Откупувањето значи – да се откупи назад. Што треба да се откупи назад? Очигледно, она што е изгубено, она што Господ дошол да го спаси. А што било изгубено? Најнапред, тоа е човекот: „Зашто вака вели Господ: За ништо бевте продадени, и без пари ќе бидете откупени“ (Исаија 52,3). Што уште било изгубено? Секако, сето она што човекот го поседувал. А што било тоа?

 

Власта на човекот

„Потоа Бог рече: ‘Да создадеме човек според Нашиот образ, според Нашето подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над морските риби, над небесните птици, и над добитокот – над целата земја и над сите лазачи што ползат по земјата!’ И Бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде. И ги благослови Бог, и им рече: ‘Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа. Владејте со морските риби, и небесните птици, и сите живи суштества што лазат по земјата!’“ (Битие 1,26-28)

За човекот, псалмистот ги кажува следните зборови: „Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го овенчал, и си го поставил над делата од рацете Твои, и сѐ си потчинил под нозете негови; овците и воловите и сите ѕверови полски, птиците небески и рибите морски, сѐ што се движи по морските патишта“ (Псалм 8,5-8).

 

Изгубената власт

Тоа била првобитната област над која човекот владеел, но не била сочувана. Во посланието до Евреите се цитирани зборови на псалмистот, заедно со дадените коментари:

„Зашто Бог не им го покори на ангелите идниот свет, за кого што зборуваме, туку, напротив – некој посведочил зборувајќи: ‘Што е човекот да мислиш на него, синот човечки, та да се грижиш за него? Само за малку си го направил помал од ангелите, и си го овенчал со слава и чест и си го поставил над делата од Твоите раце; сѐ си потчинил под нозете негови.’ А кога сѐ му потчини, ништо не му остави непотчинето. Но сега уште не гледаме дека сѐ му е потчинето, но Го гледаме Исуса ‘Кој беше направен само за малку понизок од ангелите’ и поради претрпената смрт беше овенчан со слава и чест, та, по Божјата благодат, Тој да вкуси смрт за сите.“ (Евреите 2,5-9)

Со овие зборови ни е претставена прекрасна слика. Бог му ја дал земјата на човекот, за да вледее со неа и со сѐ што е на неа. Но, ситуацијата сега не е таква. „Сега уште не гледаме дека сѐ му е потчинето.“ Зошто денес не гледаме дека сите нешта му се потчинети на човекот? Бидејќи со падот во грев човекот изгубил сѐ. Но, сега го гледаме Исуса, направен „само за малку понизок од ангелите“, за да може, откако станал човек и вкусил смрт за секој човек, да им го врати изгубеното наследство на сите кои веруваат. И како што e сигурно дека Исус умрел и воскреснал и дека сите кои веруваат во Него ќе бидат спасени со Неговата смрт и воскресение, така е сигурно дека и изгубеното наследство ќе им биде вратено на откупените.

 

Светот што доаѓа

Тоа може да се види уште од првите цитирани зборови од Посланието до Евреите: „Зашто Бог не им го покори на ангелите идниот свет, за кого што зборуваме“. А дали Бог му го покори идниот свет на човекот? Да. Кога ја создал земјата ја покорил на човекот, а Христос зел облик на човек во падната состојба, за да го откупи човекот и неговото изгубено наследство; бидејќи Тој дошол да го спаси она што е изгубено. И бидејќи во Него сме добиле (би можеле слободно да кажеме – повторно задобиле… но, акцентот е во Него забел. на преведувачот) наследство, јасно е дека во Христа ни е потчинет идниот свет, што не е помалку од обновената земја каква што била пред падот во грев.

Ова, исто така, е покажано и со зборовите на пророкот Исаија: „Ќе отидат со срам заедно, сите оние што прават идоли. Но Израел ќе биде спасен со вечно спасение од Господа; вие нема да бидете посрамени и осрамотени во векови. Зашто вака вели Господ, Кој го создаде небото, Тој, Бог, Кој ѝ даде облик на земата и Кој ја создаде; Тој ја зацврсти, не ја создаде пуста. Тој ја создаде за живеење. Тој вели: ‘Јас сум Господ, и нема друг. Не говорев тајно Јас, не во темно место на земјата. Не му реков на Јакововото племе: Барајте Ме напразно. Јас сум Господ, Кој изрекува правда, Кој ја открива вистината.“ (Исаија 45,16-19)

 

Божјата намера нема да биде спречена

Господ ја создал земјата за живеење, и бидејќи Тој прави сѐ по советот на својата волја, сигурно е дека Неговиот план ќе се оствари. Но, кога Бог ја создал земјата  и морето и сѐ што е во нив, и човекот на земјата, видел „дека сето она што го создаде е многу добро“ (Битие 1,31). Бидејќи Божјиот план ќе се оствари, очигледно е дека земјата ќе биде населена со многу добри луѓе и дека во тоа време ќе биде во совршена состојба.

 

Крунисан со слава

Кога Бог го создал човекот, „со слава и чест го овенчал“ и го поставил да биде господар „над делата на Твоите раце“ (Евреите 2,7). Според тоа, тој бил цар и, како што покажува неговата круна, неговото царство било царство на славата. Меѓутоа, поради гревот тој го изгубил царството и славата, „зашто сите згрешија и се лишени од Божјата слава“ (Риманите 3,23). Тогаш Исус застанал на негово место и преку смртта што ја вкусил за секој човек, бил крунисан со „слава и чест“. Токму „човекот Исус Христос“ (1 Тимотеј 2,5) е Оној кој ја вратил назад власта што ја изгубил првиот Адам. Тоа го направил за многу синови да доведе во славата. Во Него сме добиле (повторно задобиле) наследство, и бидејќи „човекот Христос Исус“ сега е „пред лицето на Бога за нас“ (Евреите 9,24), јасно е дека идниот свет, односно новата земја – „првата (поранешната) власт“ (Михеј 4,8) – сѐ уште е дел на човекот.

 

Проклетството што го понел Христос

Тоа го објаснува и следниот текст: „така и Христос, откако беше принесен еднаш за да ги земе гревовите на мнозина, ќе се јави вторпат без грев, за спасение на оние кои го очекуваат“ (Евреите 9,28). Кога се принел Себеси, Тој го понесол проклетството за да може да го отстрани. „Христос нѐ откупи од проклетството на Законот, откако стана проклетство за нас, зашто е пишано: ‘Проклет да е секој, кој е обесен на дрво’“ (Галатјаните 3,13). Но, кога проклетството на гревот паднало на човекот, тоа паднало и на земјата, зашто Господ му кажал на Адам: „Бидејќи ја послуша жената, та јадеше од дрвото, од кое ти забранив и реков – не јади од него – затоа земјата нека биде проклета поради тебе. Со мака ќе се храниш од неа, сѐ до крајот на својот живот. Трње и бодлики ќе ти раѓа“ (Битие 3,17.18). Кога Христос бил предаден во рацете на грешници, „исплетоа трнов венец, Му го ставија на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: ‘Те поздравуваме, Царе Јудејски!’ И плукаа на Него и со трската Го удираа по главата“ (Матеј 27,29.30). Кога го понел проклетството кое паднало на човекот, Христос истовремено го понел и проклетството на земјата. Па, кога ќе дојде да ги спаси оние што ја прифатиле Неговата жртва, Тој ќе дојде да ја обнови и земјата.

 

Време на обнова

Затоа апостол Петар рекол: „И да го испрати Претскажаниот за вас Исуса Христа, Кого небото треба да го прими до времето, кога ќе биде воспоставено сѐ, за кое Бог зборуваше од древноста преку устата на Своите свети пророци“ (Дела 3,21). Исто така, ги имаме и Христовите зборови: „Кога Човечкиот Син ќе дојде во Својата слава и сите ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на Својата слава; и ќе се соберат пред Него сите народи, а Тој ќе ги оддели едни од други, како што пастирот ги одделува овците од јарците. И ќе ги постави овците од својата десна страна, а јарците од левата. Тогаш Царот ќе им рече на оние од десната страна: ‘Дојдете благословени од Мојот Татко, и примете го во наследство Царството, кое ви е приготвено од создавањето на светот“ (Матеј 25,31-34). Тоа ќе биде остварување на дејството на Евангелието.

 

Почетокот на наследството

Да се вратиме сега на зборовите на апостолот во Ефесјаните прва глава. Таму научивме дека во Христа сме одредени за посинување (осиновување). А ако сме синови, тогаш сме и наследници Божји, а сонаследници со Исуса Христа. Во Христа сме добиле (повторно задобиле) наследство, бидејќи Тој победил и седнал од десната страна на Таткото, чекајќи додека да се положат Неговите непријатели под нозете Негови и сѐ да му се потчини (покори) на Него. Фактот за нашето наследство во Него е исто така сигурен, како што е сигурно дека Тој победил. Како залог на ова наследство што го имаме во Него, ни Го дал Светиот Дух. А тој залог ја има природата на ова наследство и затоа го покажува богатството на славата на тоа наследство.

 

Духот и сигурноста

Духот е Христов претставник. Затоа Духот, Кој пребива (живее) во луѓето, е Христос во нив, надежта на славата. А Христос во луѓето е творечката сила во нив, создавајќи од нив нови созданија. Духот е деден „според богатството на Неговата слава“ (Ефесјани 3,16) и тоа е мерката на силата со која ќе бидеме засилени. Според тоа, богатството на славата на наследството, објавено преку Духот, не е ништо помало од силата со која Бог ќе создаде сѐ ново преку Исуса Христа, како и во почетокот, и со која ќе го создаде новиот човек, за тој да може да го прими тоа славно наследство. Кога Духот е даден во полна мерка, оние на кои им е даден ќе го вкусат „доброто Божјо слово и силите на идниот свет“ (Евреите 6,5).

 

Евангелието, сила на сегашното време

Според тоа, евангелието не се занимава исклучиво со иднината. Тоа е сегашно и лично. Тоа е сила Божја за спасение на секој кој верувал или кој верува. Затоа што веруваме имаме сила, и оваа сила е силата со која идниот свет ќе биде подготвен за нас, како што бил создаден во почетокот. Затоа, во проучувањето на ветеното наследство, ние едноставно ја проучуваме силата на евангелието, која ќе нѐ спаси од овој сегашен зол свет.

 

Кои се наследници?

„А ако сте пак вие Христови, тогаш сте Авраамово семе (потомство), и наследници по ветувањето.“ (Галатјани 3,29)

На што сме наследници ако сме Авраамово потомство? Очигледно, на ветувањето дадено на Авраам. Ако сме Христови, тогаш сме сонаследници со Него, бидејќи Христови се оние кои го имаат Духот, а оние кои го имаат Духот се наследници Божји и сонаследници со Исуса Христа. Според тоа, за да бидеме сонаследници со Христа, треба да бидеме Авраамови наследници.

„Наследници според ветувањето.“ Какво ветување? Ветувањето дадено на Авраам. А како гласело тоа? Да го прочитаме одговорот во Римјаните 4,13: „Зашто, ветувањето на Авраама, или на неговото потомство, дека ќе биде наследник на светот, не му е дадено врз основа на Законот, туку преку праведноста од верата.“ Според тоа, тие што се Христови се наследници на светот. Тоа веќе го заклучивме од многу текстови, но сега гледаме како тоа е дефинитивно поврзано со ветувањето дадено на Авраам.

Исто така, дознавме дека наследството ќе биде предадено при доаѓањето на Господ, зашто кога Господ ќе дојде во Својата слава, ќе им каже на праведните: „Дојдете благословени од Мојот Татко, и примете го во наследство Царството, кое ви е приготвено од создавањето на светот“ (Матеј 25,34). Кога светот е создаден, е наменет за живеалиште на човекот, и на човекот му е даден. Но неговото владеење е изгубено. Навистина, луѓето денес живеат на земјата, но го немаат наследството што Бог им го дал во почетокот. Совршеното создавање било во сопственост на совршени созданија. Денес не е во владеење на луѓето, бидејќи „едно поколение заминува, друго доаѓа, а земјата останува секогаш“ (Проповедник 1,4). Додека земјата секогаш стои, „нашите денови се како сенка на земјата, и никој нема да остане“ (1 Летописи 29,15). Всушност, никој не поседува ништо од овој свет. Луѓето работат и се борат за да зграбат богатство, а потоа „своите богатства им ги оставаат на други“ (Псалм 49,10). Меѓутоа, Бог прави сѐ според советот на Својата волја. Ниту една од Неговите намери нема да пропадне. Кога човекот згрешил и го изгубил своето наследство, преку Христа е ветено обновување со следните зборови: „И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата“ (1 Мојсеева 3,15). Во овие зборови проречено е уништувањето на сатаната и на сите негови дела. Ова „големо спасение“ беше „најнапред проповедано од Господ“ (Евреите 2,3). Така „првата власт“ (Михеј 4,8), „царството, власта и величеството под сето небо ќе му се даде на народот на светите на Севишниот. Неговото царство е вечно царство“ (Даниел 7,27). Тоа ќе биде вистинско наследство, бидејќи ќе остане вечно.

 

ВЕТУВАЊЕТО ЗА НЕГОВОТО ДОАЃАЊЕ

Но, сето тоа ќе се оствари кога Господ ќе дојде во слава: „Кого небото треба да го прими до она време, кога ќе се воспостави сѐ што од древноста беше рекол Бог преку устата на Своите свети пророци“ (Дела 3,21). Затоа Господовото доаѓање за да обнови сѐ било голема надеж ставена пред црквата уште од падот на човекот во грев. Верните луѓе секогаш го очекувале овој настан, и иако се чинело дека долго не се остварува и мноштво луѓе се сомневаат во тоа ветување, сепак тоа е исто толку сигурно како што е сигурно и Божјото слово. Ветувањето, во кое се сомневаат оние што не веруваат, и сигурноста на неговото исполнување, видливо се прикажани во следниот дел од Светото Писмо:

„Еве, возљубени, како веќе ви го пишувам второто послание во кое со напомнување, исто како и во првото мое послание, ви го разбудувам вашиот чист разум, за да се потсетите на зборовите, порано кажани од светите пророци, и на заповедта од Господ и Спасителот, дадени преку вашите апостоли. Најнапред знајте го тоа дека во последните денови ќе се јават подигрувачи, кои ќе се подбиваат и ќе живеат според своите похоти. Ќе велат: ‘Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Зашто, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така како од создавањето на светот.’ Тие намерно забораваат дека небесата и земјата од порано беа создадени од вода и преку вода со силата на Божјето слово, преку кое, тогашниот свет загина, потопен од вода. А сегашните небеса и земјата, пазени од истото слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе. Но внимавајте, возљубени, да не го изумите само тоа дека за Господ еден ден е како илјада години, а илјада години како еден ден. Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да загине некој, туку сите да се покаат. И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори. И така, бидејќи сето тоа ќе се разруши, каков треба да биде вашиот свет живот и побожноста ваша, додека го очекувате и посакувате скорото доаѓање на Божјиот ден, во кој небесата ќе се разрушат и основите во оган ќе се стопат? Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе пребива (ќе живее) правдата.“ (2 Петрово 3,1-13)

Да го прочитаме повторно овој текст и да ги забележиме следните точки:

  1. Оние кои се потсмеваат на ветувањето за Господовото доаѓање намерно игнорираат (свесно забораваат) дека најјасните и најважните настани запишани во Светото Писмо се создавањето и потопот. Тие велат: „сѐ си стои така како од создавањето на светот!“ Тие не биле присутни при создавањето на светот, а Бог, кој бил присутен, кажува дека нештата од тогаш многу се промениле.
  2. Во почетокот Господ ги создал небото и земјата со Својот збор. „Преку словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни“ (Псалм 33,6). „И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро“ (Битие 1,31).
  3. После неколку стотици години „погледна Бог на земјата, и ете – таа беше расипана, бидејќи секое суштество го расипа својот пат на земјата“. Истото слово со кое е создадена земјата, направило таа да биде покриена со вода; а истата таа вода придонела земјата да биде разорена. Земјата „пропадна“ со потоп. Земјата во својата сегашна состојба едвај наликува на онаа што постоела пред потопот.
  4. И со истото тоа слово со кое земјата е создадена и уништена, сегашната земја се чува за денот на пропаста на безбожните луѓе, кога ќе биде преплавена со огнено езеро наместо со потоп од вода.
  5. „Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе пребива (ќе живее) правдата.“ Истото тоа слово ќе го оствари сето тоа.

 

ГОЛЕМИОТ ВРВ

Изгледа дека доаѓањето на Господа е тој величествен настан кон што се стреми сѐ уште од падот во грев. „Ветувањето на Неговото доаѓање“ е исто како и ветувањето за новото небо и новата земја. Тоа ветување е дадено на „татковците“. Оние кои се потсмеваат не можат да кажат дека Библијата не го содржи тоа ветување, но бидејќи ништо не се променило откако починаа татковците, тие мислат дека тоа ветување не може да се исполни. Тие го занемаруваат фактот дека работите и нештата потполно се промениле од почетокот, од создавањето. И забораваат, исто така, дека Божјето слово останува довека.

 

Господ не заборава

„Господ нема да задоцни со Своето ветување.“ Забележете дека оваа реченица е во еднина, а не во множина. Не кажува ветувања, туку ветување. Факт е дека Господ не заборава ниту едно од Своите ветувања, но апостол Петар овде зборува за одредено ветување, имено, за ветувањето за Господовото доаѓање и обновувањето на земјата. Тоа всушност ќе биде „новата земја“, бидејќи ќе биде обновена во онаа состојба во која била при создавањето на почетокот.

 

Кратко време

Иако минало многу време, според човечките пресметки, откако е дадено ветувањето, „Господ нема да задоцни со ветувањето“. За Него илјада години е како еден ден. Според тоа, не поминала ниту една седмица откако за прв пат е дадено ветувањето во времето при падот во грев. Само неколку денови се за Бога откако „починаа татковците наши“. Минувањето на неколку илјади години, ниту за една цртичка не го намалува Божјето ветување. Тоа е исто толку сигурно како и тогаш кога е дадено. Тој не го заборавил. Единствена причина зошто толку одолговлекува е „но долго време трпи, бидејќи не сака да загине некој, туку сите да се покаат“. Затоа би требало „долготрпеливоста на нашиот Господ (да ја) смета(ме) како спасение“ (2 Петрово 3,15) и со благодарност да ја прифатиме добрината која така великодушно ни е понудена, наместо Неговото милостиво одложување да го сметаме како недостаток на одржување на ветувањето од Негова страна.

 

Работа од илјада години за еден ден

Не смееме да заборавиме: иако во очите на Господ илјада години се како еден ден, еден ден за Него е како илјада години. Што тоа значи? Едноставно значи ова: додека Господ според човечка пресметка може долго да чека пред да ги спроведе Своите планови, тоа не треба да го земаме како доказ, дека за остварување на одредена количина работа во било која фаза, ќе биде потребно исто толку време колку што за истата количина работа било потребно во минатото. Еден ден за Господа е исто толку добар како илјада години, кога Тој ќе одлучи работата од илјада години да ја заврши за еден ден. И тоа уште ќе го видиме. „Зашто Тој ќе го заврши делото и ќе го скрати во праведност; зашто Господ брзо ќе го заврши своето дело на земјата“ (Римјани 9,28). Еден ден ќе биде доволен за да се заврши работа од илјада години. Педесетница била само пример за силата со која ќе биде објавено делото на евангелието.

А сега, кога го имаме ова резиме на она што во реалност е евангелието за царството, и кога го спомнавме ветувањето дадено на татковците како темел на нашата вера, можеме да продолжиме со проучување на тоа ветување, започнувајќи од Авраам, чии деца мора да бидеме за да бидеме и сонаследници со Христа.

Pin It on Pinterest