Некои родови на верата.
Христос – Носител на јаремот.
Времето за подготовка е сега.

„И така, оправдани преку верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исус Христос. Преку Него со верата добивме и пристап кон оваа благодат, во која стоиме, и се гордееме со надежта во славата Божја. Но не само тоа, туку се гордееме и со маките, знаејќи дека од маката се раѓа трпението; од трпението, пак – искуство, а од искуството – надеж. Надежта пак, не посрамотува. Зашто љубовта Божја е излеана во нашите срца преку нам дадениот Свети Дух“ (Римјани 5,1-5).

Петтата глава содржи делумно набројување на благословите кои се плод на една таква вера, како што е прикажана во четвртата глава. Таа го прикажува христијанскиот развој на животот на секој човек кој ја има Авраамовата вера. Два збора даваат основен тон на поглавjето – „многу повеќе“. Ако имате слава, трпение или христијанско искуство за кое се зборува во ова или во било кое друго поглавjе, знајте дека Бог има залихи на сите тие нешта и е подготвен да даде многу повеќе, бидејќи Тој „може да направи изобилно повеќе од сѐ што можеме да молиме или да замислиме“ (Ефесјани 3,20).

„И така, оправдани преку верата“, што значи, доведени во склад со законот преку верата, „имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исус Христос“ (Римјани 5,1). Единствен начин на кој човекот може да дојде во склад со законот и да живее ослободен од осуда е со вера во Божјите ветувања. Во Христос нема неправда, и затоа во Него има само праведност. Верувајќи во Христа, христијанинот ја има Христовата праведност.

Но, зарем Јаков не кажува дека мора да постојат дела на верата или верата нема да биде од никаква корист? Точно е дека верата станува совршена преку делата (Јаков 2,22). Но преку вера, и само со вера, луѓето се оправдуваат. Истиот текст кој ни кажува дека Авраам се оправдал со вера, кажува дека делата биле само израсток на верата која била во нивниот темел и дека со тие дела се исполнило она што е запишано: „И му поверува Аврам на Господ, и тоа му се засмета за праведност“ (1 Мојсеева 15,6). Делата се резултат на верата. „Зашто Бог е Оној кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја“ (Филипјани 2,13). Ние се предаваме во Христовите раце. Тој доаѓа и се вселува во нас. Ние сме како глина во рацете на грнчарот, но Христос е Тој што ги прави сите добри дела и на Него му припаѓа сета слава.

„Имаме мир со Бога“ (Римјани 5,1). Што е тоа мир? Тоа не е чувство, туку факт. Мнозина мислат дека мора да искусат некое одредено чувство кое ќе го препознаат како „Божји мир“. Но тие никогаш го немале Божјиот мир, и затоа не знаат какво треба да биде тоа чувство. Сатаната може да предизвика некои чувства на среќа, и ако христијанинот ги има само чувствата како критериум, ќе биде измамен. Господ не е заинтересиран за чувствата, туку за фактите. Мирот е спротивен на војната, неслогата, борбата за извишување. Ние сме во мир со Бога или сме во војна. Ако сме во војна со Бога, тоа е затоа што сме истрајни во бунтот.

Како луѓето се борат против Бога? Следејќи ги грешните навики. Секој кој свесно се предава на некоја грешна навика се бори против Бога. Бог е Бог на мирот. Христос им го оставил мирот на своите следбеници. „И мир Божји да владее во срцата ваши“ (Колосјани 3,15). Меѓу Бог и Неговиот мил Син на небото постои „согласност за мир“. Тие се во согласност поради човековиот мир. Постои само еден услов под кој човекот може да го има тој мир – безусловно предавање, предавање на сѐ што сме и што имаме на Бога и тогаш постои мир во срцето, независно од чувствата.

„Голем мир имаат оние што го љубат Твојот закон, и во нив нема соблазна“ (Псалм 119,165). „О, да беше ги пазел Моите заповеди! Тогаш твојот мир ќе беше како река, и твојата правда – како морски бранови“ (Исаија 48,18). Колку е голема утехата во овие зборови! „Исус Христос е ист вчера, и денес, и во вечни векови“ (Евреите 13,8). На тој начин, Неговиот мир е спореден со постојано течење на река и континуиран вртлог на океанските бранови. Затоа, чувствата не се важни, зашто ако сите гревови се признати, Бог е верен и праведен да ги прости, и ние сме во мир со Него. Состојбата на мир е состојба на човекот кој е оправдан со вера.

„Преку Него (Христос) со верата добивме и пристап кон оваа благодат (незаслужено проштевање и наклоност), во која стоиме, и се гордееме со надежта во славата Божја“ (Римјани 5,2). Праведноста може да се исполнува во луѓето од ден во ден со истата сила со која Исак бил роден од родители кои биле практично мртви. Кога луѓето еднаш го стекнат ова искуство, следното што ќе се случи е што тие се принудени да се радуваат во надежта на Господовото доаѓање.

Колку често гледаме со страв на Господовото доаѓање? Ако не се радуваме во Господа во сегашниот живот, нема надеж за нас дека ќе се радуваме во Него во животот што ќе дојде. Зошто христијаните би требало да се гордеат со „надежта во славата Божја“? (Римјани 5,2). Затоа што тие се во мир со Него. На Адвентистите на седмиот ден им е понудено и „кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето избавување“ (Лука 21,28). Ние Го славиме затоа што Тој скоро доаѓа. Тоа е едно од најславните и најрадостните ветувања што ги имаме.

Ние живееме во сегашноста, не во иднината. Читајте 1 Петрово 1,5-9. Спасението денес ни припаѓа во иста мера како што тоа ќе биде и во Божјето царство. Никој, освен ние самите, не може да нѐ лиши од тоа. Петар кажува: „Примајќи (сегашно време) ја крајната цел на вашата вера – спасението на душите“. Нашето сегашно спасение е наша единствена надеж за идното спасение. „Божјата сила… ве сочувала“ е изразот што го користи Петар, а го означува токму истиот услов – „оправдани преку верата“ – во петтата глава на Римјаните.

Силата што луѓето ќе ги направи бесмртни во животот што ќе дојде е истата онаа сила што и ги оправдува – ги доведува во склад со законот – така што тие секој ден се во склад со него. Во Посланието до Филипјаните 3,21 Павле кажува: „Тој ќе го преобрази нашето понизено тело да стане подобно на Неговото славно тело, со силата преку која Тој може да потчинува под Себе сѐ“.

Во Ефесјаните 3,16, Павле, во една вдахновена молитва, моли тие да бидат утврдени во внатрешниот човек со силата на Неговиот Дух, според „богатството на Својата слава“. Божјата благодат е еднаква со Божјата слава. Божјиот престол е престол на славата, и благодатта во која стоиме е во склад со Божјата слава.

„Се гордееме и со маките, знаејќи дека од маката се раѓа трпението“. Некои кажуваат дека неволјите произведуваат нетрпение. Тоа не е точно. Ако човекот не е оправдан со вера, неволјата ќе го развие нетрпението што е во него. Како тогаш неволјата да произведе трпение? Нека одговорат овие текстови: „Сите ваши грижи ставете ги на Него, зашто Тој се грижи за вас“ (1 Петрово 5,7). „Пренеси ја на Господ маката своја и Тој ќе те поткрепи“ (Псалм 55,22). „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11,28).

Тој го понесува тешкиот товар. Што претставува тоа бреме? Сето она што нѐ загрижува и нѐ вознемирува. Без оглед дали е тоа некоја ситница – мало искушение – или нешто големо. Ставете го на Господа. Ние се радуваме во неволјите, бидејќи го имаме Христос со себе, и целото тоа бреме го префрламе на Него. Тој може да го носи. Тој веќе го понел бремето на целиот свет, така што ништо не можеме да додадеме на Неговото бреме.

Како да се ослободиме од нашето бреме? Го предаваме на Христа и тогаш велиме: „Тој го носи бремето“. И Тој го носи, независно од тоа дали се чувствате поинаку или не. Тогаш ќе искусите колку вистинити се зборовите „јас ќе ве успокојам“. Тоа е одмор дури и ако физичка болка сѐ уште го проникнува вашето тело. Зошто Христос ги носи тие страдања, и вие сте воздигнати над секоја болка.

Како мачениците оделе на справите за мачење и на клада со радосни песни на усните? Дали тоа било само фаленичење со храброст? Не, Христос го носел нивниот товар и тие имале мир во Него. Со цело срце Му пееле песни на пофалба. Толку биле среќни и радосни, што одвај ја забележувале болката додека ги обвивале пламените јазици. Мораме да поминеме низ „голема неволја“. Тоа може да биде камшик по голо тело или справи за мачење. Човечката природа се повлекува пред такво мачење. Но, во Христа ние можеме да го носиме тоа. Стекнете сега искуство со Него и во времето на проба Тој нема да ве напушти. Тој може да го носи тој голем товар исто така лесно како и некој мал товар.

Тогаш Исус ќе биде наш исто како и сега, и животот што го живееме ќе биде во Него. Ниту еден човек нема да може да опстане во тоа време ако претходно не ја научил лекцијата на верата. Сега е вистинското време, кога лекцијата може да се научи под лесни околности. Колку голема и да е неволјата на времето што доаѓа, ние ќе поминеме низ неа со радост. Таа радост мора сега да се учи.

„Трпеливоста, пак, нека биде совршено дело за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток“ (Јаков 1,4). Трпението докажува дека сме совршени луѓе.

„Трпението гради искуство“ (Римјани 5,4). Овде станува збор за христијанско искуство. „Искуството“ укажува на луѓе што тоа искуство го имаат, откако биле испробани и искушани. Тие се потпреле на Бога и вкусиле колку е Бог добар.

Искуството, или фактот дека ние секојдневно вкусуваме од добрината Божја, изградува надеж – надеж во Бога. Ако секој ден вкусуваме од Божјата добрина, тогаш секој ден има надеж. Тоа значи дека имаме причина да ги очекуваме нештата за кои копнееме. Ние го имаме спасението денес, затоа во надеж се радуваме на вечното спасение. Тоа навистина е поглавје на надежта и радоста.

Pin It on Pinterest