(текстот кој следува е дел од поглавјето „Знаците на последното време“ од книгата Времето и знаците)

Меѓу другите знаци на земјата, апостол Петар и пророкот Јоил во своите пророштва многу јасно најавуваат еден ист знак карактеристичен за последните денови, пред да настапи „големиот и славен“, односно, „големиот и страшен Господов ден“: „шикање на дим“, односно, избивање на „столбови од дим“ од земјата (Дела 2,19.20; Јоил 2,30.31). Според ова библиско пророштво, покрај огнот на вулканските ерупции, и сè помасовните и страшни пожари што беснеат низ цел свет, и кои не ќе можат да ги угасат никакви човечки напори, од земјата „ќе шика дим“, ќе ригаат „столбови од дим“. Последните вулкани многу впечатливо најавија дека тоа пророшто почна видливо да се исполнува. Земјата почна да чади, да чури, да блуе, да повраќа чад и пепел.

Во април минатата година (2010-та) исландскиот вулкан Eyjafjoella меѓународниот воздушен промет го турна во хаос, предизвикувајќи најголемо затворање на воздушен промет во мирно време со повеќе од 100 илјади откажани летови и со повеќе од осум милиони патници кои останаа во аеродромите. Вулканот на Исланд исфрлаше и исфрли во воздухот огромни количества пепел и чад, со што повеќе од еден месец го затемни небото над Европа и пошироко и создаде, како што кажавме, вистински метеж во авионскиот сообраќај.

Оваа година слични неволји на светот му донесе и вулканот во Чиле, чиишто облаци од пепел и чад го затемнија небото дури во Австралија и на Нов Зеланд. Каква реална неволја го очекува светот во блиска иднина и на ова поле? Голема неволја! Што ќе се случи ако наеднаш избијат повеќе вулкани на различни места на планетата Земја – на исток, на запад, на север и југ, и некаде во нејзините централни делови? Сите тие вулкани, заедно со усвитената лава, ќе исфрлат во воздухот и огромни количества пепел и чад и ќе го затемнат небото над целата планета, со што, не само што ќе ја изменат нејзината клима, туку за подолго време целосно ќе го приземнат целокупниот светски аеропревоз и аеротранспорт. Нема авиопревоз на патници, ниту авиопревоз на стока. Катастрофа за светот, зар не?

Ова не е хипотетички случај или прашање од типот „Што би било кога би било“, туку реално прашање со кое веќе светот се соочува. Тука нема никаква хипотетика, туку очигледна реалност, зашто така кажува библиското пророштво кое го најавува тој карактеристичен знак за последните денови, пред да настапи „големиот и славен“, односно, „големиот и страшен Господов ден“: „шикање на дим“, односно, ригање на „столбови од дим“.

Pin It on Pinterest