(текстот кој следува е дел од поглавјето „Знаците на последното време“ од книгата „Времето и знаците“)
Во „последните денови“ човештвото ќе го мачат помори и болести – кажува нашиот Спасител. И тоа е еден од знаците кој укажува на близината на крајот. Точно е дека отсекогаш имало болести и епидемии кои многупати во историјата десеткувале одделни народи и цели региони на светот. Чумата од минатите векови, која задавала страв и трепет кај народите, немоќни да се справат со неа, и денес се прикажува со скелет на жена наметната со црнина и со коса во раката која коси и уништува. Луѓето во минатото стоеле немоќни и пред туберкулозата и пред многу други болести за кои денес се верува дека се под контрола. Но, колку и да биле опасни и страшни тие болести од минатото, споредени со оние со кои ќе се соочува човештвото во „последните денови“, во најмала рака се безначајни.
Пророштвото најавува силни болести од кои ќе се повива, ќе стенка и офка не само човештвото, ами и животинскиот и растителниот свет. „Проклетство ја голта земјата“ – кажува Божјиот пророк (Исаија 24,6).
Споменатите болести од минатото, за кои се верувало дека ќе бидат закопани во архивите на современата медицина, денес се во подем. А соочени сме и со нови, во минатото непознати болести, пред кои и најсовремената медицина стои со врзани раце, немоќна да се справи со нив, да ги совлада и да ги стави под контрола.
Медицината, иако напредува со крупни чекори, болестите напредуваат со уште покрупни, така што таа не може да фати чекор со нив. Ракот и сидата се во силен подем – страшни и засега неизлечливи болести, и целото човештво го обременуваат со страв и неизвесност. Особено сидата е тешко бреме под кое стенкаат и веќе исчезнуваат цели држави. Таква е денешната состојба, а каква ќе биде утрешната – кој може да ја опише?
Покрај тоа што земјата ќе ја пустат силни земјотреси, џиновски морски бранови и поплави, грозоморни вулкани и пожари, тешки суши, ужасни урагани, циклони, тајфуни и торнада, неа ќе ја пустат и старите и нови, и познатите и непознати, страшни, пострашни и најстрашни болести од кога и да е, зашто така кажува пророштвото. Тоа е дел од горчливата чаша што ќе ја пие човештвото. Зошто, зошто, зошто? – прашање на кое веќе почнуваме да бараме и да дадеме библиски одговор.