(текстот кој следува е дел од поглавјето „Знаците на последното време“ од книгата Времето и знаците)

Земните длабини претставуваат Господова ризница со Господов арсенал од кој е земено оружјето што е употребено при уништувањето на претпотопниот свет. Во таа пригода водата што избивала од земјата се споила со водата што паѓала одозгора и опустувањето било целосно.

Во 2010 г. бевме сведоци на една тешка хаварија што се случи во Мексиканскиот Залив. Настана експлозија на една од повеќебројните платформа за експлоатација на нафта од морското дно во тоа подрачје. Со месеци не можеа да ја затворат дупката на дното на морето, при што стотици илјади барели нафта, наместо да се собираат во цистерни, се излија директно во морето и во голема мера го загадија. Постојат многубројни такви платформи и на други мориња во светот, со чија помош луѓето секој ден од морското дно вадат милиони барели нафта.

Сегашните оркани, урагани, тајфуни, циклони и цунами, чијашто зачестеност и интензитет секој ден се зголемуваат и, според библиските пророштва прераснуваат во катастрофи со немерливи димензии, ќе ги оддуваат сите платформи што ги направила и во морињата ги поставила човечка рака и огромните количества нафта ќе се излеат директно во морињата. Од друга страна, силните земјотреси и вулкани, што го зафаќаат и морето, ќе го испокинат морското дно и сета нафта што лежи под морето целосно ќе се излее во морските води и потполно ќе го уништат морето. Да, така кажуваат библиските пророштва – зло ќе го погоди и морето и реките, зло ќе ја снајде водата како вода (Откровение 16,3-6).

Независно од тоа дали нафтата лежи под морето или на други места во земјината утроба, таа е моќно оружје во Божјата рака кое Бог ќе го извади од својата ризница каде што го чува за бој, ќе го извади од пазувите на земјата и ќе го употреби за справување со гревот и грешниците во последно време. Нафтата, како реликт од претпотопниот грев на претпотопниот грешен свет мора да биде уништена така што Бог и неа ќе ја употреби при уништувањето на гревот и постпотопниот грешен свет.

Бог по своја волја ги повикува сите сили на природата да ја поразат и да ја уништат моќта на неговите непријатели: „Молњо, граду, снегу и магло, и вие виори, извршители на неговата заповед“ (Псалм 148,8).

Кога незнабожечките Аморејци се подигнале да ги спречат Божјите намери, Бог интервенирал, фрлајќи од небото „градно камење“ врз непријателите на Израел. За големата битка што ќе се одигра во последните сцени од светската историја, пророкот кажува: „Господ ја отвори својата ризница и го извади оружјето на својот гнев“ (Еремија 50,25). „Си влегувал ли ти во ризниците на снегот и си ги видел ли сокровиштата на градот“, прашува Господ, „што ги чувам за смутно време, за денот на битка и војна?“ (Книгата за Јов 38,22.23).

Опишувајќи го уништувањето што ќе уследи кога ќе одекне „силниот глас од небесната црква“, велејќи: „Се сврши!“, писателот на Откровението кажува: „Град, голем како талант (потежок од 30 килограми), падна од небото врз луѓето“ (Откровение 16,17.21).

Неодамна светот се соочи со еден нов феномен, нов според неговите димензии и местоположба. Станува збор за феномен познат како „Haboob“, арапски збор за песочна луња или за песочна бура каква што обично се случува во подрачјето на Сахара и на Арапскиот полуостров.

Слушавме и гледавме као на 6 јули 2011 г. огромен песочен облак целосно го покри главниот град на Аризона, Phoenix. Аризона е сојузна држава на Соединетите Американски Држави со многу пустински предели, со многу ситен песок и прав. Метеоролозите ја измериле големината на облакот: повисок од еден и пол километар, широк и до 160 километри, а се движел со брзина од околу 160 километри на час. Поради безбројните тони песок и прав во воздухот, видливоста била намалена, а неговите жители се жалеле на отежнато дишење. Тој ден авионскиот сообраќај бил целосно затворен.

Реален, односно сигурен заклучок: И пустините, а нив ги има многу насекаде во светот, се Божја ризница во која Бог чува огромен воен потенцијал, свое оружје, што го чува за „великиот ден на Семоќниот Бог“, кога, како што нагласивме, ќе ги средува сметките со гревот и грешниците.

Можно е последните виори во светот да дигнат милијарди тони пустински песок и прав во воздухот, целосно да го затемнат небото над целата планета и да создадат невиден хаос и метеж во светскиот авиосообраќај. Во свое време Бог пуштил оган од небото и спалил два града, Содом и Гомор, за нивното опачно беззаконие. Но можно е Бог да го премести пустинскиот песок од пустините и со него да ги затрупа денешните опачни градови што личат на Содом и Гомор, и живи да ги запрета грешниците и нивниот грев со пустински песок.

Во Библијата имаме запис како Бог веќе го употребил правот како свое оружје да го казни фараонот и неговиот народ за неговата дрскост: „Тогаш Господ му рече на Мојсеја: ‘Кажи му на Арона: Пружи го својот стап и удри по земјата, и ќе се појават комарци по целата египетска земја.’ Така и направија: Арон го пружи својот стап и удри по правот на земјата, и се појавија комарци по луѓето и по добитокот; сиот прав на земјата се претвори во комарци, по целата египетска земја“ (2. Мојсеева 8,16.17).

За да ги казни Египќаните, Господ сиот прав во Египет го претворил во комарци, и со комарци војувал против нив. На друго место читаме дека ефикасна Господова војска против непријателите на неговиот народ биле безброј роеви опасни стршлени од кои немало спас; а во други пригоди глувци, разни други глодачи и страшни змии отровници (2. Мојсеева 23,28; 5. Мојсеева 7,20; 4. Мојсеева 21,6).

Преку својот пророк Јоил, Бог му порачува на светот: „Господ го пушта својот глас пред својата војска чијашто  воинствена сила е многу голема, и многубројни се оние што ќе ја извршуваат неговата заповед. Да, голем е денот Господов и многу е страшен, и кој ќе го поднесе?“ (Јоил 2,11)

Пророкот Јоил гледа многуброен  народ со голема „воинствена сила“ кој ја извршува Божјата заповед. Тој народ, кој е орудие во Божјата рака со чија помош Бог ги казнува грешниците за нивните гревови, Јоил го опишува на следниот начин: „Мојата земја ја прекри силен и безброен народ; забите му се како заби на лав, а челустите како челуст на лавица. Тој ми ја опустоши лозата и ми ја скрши смоквата, ја излупи до голо и ја расфрли; гранките ѝ побелеа… Сè што остана од гасениците, го изедоа скакулци; а што остана од скакулците, го изедоа црви; а што остана од црвите, го излупија глодачи.“ (Јоил 1,4-7)

Очигледно е дека тој „силен и безброен народ“ што ја „прекрил“ земјата, чиишто „заби се како заби на лав, а челустите како челуст на лавица“, се скакулците, гасениците, црвите и другите штетници кои во огромна инвазија, во заедничка спрега со сушата, целсно ја опустиле земјата. Пророкот Јоил скакулците и штетниците ги опишува како силна Господова војска која успешно ја извршува Божјата заповед при казнувањето на грешниците. Воинствената сила на Божјата војска е премногу голема за да може светот да се справи со неа.

Многу значајно овде е што скакулците, гасениците, црвите и другите штетнци, како страшна Господова војска, пророкот Јоил ги поврзува со „големиот и многу страшен Господов ден“. Поинаку кажано, оваа своја страшна и многу ефикасна војска, што ја користел во минатото, во многу поголема мера Бог ќе ја користи во пследните денови, пред да настапи големиот и „страшен Господов ден“. Оттаму, евидентно е дека светот се соочува и сè повеќе ќе се соочува со страшни инвазии од скакулци, гасеници, црви и други штетници, пред кои е немоќна неговата најсовремена агротехника.

Божјата реч е јасна: „Многу семе ќе фрлиш во нивата, а малку ќе собираш, зашто ќе го јадат скакулци. Лозја ќе садиш и ќе ги работиш, но вино нема да пиеш и нема да го береш неговиот плод, зашто црв ќе го јаде. Маслини ќе имаш во сите твои предели, но со масло нема да се помажеш, бидејќи твоите маслинки ќе опаѓаат.“ „Гладен ќе остануваш; ќе оставаш настрана, но нема да го зачуваш, а она што ќе го зачуваш, тоа јас ќе го предадам на меч. Ќе сееш, но нема да жнееш.“ (5. Мојсеева 28,38-40; Михеј 6,14-15)

Природните катастрофи можат да ги уништат и за многу години да ги уназадат националните економии на цели региони во светот. Освен загубата на храна, на лисјата и дрвјата, постои и опасност од силна ерозија на плодната земја.

Навистина Господ има богата ризница со голем воен и воинствен арсенал од најразновидно и многу ефикасно оружје, испробано во минатото, со очигледна можност обилно да го користи и во иднина. Негова војска и војници се комарците, стршлените, скакулците, бубалките, жабите, глувците, змиите, глодачите… И кој може да ѝ се противстави на неговата војска, да ѝ преодолее!?

Pin It on Pinterest