(текстот кој следува е дел од поглавјето „Знаците на последното време“ од книгата „Времето и знаците“)
„Природните катастрофи се сè почести и пожестоки, како во богатите, така и во сиромашните земји, уништувајќи животи, инфраструктури, институции и државни биланси. Тоа е еден експлозивен коктел кој може да создаде опасен вакуум на подрачјето на светската безбедност… гладот и порастот на нивото на морето се закана за мирот и безбедноста во светот“, изјава на Бан Ки-моон, секретар на Советот за безбедност при ОН.
Во печатот и во јавните гласила сè почесто се среќаваат написи и изјави на познати луѓе од типот: „Насекаде низ светот завладеаја сцени на катастрофи како од филмови!“
На светот сè е во движење. Злокобни се знаците на времето. Веќе се гледаат контурите на идните страшни настани. Се подигаат виори. Кој може да ја чита иднината? Каде е сигурноста? Нема сигурност во ништо што е човечко и земно. Луѓето бргу се редат под знамето што го избрале. Возбудено чекаат и ги посматраат движењата на своите водачи.
На повидок се и други знаци и знаменија кои галопираат, силни мегафони кои викаат за да нè разбудат и да ни помогнат да ги видиме блескотните зраци на вечната зора што веќе рудее и го најавува најголемиот и најславен настан не само за нашата планета Земја, ами и за вселената – вториот адвент, скорашното второ Христово доаѓање. Читаме дел и од тие знаци што ги кажал нашиот Спасител, а ги запишале евангелистите Матеј и Лука во своите евангелија: „Ќе чуете за војни и гласови за војни… ќе се дигне народ против народ и царство против царство, и ќе има глад, помор…“; „народите се разгневија, но дојде и твојот гнев…“ (Матеј 24,6.7; Лука 21,10.11; Откровение 11,18).