(текстот кој следува е дел од поглавјето „Знаците на последното време“ од книгата Времето и знаците)

Да се навратиме пак на веќе споменатата спрега на најмоќните природни сили кои со сета жестокост ќе се устремат против човештвото за да го истребат од земјата, и поподробно да ја разгледаме мислата за катастрофалните поплави, мислата за бучавата на силните морски бранови од една друга страна. Да го анализираме контекстот каде што се наоѓа оваа мисла: „Ќе има знаци на сонцето, на месечината и на ѕвездите, а на земјата тага кај народите и неизвесност поради бучавата на морските бранови. Луѓето ќе умираат од страв очекувајќи го она што ќе го снајде светот, зашто небесните сили ќе се разнишаат“ (Лука 21,25.26). Да повториме пак, ова се Христови зборови.

Очигледно е дека гигантските морски бранови, цунамите, и нивната бучава, кои предизвикуваат тага, неизвесност и очај кај народите, се поврзани со знаците на сонцето, на месечината и ѕвездите, и истите се предизвикани од небесните сили, односно тела, кои ќе се разнишаат и растресат.

Страв, тага и очај од гигантски размери кај сите народи! Паѓањето на ѕвезди (метеори) и затемнувањето на сонцето и месечината, бучавата на морските бранови, разнишувањето на небесните тела, обвиени во крв и оган – тие ненадејни и чудни, таинствени и непредвидени, непредвидливи и неодгатливи, натприродни и кобни небесни појави и знаменија, како и другите катастрофи и катаклизми што ги опишавме, ќе предизвикаат меѓународна тага и страдања што ќе го натераат цел свет, сите народи, да ги остават настрана меѓудржавните, меѓуграничните, меѓунационалните, расните, верските и сите други спорови и судири и да се прашаат: „Што ќе правиме сега?“

На човештвото ќе му се заканува целосно уништување и тоа ќе се обедини и ќе бара начин како да се спаси од тие катастрофи, како да преживее. Тоа не ќе знае што да прави. Христос кажува дека тогаш „ќе има стравотии и големи знаци на небото… големо страдање какво што немало од создавањето на светот, ниту пак ќе има. И ако не се скратат тие дни, не би се спасило ниту едно тело. Но заради избраните, тие дни ќе бидат скратени“ (Лука 21,11; Матеј 24,21.22).

Христос ни кажа дека „небесните сили (небесните тела) ќе се разнишаат“. Ако се разнишаат небесните тела, а според Христовите зборови сигурно ќе се разнишаат, тие ќе ја разнишаат и нашата планета, бидејќи таа опстојува во вселената во меѓусебна заемна констелација со нив. Меѓутоа, малкумина знаат што се случува и што може да се случи во таа нивна заемна констелација. Добро е да им дозволиме на астрономите, кои го гледаат тој контекст на соодноси меѓу небесните тела, да ни објаснат што може да ја снајде нашата планета во блиска иднина. Ова е мошне актуелна тема денес, и на запад луѓето, читајќи ги извештаите и информациите на астрономите, ги зафаќа сè посилна паника.

Што ни преткажуваат астрономите? Ништо друго освен она што го преткажал нашиот Спасител Исус Христос како знак на последното време – дека небесните тела ќе се разнишаат, а со тоа ќе ја разнишаат и нашата планета. Да ги погледнеме нивните извештаи!

Научниците веруваат дека некоја комета или астероид, со пречник од 5 до 6 милји (десетина километри), во минатото се судрил со земјата, уништувајќи ги диносаурусите на земјата. Ако таков астероид би паднал во океан, огромни бранови би го опустеле крајбрежјето во тој дел на светот. Ако би паднал на копно, би подигнал огромни количества правови кон небото и над деведесет проценти од шумите на земјата би биле уништени со глобална пожарна луња. Целата земјина топка би била покриена со темнина која би траела неколку месеци. Астероид со пречник од една милја би опустел цел еден континент. Судир меѓу земјата и астероид со големина на супертанкер би збришал град со големина на Менхетен.

Постои голема веројатност дека знаците на сонцето, месечината и ѕвездите, што ги преткажал Исус, се поврзани со кометите, астероидите и метеоритите.

Да се обидеме малку подетално да утврдиме што би се случило кога планетата Земја би ја погодила некоја комета, астероид или некој голем метеорит.

Адвентистите и другите христијани не се единствени кои денеска зборуваат за крајот на светот! Научниците исто така се заинтересирани за оваа тема. Да ги забележиме зборовите на Доналд Јеоманс (Donald Yeomans), астроном во лабораторијата НАСА за лансирање ракети во Пасадена, во Калифорнија, од приказот на Њусвик: „Земјата оди по својата патека околу сонцето низ рој од астероиди… Порано или подоцна, нашата планета ќе ја удри некој од нив.“1

Њусвик ја подвлекува близината на опасноста, известувајќи дека „на 23 март 1989 година еден астероид, со пречник од половина милја, ја одминал земјата за само 700.000 милји. Никој не го забележал како доаѓа; кога би поминал само шест часа подоцна, би ја збришал цивилизацијата“2.

Меѓутоа, не треба да одиме толку далеку барајќи доказ за метеоритската и астероидската активност којашто ја загрозуваат земјата. На 30 јуни 1908 година силна експлозија над Сибир срамнила со земјата 2.000 квадратни километри шума. Врвовите на урнатите дрвја биле насочени спротивно од епицентарот на експлозијата. Бидејќи немало никаков кратер, научниците заклучиле дека некоја комета или некој астероид експлодирал над почвата.

„Ad Astra“ пишува: „Кога комета со големина на онаа од Сибир би паднала денеска на некој типично селски предел во Соединетите Држави, би загинале 70.000 луѓе, додека материјалната штета би изнесувала 4 милијарди долари. Удар што би погодил некоја урбана област би убил 300.000 луѓе и би направил штета која би била поголема од 280 милијарди долари“ (стр. 32).

Дали е тоа „Божји арсенал“ што ќе биде активиран против нашата земја? Само Тој знае кога една од овие комети може да скршне од својата патека во надворешните пространства на сончевиот систем и по определена крива линија да се упати директно кон земјата. Ако се случи тоа, за жителите на земјата нема никакво значење малечката разлика дали овој настан го предизвикал Бог или Тој само дозволил да се случи.

Pin It on Pinterest