Христос –Спасителот на оние што се „без сила“.
Божјата љубов – поинаква од човечката љубов.
Срцето мора сега да биде променето.
Христовиот безгрешен живот во верникот.

Само една побуда би требало да ги поттикне умовите на оние што го проучуваат Божјето слово, а тоа е фактот дека со таквото проучување можат да се приближат до Бога. Бог не гледа кој е кој. Тој ќе го даде својот Свети Дух на секого – на секого што ќе побара од Него. Тој е подеднакво подготвен на секого да му ги појасни вистините на Светото Писмо. Мир и светлина можат да влезат во вашето срце врз основа на она што ќе биде кажано од проповедалната, но ако не го познавате Словото сами за себе, тој мир и таа светлина нема да останат во вас. Светиот Дух ги зборувал зборовите од Библијата и само со помош на Светиот Дух Библијата може да се разбере. Секој човек што ќе се предаде на Светиот Дух може да ја разбере Библијата сам за себе.

Постои само еден единствен помошник за разбирањето на Светото Писмо – Божјиот Дух. Ако претставата за Христа и за Неговото дело ја земате од списи на други луѓе, тоа во најдобар случај е од втора рака. Црпете ја светлината директно од Светото Писмо. Учете за Библијата од самата Библија. Кога Светиот Дух ќе ги осветли нашите умови, иако словото ќе ни изгледа едноставно, истовремено во него постојат висини и длабочини кои ќе нѐ исполнат со восхитување. Ќе поминеме цела вечност во проучувањето на планот на спасението и колку повеќе проучуваме, ќе наоѓаме сѐ повеќе нешта што треба да се проучат.

Вчера проучувањето го завршивме со 5 стих од 5-та глава. Оваа вечер ќе почнеме со 6 стих.

„Зашто, уште кога бевме слаби (без сила), Христос во одреденото време умре за безбожниците“ (Римјаните 5,6). Забележете го изразот „без сила“. Постоело одредено време во историјата на светот кога Христос е жрвуван на крстот на Голгота. Меѓутоа, тоа не бил единствениот пат кога Христос им помогнал на безбожниците. Кои се безбожниците? Тоа се оние што се „без сила“. Човечкото семејство е без сила уште од падот, и без сила е и денес. Кога луѓето мислат дека се без сила, Христос е Тој кој треба да биде издигнат и Тој кажува дека сите луѓе ќе ги привлече кон Себе. Така и ние можеме денес да гледаме во Исус, како во распнат и воскреснат Спасител, исто како што можеле и учениците.

Понекогаш мислиме дека ние се свртуваме (назад) кон Христа, а дека патријарсите и пророците гледале напред на Неговото доаѓање. Дали е тоа навистина така? Ние го бараме Христос, а тоа го правеле и тие. Ние го гледаме Христос, Откупителот полн со љубов, кој е покрај нас, а тоа го правеле и тие. Мојсеј им кажал на децата Израелови: „Таа не е на небото, за да може да се каже: ‘Кој од нас би се воздигнал на небото и би ни ја земал и донел да ја чуеме, та да ја исполниме?’… Но ова слово е многу блиску до тебе: тоа е во устата твоја и во срцето твое, за да го исполнуваш“ (5 Мојсеева 30,12.14). Словото, кое било Христос Откупителот, било блиску до нив, а Тој е блиску и до нас.

Тие сите пиеле од духовната Карпа која одела со нив, а таа Карпа бил Христос. Изреалците не морале да гледаат напред на Христовото доаѓање. Тој бил блиску до нив. Тој бил Јагнето заклано од создавањето на светот. Тој е, и секогаш бил присутен Спасител за сите што тоа го сакале. Тој бил секогаш присутен Спасител за Авел. „Со вера Авел му принесе на Бога подобра жртва, од Каиновата“ (Евреите 11,4). „Со вера“ во што? Во Божјиот Син, зашто немало никој друг во кого би можел да верува. Така и Енох со вера одел (живеел) со Христос. Тој не гледал во некое идно време, очекувајќи во иднина помош од Откупителот. Христос за него бил (токму тогаш) постојано присутен Спасител и тие оделе заедно.

Според тоа, во секое време, кога луѓето се чувствувале слаби, Христос бил нивниот Спасител. Забележете колку се едноставни овие зборови: „Зашто, уште кога бевме слаби (без сила), Христос во одреденото време умре за безбожниците“. Авел бил без сила (слаб) и Христос умрел за него. Енох бил без сила и Христос умрел за него. Авраам и Сара биле без сила и Христос умрел за нив. Неговата смрт за сите нив била реалност. Колку Христос бил неверојатно силен за Авраам! Тој Христос, Месија, кој сѐ уште не дошол, и кој требало да дојде преку Авраам, токму тој Месија бил толку силен, така што со вера во Него на Авраам и на Сара им се родил син, за Тој Месија да може да дојде преку тој син. Во секој период од историјата на земјата, Христос бил секогаш присутен Спасител на располагање за оние што биле „без сила“.

„Навистина, тешко би можел некој да умре за праведник, а за добар, можеби, некој и би се решил да умре“ (Римјани 5,7). Зборот кој во оригиналот означува „праведник“ е различен збор од оној кој се преведува како „добар“. Овде, зборот „праведник“ подразбира човек кој е строго чесен и исправен, но нема ништо посебно во врска со него. Одвај некој ќе умре за таков. Меѓутоа за „добриот“ човек, оној кој е благороден и добронамерен, кој би дал сѐ што има за да ги нахрани сиромашните и да ги облече голите, за таков човек можеби некој и би се осмелил да умре. Тоа е најголемата висина до која досегнува човечката љубов. „Никој нема поголема љубов од оваа: да го положи сопствениот живот за своите пријатели.“ (Јован 15,13). Меѓутоа, обрнете внимание на Божјата љубов. „Но Бог ја покажа љубовта Своја кон нас, со тоа што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Римјани 5,8). Ние често го проценуваме Бога и Неговата љубов според нас и нашата љубов. Господ кажал преку псалмистот: „Ти си помисли дека Јас сум, каков што си ти“ (Псалм 50,21). Непрепороденото срце постапува онака како што се постапува кон него, и суди за Бога според себе, но Божјата љубов е потполно поинаква од човечката љубов. Тој ги сака своите непријатели.

Колку е возвишена и неспоредлива Божјата љубов, и со каква мерка таа љубов се покажала во смртта на Неговиот мил Син. Што направил светот за да ја заслужи добрината од Божјата рака? Се здружил со Божјите непријатели. Не заслужил ништо друго, освен казна. Некои велат дека не можат да го прифатат Христос, затоа што се недостојни. Луѓе кои со години се изјаснуваат како христијани ќе се лишат од изобилството на Божјата благодат, затоа што кажуваат: „Јас не сум достоен“. Тоа е точно. Тие не се достојни. Никој од нас не е достоен. Но Бог ја покажа својата љубов кон нас со тоа што Христос умре за нас уште додека бевме грешници. Зошто умрел Тој? За да нѐ направи достојни; за да нѐ стори целосни во Него. Проблемот со оние што велат дека не се достојни е во тоа што не се чувствуваат ниту половина недостојни од она што би требало. Кога би чувствувале дека се „без сила“ (слаби), тогаш Христовата сила би можела да им помогне. Целата тајна на оправдувањето со вера и живот и мир во Христа лежи во верата во Библијата. Едно е да кажеме дека веруваме во Библијата, а друго е секој нејзин збор да го прифатиме како да е изговорен од Божјата уста на секого од нас поединечно.

Во 1 Тимотеј 1,15 Павле кажува: „Верен е тој збор и достоен е сосема да се прифати: Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците“. Токму поради тоа Тој дошол – да ги спаси грешниците. „Зашто Синот Човечки дојде да го побара и да го спаси она што е загубено“ (Лука 19,10). О, кога луѓето би сфатиле дека се без сила! Кога ќе дојдат до таа точка, тогаш можат да ја имаат Христовата сила. Тоа е силата која има вредност, таа вреди сѐ.

Големо нешто е да веруваме дека Христос умрел за безбожниците. Понекогаш се чувствуваме скоро обесхрабрени, небото над нашата глава е како бронза (алудирање на стихот од 5 Мојсеева 28,23) и сѐ што правиме или зборуваме изгледа како да ни се враќа во лице, како ништо да не вреди. Ние мислиме дека нашите молитви не допираат подалеку од нашите глави. Што ќе направите во таков миг? Мора да му благодарите на Бога. „За што да му благодарам на Бога? Немам благослов; воопшто не се чувствувам дека сум Негово дете; за што да му благодарам?“ Заблагодарете му затоа што Христос умрел за безбожникот. Ако не ви значат многу тие зборови кога прв пат ги изговорите, изговорете ги повторно. Тогаш, наскоро ќе влезе светлина. Се чувствувате како да сте еден од безбожниците; тогаш тоа ветување е токму за вас – Христос умрел за вас. Вие сте тука, пред Него, на своите колена, затоа што сте грешници, така што можете да имате корист од Неговата смрт. Каква е користа од таа смрт? „Затоа сега, откако веќе сме оправдани со крвта Негова, многу повеќе ќе се спасиме преку Него од гревот. Зашто, ако се помиривме со Бога преку смртта на Неговиот Син, уште додека бевме непријатели, тогаш уште повеќе ќе се спасиме преку Неговиот живот, откако сме се помириле“ (Римјани 5,9.10). Мнозина постапуваат како Христос да е мртов, и тоа неповратно мртов. Да, Тој умрел, но повторно станал и живее засекогаш. Христос не се наоѓа во новиот Јосифов гроб. Ние имаме воскреснат Спасител. Што прави Христовата смрт за нас? Нѐ помирува со Бога. Христовата смрт е таа што нѐ доведува кај Бога. Тој умрел, праведен за неправедните, за да може да нѐ доведе кај Бога. Сега обрнете внимание! Христовата смрт е она што нѐ води кај Бога. Што е она што нѐ одржува таму? Христовиот живот. Ние сме спасени со Неговиот живот. Сега задржете ги овие зборови во своите умови: „Ако сме се помириле, ќе се спасиме преку Неговиот живот“.

Зошто бил предаден Христовиот живот? „Бог толку го засака светот, што го даде Својот Единороден Син, за секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен“ (Јован 3,16). Значи, Христос го дал Својот живот за ние да можеме да имаме живот. Каде е тој живот? Што е тој живот? И каде можеме да го добиеме? Во Еванглието според Јован 1,4 читаме: „Во Него (Словото т.е. Христос) беше животот и животот им беше светлина на луѓето“. Тој самиот има живот и тој живот го дава на сите што сакаат да Го прифатат (Јован 17,2). Значи, Христос има живот, и Тој е единствениот кој го има, и Тој сака да ни го даде на нас. А што е тој живот? Третиот стих: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос.“ Дали личноста што го познава Христа има вечен живот? Тоа е токму она што го кажува Божјето слово.

И Тој повторно кажува во Јован 3,36: „Кој верува во Синот, има вечен живот“. Тоа се зборови на Господ Исус Христос. Како знаеме дека го имаме тој живот? Ова е важно прашање. „Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, бидејќи ги љубиме браќата свои. Оној што не го љуби братот свој, тој останува во смртта. Секој што го мрази братот свој, е човекоубиец; и познато ви е дека ниеден човекоубиец нема живот вечен, што ќе остане во него“ (1 Јованово 3,14.15).

Некои велат: „Знаеме дека наскоро ќе го добиеме вечниот живот“. Да, тоа е точно, но и подобро е од тоа; ние го добиваме уште сега. Тоа не е само теорија. Тоа е Божје слово. Дозволете ми да илустрирам: Овде имам двајца луѓе, двајца браќа – по сѐ изгледа дека тие се слични. Меѓутоа, едниот е христијанин, а другиот не е. Оној што е христијанин, иако ништо однадвор на него не укажува на тоа, има живот што другиот го нема. Тој преминал од смрт – состојба во која другиот се наоѓа – во живот. Тој има нешто што другиот го нема, а тоа е вечен живот. Оние зборови: „ниеден човекоубиец нема живот вечен“ не би значеле ништо, ако никој друг нема живот вечен во себе.

1 Јованово 5,10: „Кој верува во Синот Божји, тој го има тоа сведоштво во себе. Кој не му верува на Бог, Го прави лажливец, зашто не поверувал во сведоштвото Негово со кое посведочил Бог за Својот Син“. Бог не може да лаже, и затоа, кога велиме дека Божјите зборови не се такви какви што се, ние себе си се правиме лажливци. Според овој текст, ние Бог го правиме лажливец, ако не веруваме во сведоштвото што Бог го дал за Својот Син. Што треба тогаш да веруваме за да го обориме тоа обвинување за неверство во тоа сведоштво и нарекувањето на Бога дека е лажливец? Тоа го објаснува следниот стих: „А сведоштвото е тоа дека Бог ни дарувал живот вечен; и тој живот е во Неговиот Син.“ (1 Јованово 5:11).

Некои луѓе се плашат дека идејата за оправдување со вера и вечниот живот ќе ги оддалечи луѓето од заповедите. Но никој, освен оној што е оправдан со вера – кој го има Христовиот живот – не ги држи заповедите, бидејќи Бог кажува дека сме оправдани со вера, а ако ние велиме дека не сме, тогаш Бог го правиме лажец – ние лажно сведочиме против Него и ја кршиме деветтата заповед. Во стихот што пред малку го цитиравме ни е кажано што треба да веруваме за да го обориме обвинувањето за нарекувањето на Бога дека е лажливец. Треба да веруваме дека Бог ни дал вечен живот во Христа. Сѐ додека го имаме Божјиот Син, имаме и вечен живот. Со вера во Божјето слово ние го примаме Христа во нашите срца. Дали тоа е мртвиот Христос? Не. Тој живее и не може да биде одвоен од својот живот. Затоа, кога ќе го внесеме Христос во своите срца, ние го внесуваме и животот. Тој, кога ќе дојде, го внесува тој живот во нашите срца. Колку само треба да му бидеме благодарни на Бога за сето тоа.

Кога Исус бил во Витанија ѝ кажал на Марта: „Јас сум воскресението и животот“ (Јован 11,25). Веќе читавме за преминувањето од смрт во живот. Како се случува тоа? Само со воскресение. Во Христа имаме воскресение во нов живот. Обрнете внимание на следните зборови: Павле се моли за да може да го запознае Него и „силата на Неговото воскресение“ (Филипјани 3,10). Во Ефесјаните 2,4 читаме: „Но Бог, кој е богат со милост, поради големата Негова љубов, со која нѐ засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нѐ оживеа (не направи живи) заедно со Христа, по благодат сте спасени“.

Забележете дека Тој го направил тоа, и Тој „нѐ воскресна со Него и нѐ постави на небесата во Христос Исус“ (Ефесјани 2,6). Бевме мртви, оживеани сме и воскреснати за да седиме на небесата со Исус Христос. Мораме и можеме денес да го имаме Христовиот живот, зашто кога Тој ќе дојде, ќе ги преобрази нашите смртни грешни тела со истата сила со која ги променил и нашите срца. Срцето мора да се промени сега. Тоа не може да биде променето на друг начин, освен со животот на Христос кој влегува и живее во него. Но, кога Христос се наоѓа во срцето, ние можеме да живееме Христов живот, а потоа, кога Тој ќе дојде, ќе се открие во слава. Тој бил Христос кога бил овде, на земјата, иако немал придружба од ангели, ниту видлива слава на себе. Тој бил Христос кога бил човек на болката. А потоа, кога се вознел, се открила славата. Таков е случајот и со нас. Христос мора сега да живее во нашите срца, а кога ќе дојде и ги преобрази нашите тела, тогаш ќе се открие и славата.

Христос го дал својот живот за нас (Јован 10,10.11). Тој дал сѐ што имал. Што било тоа? Неговиот живот. Тој го дал својот живот поради нашите гревови (Галатјаните 1,3.4). Ние ќе бидеме спасени со Неговиот живот. Тоа е Христовиот живот кој дејствува во нас и нѐ ослободува од гревовите на овој сегашен зол свет. Тоа е бизнис трансакција. Тој го дал Својот живот за нашите гревови. Тогаш, на кого Тој го дал Својот живот? На оние што имале гревови како замена за тој живот. Дали вие имате гревови? Ако имате, тогаш можете да ги замените за Христовиот живот.

Во Евреите 5,2 ние учиме дека делото на првосвештеникот било дело на сочувство. Токму затоа, кога Спасителот бил на земјата, луѓето што го носеле името свештеници не биле вистински свештеници. Тие немале сочувство. Тоа биле зли и себични луѓе. Еден од нив дури и поминал на спротивната страна од патот каде што лежел човекот кого разбојниците го ограбиле. Христос имал сочувство: „Затоа Тој мораше во сѐ да личи на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите на народот“ (Евреите 2,17).

Што е остварено со Христовово сочувство? Дадена ни е сила на нас. Каква е користа за нас од Христовото сочувство? Тој знае каква сила ни е потребна. Тој знае од што имаме потреба, кога имаме потреба и како имаме потреба. Според тоа, Христовото дело како Првосвештеник е поради едно нешто – да нѐ ослободи од гревот. Која е силата на Христовото првосвештенство? Тој е направен Свештеник „не по силата на телесна заповед, туку по силата на вечниот живот“ (Евреите 7,16). Тоа е силата со која Христос нѐ ослободува мене и тебе од гревот денес, и секој час и секој миг кога веруваме во Него.

Христос бил бесмртен пред да дојде на земјата. Тој бил Бог. Која е суштинската карактеристика на божеството? Животот. Ако Христос бил бесмртен, и според тоа имал живот, како можел да умре? Не знам. Тоа е тајна, но јас сум толку благодарен што еден, кој имал живот што ништо не може да го допре, умрел за нас и успешно се спротивставил на сите напади на непријателот. Толку силен бил Тој, што можел да го положи својот живот и повторно да го земе. Зошто никој не можел да го одземе животот од Христос? Затоа што бил безгрешен, и ако некогаш имало на земјата друг човек кој живеел без грев, тој исто така никогаш немало да умре. Но никогаш немало, освен Еден кој одел по оваа земја, кој бил совршено безгрешен. Тоа бил Исус Христос од Назарет.Никој не можел да го одземе животот од Христос. Злите луѓе немале сила да Го убијат. Тој самиот го положил својот живот. Кога не би решил сам да го направи тоа, никој, никогаш не би можел да му го одземе.

Бог го подигнал „откако го ослободи од смртните маки, бидејќи смртта немаше сила да го задржи“ (Дела 2,24). Не било возможно смртта да го држи Христос. Тој во својот живот имал сила која ѝ пркосела на смртта. Тој го положил Својот живот и ја зел смртта на Себе, за да може да ја покаже својата сила над смртта. Тој ѝ пркосел на смртта, Тој влегол точно во царството на смртта – гробот – за да покаже дека има сила над него. Христос го положил Својот живот, и кога дошло времето да го направи тоа, Тој повторно го зел. Зошто смртта не можела да го задржи? Затоа што бил безгрешен. Гревот ја потрошил целата своја сила над Него, и ниту најмалку не го осквернил. Не можел да направи ниту една единствена дамка на Неговиот карактер. Неговиот живот бил безгрешен живот и затоа гробот немал сила над Него. Истиот тој живот ние го имаме кога веруваме во Божјиот Син. Има победа во таа мисла. Ние можеме да ја имаме таа победа преку вера во Божјиот Син. Дајте му ги вашите гревови на Господа и земете го безгрешниот живот наместо нив. Тој го дал Својот живот заради нив. Тогаш зошто да не ја прифатиме цената што била платена? Вие не ги сакате гревовите, и животот ќе биде толку драгоцен за вас. Тој ќе го исполни вашето срце со радост и веселба. Ние сме помирени преку Неговата крв и сега уште повеќе ќе бидеме спасени преку Неговиот живот.

Христовиот живот е божествена сила. Во време на искушение победата е веќе извојувана. Кога Христос живее во нас, ние сме оправдани со вера, и ние постојано го имаме Неговиот живот во нас. Но во тој живот Тој го победил секој грев, така што победата е наша уште пред да дојде искушението. Кога сатаната ќе дојде со своето искушение, тој нема сила, бидејќи ние го имаме Христовиот живот и тој живот во нас го одбива непријателот во секое време. О, колку славна е таа мисла, дека има живот во Христос, и дека и ние можеме да го имаме тој живот.

Праведникот ќе живее од верата, зашто Христос живее во него. „Се распнав заедно со Христос; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и себе се предаде за мене“ (Галатјани 2,20). Да, ние сме распнати со Христа, но дали Христос е мртов? Не. Тој е повторно подигнат; тогаш и ние сме подигнати со Него. Меѓутоа, ние сме во тело. Тоа е точно, но и во тело може да постои божествениот живот што постоел и во Христос кога Тој бил во тело.[1]

[1] Тело токму како и нашето – види Евреите 2,14.17. За оваа тема авторот зборува во многу свои дела, би го спомнале Христос и Неговата праведност како можеби најпознато, но на ова место нема да се занимаваме со тоа – забелешка на преведувачот.

Овие нешта ние не можеме да ги разбереме. Тоа се тајни на Евангелието. Тајната на Христос кој се јавил (појавил) во тело. Сето она што небото го направило за човекот е тајна. Една јадна жена патела од крвотечение. Во збиеното мноштво луѓе, таа се допрела до работ на облеката на Учителот. Христос кажал: „Сетив дека излезе сила од Мене“ (Лука 8,46). Таа жена навистина била болна, и кога се допрела до работ на Неговата облека, навистина била исцелена. Што е тоа што ја исцелило? Постоела реална сила која излегла од Исус, влегла во жената и ја исцелила.

Овие чуда се запишани за нас. Зошто биле запишани? „За да поверувате дека Исус е Христос, Синот Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име“ (Јован 20,31). Истиот живот и сила што излегле од Христос и го исцелиле телото на жената, излегле за да ја излечат и нејзината душа. Христос е спремен и сака истото да го направи и денес. Овие нешта се забележани за ние да можеме да знаеме дека истата божествена сила и живот што влегувале во телата на луѓето за да ги исцелат, влегуваат и во душите на оние што веруваат. Ние можеме да го примиме истиот тој живот во својата душа, за да ги победиме искушенијата на непријателот.

Посто само еден живот кој може да се спротивстави на гревот, а тоа е безгрешниот живот; а животот на Божјиот Син е единствениот безгрешен живот. Колкумина од нас се стремеле да се направат безгрешни. Тоа е однапред изгубена игра. Но ние можеме да го имаме Христовиот живот, а тоа е безгрешен живот. Слава нека е на Бога за овој неопислив дар.

 

Pin It on Pinterest