекне (2 Петрово 3,13).

Како Бог може да ни даде праведност кога сме толку грешни? Не можеме да разбереме како, ниту треба да прашуваме за тоа. Исто толку големо чудо е Бог неправедниот човек да го направи праведен како што било создавањето на светот. Ако човекот го нарекува некое нешто што не постои како да постои, тој кажува лага; но кога Бог го нарекува она што не е како да е, самиот факт што Тој тоа го вели прави така и да биде. Бог не само што ги прави нашите срца праведни кога во нив нема праведност, туку Тој прави и повеќе од тоа: Тој ги прави нашите срца праведни кога во нив нема ништо друго освен неправда.

Човекот кој не верува дека Бог може со Својот збор да ја запише праведноста во неговото срце е подеднакво неверник како и оној кој, следејќи ја теоријата на еволуцијата, го отфрла Мојсеевиот извештај за создавањето. Божјата сила не може да се ограничи. Кога би постоела огромна планина која би се поставила наспроти Божјата сила, Тој би можел, без ништо, да ја скрши таа планина на парчиња.

„Вие, пак, браќа, сте како Исак, чеда на ветувањето“ (Галатјани 4,28). Ние стануваме Божји деца на ист начин на кој се родил Исак – со вера, како што Авраам и Сара верувале. Ветувањето е за оној „кој не работи, а верува во Оној Кој го оправдува безбожникот“ (Римјани 4,5).

Авраамовата подготвеност да го жртвува својот син Исак содржела многу нешта. Не постоел друг син преку кого би можело да дојде ветеното наследство. Христос не би можел да дојде на светот освен преку Исак. Ако тој биде погубен тогаш каква надеж останува дека Спасителот ќе дојде? Никаква. Сѐ водело кон тоа дека Авраам ќе ја отстрани секоја надеж во своето сопствено спасение.

Овде е прикажана прекрасна вера. Авраам верувал дека Бог може повторно да го воскресне Исак, а токму Оној (Христос) со чија сила според неговото верување Исак може да биде воскреснат, не дошол, ниту можел да дојде на друг начин освен преку Исак. Сепак, Бог ветил и Авраам верувал, иако бил повикан да го направи токму она што според човечко сфаќање би ја отстранило секоја надеж дека ветувањето некогаш ќе се исполни.

Само по себе, ветувањето било непроменливо, а тоа непроменливо ветување било потврдено со непроменлива заклетва. Затоа Бог е задолжен да ги исполни своите ветувања на сите кои се повикуваат на нив. Во него се заложени самиот Божји престол и Неговото постоење, и да не се исполни би значело Бог да се одрече од Самиот Себе.

Наскоро Бог ќе дојде и ќе каже: „Соберете ги кај Мене светиите Мои, кои ми се заветуваа преку жртва“ (Псалм 50,5). Тоа се однесува на Христовата жртва. Преку Него ние доаѓаме. Тој е заложник на заветот.

Ветувањето дадено на Авраам зависело од едно нешто – поседување син. Поминале дваесет и пет години од времето кога ветувањето било дадено до неговото исполнување. Авраам не се поколебал во врска со тоа ветување, но Сара да, „и Аврам ги послуша зборовите Сарини“ (1 Мојсеева 16,2). Таа тоа го превзела за да му помогне на Господа да го спроведе Својот план. Но Агара била робинка и нејзиното дете не можело да биде ништо друго освен роб, роден на телесен начин.

Семето ветено на Авраам требало да го сочинуваат слободни луѓе, а не робови, и затоа ништо не било постигнато со овој план на Сара. Дошло време кога Сара сфатила дека единствено нешто што треба да го направи е да поверува дека Бог е моќен да го исполни Своето ветување без нејзина помош. Тогаш, „преку вера“ таа „доби сила да зачне“. Раѓањето на Исак било чудо. Според човечко мислење било потполно невозможно Авраам и Сара да станат родители на дете. Таа зачнала со Божја сила.

Авраам и Сара не направиле ништо за да го добијат ветувањето, освен што верувале, а сепак детето на ветувањето било нивно сопствено дете. Така е и со христијаните. Ништо не може да се направи за да се стекне Христовата праведност, освен да се верува во ветувањето. Погрешно е да се прават напори да се обезбеди Христовата праведност. Кажано ни е да веруваме во ветувањата. Бог ветил дека ќе нѐ стори праведни и единствен пат таа праведност да се добие е да се верува дека Бог е моќен ја стави и во нас.

Кога луѓето се задоволни да веруваат во Бога и да се потчинат на Него, постои сила во Неговите ветувања да ја изработи нивната праведност за нив, без учество на нивна сила. Како луѓето се сторени праведни или станале учесници во Божествената природа? „Преку кои ни се дарувани многу големи и драгоцени ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа“ (2 Петрово 1,4). Силата е во Божјето ветување. Како можеме ветувањата да ги направиме делотворни за нас? Верувајќи во нив. „Ако ги исповедаме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нѐ очисти од секаква неправда“ (1 Јованово 1,9). Признајте ги своите гревови, верувајте дека Бог ви ги проштава како што ветил, и ветувањето тогаш е ваше, вашите гревови се простени.

Божјите ветувања можат да се споредат со „меници“. Колкумина можат да ги имаат тие меници? Секој „кој сака“ (Откровение 22,17). Тие важат за одредена мерка благослови. Таа мерка никогаш не се исцрпува, зашто Бог „може изобилно да направи повеќе од сѐ што можеме и да молиме или да замислиме“ (Ефесјани 3,20). Луѓето ја донесуваат меницата во банката и за неа добиваат злато. Христијаните ги изнесуваат Божјите ветувања пред Него и ги уновчуваат во благослов.

Pin It on Pinterest