(текстот кој следува е дел од поглавјето „Знаците на последното време“ од книгата Времето и знаците)

И небесните сили – небесните тела, како што кажуваат други преводи – ќе се разнишаат! Меѓу тие небесни тела што ќе се разнишаат, Исус ги спомнува сонцето, месечината и ѕвездите, а кон нив можеме да ги додадеме и кометите, метеорите, метеоритите и астероидите (планетоидите). Значи, според Христовите зборови, тие „ќе се разнишаат“. Што значи тоа? Тоа значи дека во блиска иднина човештвото, покрај тоа што ќе се соочува со катастрофални земјотреси со огромна разурнувачка моќ и со невидени катастрофални поплави и вулкани, и со други големи и најголеми непогоди, тоа ќе се соочи и со чудни, неодгатливи и кобни небесни појави од кои ќе го зафати незапаметена паника. Еве го уште еднаш интегрално Исусовото пророштво кое најавува разнишување на небесните тела:

„Ќе има знаци на сонцето, на месечината и на ѕвездите, а на земјата тага кај народите и неизвесност поради бучавата на морските бранови… ќе има стравотии и големи знаци на небото. Луѓето ќе умираат од страв очекувајќи го она што ќе го снајде светот, зашто небесните сили ќе се разнишаат“ (Лука 21,25.11.26).

Библијата на своите свети страници бележи разнишување на небесните тела во минатото. Во книгата на Исус Навин читаме: „Во оној ден, кога Господ им ги предаде Аморејците на Израеловите синови, Исус Навин му се обрати на Господа и извика пред Израелците: ‘Сонце, застани над Гаваон, и месечино, над долината Еалон!’ И сонцето застана, и месечината се запре сè додека народот не им се одмазди на своите непријатели… И сонцето застана среде небото и не се навали кон запад речиси цел ден. Немаше таков ден ни порано ни после, Господ да се оѕвие на човечки глас“ (Исус Навин 10,12-14).

Уште нешто! Имаме запис во Библијата, случај кога сонцето се вратило назад. „Езекија (цар) го праша Исаија (пророк): ‘По кој знак ќе знам дека Господ ќе ме излекува и дека по три дни ќе влезам во Господовиот дом?’ Исаија одговори: ‘Еве ти знак од Господа дека ќе постапи како што кажа: сакаш ли сенката да оди напред десет степени или десет степени назад?’ Езекија одговори: ‘Лесно е да се помести сенката десет степени напред. Не! Нека се врати сенката десет степени назад!’ Повика пророкот Исаија кон Господа и Господ ја врати сенката десет степени назад на Ахазовиот сончев часовник“ (2. Царевите 20,8-11).

Во првиот случај сонцето застанало среде небото и не се навалило кон запад речиси цел ден, и месечината се запрела! Во вториот случај Господ ја вратил сенката, го вратил сонцето десет степени назад! (Напомена: овде не треба во игра да ги воведуваме геоцентричноста и хелиоцентричноста на нашиот сончев систем, зашто Бог, како творец на целата вселена, стои над вселенските закони, и по потреба Тој може да го запре или да го врати назад не само целиот сончев систем или одделни негови тела, туку, ако затреба, и целата вселена.)

Како би реагирале и што би правеле денеска ние и сите народи на светот кога ненадејно сонцето би застанало среде небото и не би се поместило речиси цел ден и кога месечината би се запрела; кога во еден убав сончев ден сонцето, постигнувајќи го на пладне својот зенит, наместо нормално и вообичаено да се спушта кон запад, наеднаш да почне да се враќа назад, кон исток!? Или, пак, да продолжи чекор напред, чекор назад!? Или, што е уште пострашно, наместо да се движи по својата вообичаена милениумска патека исток-запад, да почне да се движи по патека север-југ или југ-север!? Каква неконтролирана паника би го зафатила човештвото од тие невообичаени небесни појави!? Кој може да ја опише таа хаотична состојба во која би западнал нашиот свет? Луѓето главечки и прекутрупа ќе бараат спас, но каде? Науката, филозофијата, техниката и сета човечка мудрост, во тие мигови, кога човештвото ќе ја загуби почвата под нозете, наполно немоќни, можат само да се поклонат пред тие феномени, не можејќи да ни послужат како засолниште и прибежиште, бидејќи тие појави научно се неодгатливи и спротивни на научните фундаменти и не почитуваат никаква човечка логика ниту пак се вклопуваат во рационалната човечка шема на размислување.

Ова може да се повтори, и сигурно ќе се повтори, можеби на ист, а можеби на друг начин. Читавме како Христос кажува: „Ќе има стравотии и големи знаци на небото!“

Наскоро ќе се соочиме со чудни, натприродни појави  на небото, страшни, пострашни од кога и да е порано, појави од кои здивот ќе ни застанува, од кои луѓето ќе се стаписуваат и ќе умираат од страв. Бог ќе ги преземе работите во свои раце. Небесните тела – сонцето, месечината, ѕвездите, што ги создал Тој – ќе затреперат и ќе се разнишаат пред неговиот поглед, ќе танцуваат како разигран коњ во рацете на искусен јавач, правејќи ритмички грациозни чекори напред-назад, поигрувајќи се на тој начин со неверството на неверниците и со гревот на грешниците.

Во врска со небесните знаци, кои укажуваат на близината на Господовиот ден, а тоа е второто Христово доаѓање, да го чуеме и пророштвото на пророк Амос 8,9:

„Во тој ден – говори Господ Бог – ќе направам сонцето да зајде на пладне, и ќе ја затемнам земјата сред бел ден!“ – Сонцето ќе зајде на пладне!? Замислете, во западната хемисфера, кога е ден, пладне, наеднаш, без никакво навестување, сонцето заоѓа кога го постигнува својот зенит, а се појавува во источната хемисфера, кога е ноќ, на полноќ, или обратно! – Какви стресови, повторуваме, каков страв, каков ужас, каква неконтролирана паника кај луѓето!?

Да, сонцето ќе зајде на пладне и ќе излезе на полноќ во времето кога Бог ќе се вмеша во гнасната историја на светот и кога ќе го преземе нејзиното кормило да го избави својот народ и работите да ги приведе кон крај.

Библијата бележи и други небесни феномени и појави врзани за небесните тела како знаци кои му претходат на крајот. „Ќе покажам знаци на небото и на земјата (вели Господ), крв и оган и столбови од дим. Сонцето ќе се претвори во темнина, а месечината во крв, пред да настапи големиот и страшен Господов ден!“… „Близу е Господовиот ден! Сонцето и месечината ќе потемнат, ѕвездите ќе ја изгубат својата светлина… небото и земјата ќе се тресат, ама Господ ќе биде заштита на својот народ“ (Јоил 2,30.31; 3,14-16).

„И видов, кога Јагнето го отвори шестиот печат, настана силен земјотрес; сонцето поцрне како струнена вреќа, а целата месечина се стори како крв, и небесните ѕвезди испопаѓаа на земјата. … А небото го снема како свиток кога се смотува; и сите гори и сите острови се поместија од своите места“ (Откровение 6,12-14).

„Веднаш по страдањата во тие денови, сонцето ќе потемни, месечината нема повеќе да свети, ѕвездите ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се растресат“ (Матеј 24,29).

Знаци на небото и на земјата, крв и оган; сонцето ќе се претвори во темнина, ќе поцрне како струнена вреќа (не обично, редовно и предвидливо затемнување); месечината во крв; ѕвездите ќе ја изгубат својата светлина, ќе паѓаат од небото; небото и земјата ќе се тресат; небото ќе го снема како свиток кога се смотува! – Страшни небесни знаменија, зар не! Небото се тресе! Тоа не е земјотрес што ние го познаваме, не! Тоа е неботрес! Нешто што човечко око не видело. Небото ќе се свитка како книга, како свиток! Зар е можно небото да се свитка? Да, можно е. Исусовиот ученик и апостол, Јован, гледал и видел како небото се свиткало како свиток! Небесните сили, небесните тела ќе се разнишаат, ќе се растресат!

Пред да биде разурнат Ерусалим, на небото се појавиле страшни, кобни знаменија – неприродна светлина и облаци од бојни коли и силни војски вооружени за бој. Се слушале гласови кои најавувале хорор, свирепи колежи, крвопролевање.

Pin It on Pinterest