(текстот кој следува е дел од поглавјето „Знаците на последното време“ од книгата „Времето и знаците“)
„Наспроти помошта, во Африка сè повеќе бегалци, гладни, жедни и болни“ – читаме во печатот и слушаме во јавните гласила.
Според пророштвото, „последните денови“, покрај другите неволји, ќе ги притиска и тежок глад, ламја која се заканува да го голтне човештвото!
Прекумерна населеност: Научниците предупредуваат на еден од сериозните проблеми: проблемот на популацијата која сè повеќе расте во сиромашните земји.
Институтот за популација го опишува наглиот пораст на населинето во сиромашните земји на светот како „најитен глобален демографски проблем“. Светската популација за првпат го достигнала бројот од една милијарда во 1830 година. Но, слушнете го ова! Било потребно да поминат само 100 години таа двојно да се зголеми, на 2 милијарди до 1930 година, и само уште 30 години – до 1960 година, да го постигне бројот од 3 милијарди. Во минатите 50 години глобалната популација пораснала за повеќе од 250 проценти, така што денес таа бројка изнесува 7 милијарди, а можеби и повеќе. Сега вкупниот број на светското население годишно се зголемува за 80 милиони, што значи, за десетина години светското население ќе се зголеми за уште една милијарда нови души кои треба да се прехранат. Во светот уште сега се чувствува евидентен недостиг од храна и државите веќе ги зафаќа паника поради тоа. Жалосен е фактот што земјите кои најмногубројно растат не се во состојба да го прехранат своето население. Се прашуваме, како ќе се справи Индија со своите повеќе од една милијарда жители дури и во блиска иднина? Или нејзиниот сосед, Кина? Ќе можат ли да нахранат толкаво мноштво гладни усти?
Мнозина во сиромашните земји и сега умираат од глад и од неисхранетост, а што ли ќе се случи во иднина, во таква несигурна иднина каква што го очекува светот? Бог да ни е на помош!
Не е наша намера овде да наведуваме некакви статистички податоци и бројки за бројот на луѓето и децата кои гладуваат и кои дневно или годишно умираат од глад, зашто такви податоци секојдневно објавуваат дневниот печат и извештаите на светските организации задолжени за следење на таа проблематика. Нашите читатели постојано се бомбардирани со такви информации од мас-медиумите.
Наша цел и обврска пред нашите ценети читатели е да укажеме на библиските пророштва кои кажуваат дека ќе има глад, временски лоциран и поврзан со последните денови, дамоклов меч кој виси над главите не на милиони, туку на милијарди луѓе денес во светот. Гладот е проблем кој го мачи и му задава страв на целото човештво, зашто станува универзален проблем кој, според пророштвото, ќе ја зафати целата планета, а не само одделни делови или региони на Африка и на земјите на Третиот свет.
Пророштвото за глад е дадено во контекстот со другите пророштва и се јавува во заемна спрега со нив – со земјотресите, со поплавите и сушите и со другите непогоди и катастрофи што ќе ја пустат нашата планета.
„Проклетство ја проголтува земјата… „Опустошено е полето, тагува земјата, оти е уништено житото.“ „Сите дрвја по полето се исушија; поради тоа и радоста кај синовите човечки исчезна.“ „Изгниени се зрната во своите лушпи, запустени се житниците.“ „Ете, стенка добитокот, нажалени одат стадата говеда, зашто нема за нив пасиште… бидејќи секна водата во потоците и оган ги изгоре пасиштата…“ „Песните црковни во оној ден ќе се претворат во ридање, вели Господ Бог; ќе има многу трупови, ќе ги фрлаат насекаде молчешкум“ (Исаија 24,6-9; Јоил 1,10-12.17-20; Амос 8,3).
Земјата е тешко болна, смртно ранета. Нејзиниот стопан, човекот, крајно несовесно стопанисува со неа. Безмилосно ја искористува и максимално ја исцрпува и ограбува, без да ја негува. Грдо го извалкал нејзиното лице. Насекаде ја дупчи за да извади што поголеми количества јаглен и нафта од нејзините пазуви; во нејзините подземни лаборатории активира нуклеарни бомби со огромна сила, чиишто гигантски експлозии вршат тектонски нарушувања во нејзината кора и ја вознемируваат нејзината утроба. Луѓето безмилосно ги сечат нејзините шуми, ја загадуваат нејзината почва, нејзините води и воздухот, без да ѝ дадат време и можност да здивне и да закрепне од тие силни, а можеби и последни удари што ѝ ги нанесуваат секој ден, и да се регенерира. Човекот сее проклетство на земјата, а бара таа да му возврати со благослов, што не е можно. Тој ја сече гранката на која седи.
Исаија 51,6 кажува: „Земјата ќе остарее како облека.“ Планетата се наоѓа на раб на еколошка пропаст. Шумите, енергијата и земјата се трошат многу побргу отколку што земјата може да се обновува. Природните средства на земјата се како „куп пари од кој секој граба со затворени очи, но тогаш купот исчезнува.“ Тоа е вистина. Земјата старее. Околината е загадена. Се трошат природните ресурси, а луѓето умираат од глад поради недостиг од храна и вода.
Само еден Боинг 707 при прелетувањето преку Атлантикот троши 35 тони кислород. А колку илјадници авиони, и посилни од Боинг 707, секој ден крстосуваат под небесниот свод, и колку илјадници тони кислород трошат само тие! А каде се оние силни милиони коли со мотори со внатрешно согорување кои согоруваат безброј тони нафта секој ден, за што трошат баснословни количества кислород. Згора на тоа, тука се безбројни фабрики, термоцентрали и други капацитети и безброј милијарди живи суштества кои непрекратно трошат кислород. За да се регенерира тој потрошен кислород, потребни се големи површини шума, што, за жал, сè помалку ги има.
Исчезнуваат дождовните (влажните) шуми на земјата. Научниците ни кажуваат дека дождовните шуми некогаш покривале 14 проценти од земјината површина, но сега се намалени на само 6 проценти. Ако уништувањето продолжи со сегашната брзина, остатокот од дождовните шуми ќе исчезне за помалку од 40 години.
Од економски причини, нашата планета секоја година губи илјадници квадратни километри шума, а како резултат на сè поизобилните кисели дождови и други неизлечливи болести, половината од преостанатиот дел на растителниот свет е заболен од смртоносни болести. – Страшно, зар не? Наскоро нашата, некогаш зелена и прекрасна планета, ќе стане наполно гола, грда пустина, на која ќе нема доволно количество кислород за дишење и на која тешко ќе се живее. Уништени се илјадници видови живи суштества и секој ден продолжува нивното уништување – исчезнуваат микроорганизми, инсекти, птици, животни… кои ја красат нашата планета со својата убавина и милна музика. Се предвидува дека речиси половина од животинските видови на светот можат да бидат уништени или доведени во сериозна опасност во текот на следните дваесетина години.
Бидејќи е нарушен стандардниот состав на воздухот во полза на јаглеродниот диоксид и другите состојки на сметка на кислородот, нарушен е и милениумскиот стандарден температурен режим на атмосферата, при што постојано глобално се зголемува температурата на целата планета, предизвикувајќи при тоа катастрофални последици – редистрибуција на топлотната енергија на планетата, во чиишто рамки се поместуваат границите на вековно утврдените климатски појаси, и настанува интензивно топење на ледниците сместени далеку во северните и јужните предели и алармантно покачување на нивото на морето кое ќе прибере во своите пазуви безброј приморски градови и пониски крајбрежни области.
Да го споменеме овде и ефектот на стаклена градина кој им задава силни главоболки на луѓето и наглото ширење на границите на пустинските предели кои за кусо време ќе проголтаат цели држави во Африка и на други места.
Драстичните промени во климатскиот режим на нашата планета предизвикуваат и катастрофални суши, чиишто последици ги чувствуваат милиони луѓе во цел свет. Пресушуваат извори, бунари, реки и езера, и многу плодни предели преминуваат во пусти, безводни и неплодни места, непогодни за живеење.
Сушите од своја страна се извонредна почва за колосални безмилосни пожари што беснеат низ цел свет и голтаат стотици илјади квадратни километри шуми за кои биле потребни стотици години да израснат, оставајќи зад себе соголени планини и предели, што е огромна, ненадоместлива штета и многу грда и мачна глетка. Се соочуваме со такви ненадејни пожари кои се разгоруваат насекаде и кои никаков човечки напор не ќе може да ги угаси. Ќе гори природата, но и најубавите палати ќе ги голта оган.
Нашата сина планета Земја, сина поради изобилните количества вода, веќе чувствува евидентен недостиг од чиста вода. Кажавме дека нејзиниот стопан, човекот, крајно несовесно стопанисува со неа. Грдо го извалкал нејзиното лице. Во голема мера ја оштетил нејзината почва и воздухот, ги уништил нејзините шуми и животни, ги загадил нејзините води. За интензитетот на загаденоста на водите речовито зборува податокот дека пестициди се пронајдени и во јајцата на антарктичките пингвини. Веќе денес многу мали количества на чиста вода за пиење му стојат на располагање на човекот, а и тие мали количества секој ден уште повеќе се намалуваат, така што водата, повеќе отколку храната, станува проблем број еден за многу региони во светот и извор на судири меѓу многу народи.
Значи, покрај гладот, како знак на последното време, недостигот на вода – жедта – е уште поголема ламја што му се заканува на нашиот свет.
Од друга страна, како резултат на глобалните климатски промени, многу подрачја на светот добиваат преголеми количества водни талози кои предизвикуваат страшни поплави кои собираат силен данок – оставајќи зад себе своевиден пустош.
Настануваат и померања и дислокации на топлите морски струи, а тоа, пак, генерира силни климатски промени во цели региони.
Овде сакаме да укажеме на пророштвото според кое Бог ќе го повика на одговорност човекот поради неговото несовесно стопанисување со земјата што му ја ставил на располагање кога му заповедал „да ја обработува и да ја чува“ (1. Мојсеева 2,15). – Да ја чува, не да ја уништува. Пораката е јасна: Бог „ќе ги уништи оние што ја уништуваа земјата“ (Откровение 11,18).