Елена Г. Вајт е родена во семејството на Роберт и Јунес Хармон на 26-ти ноември 1827 година, во мала фармерска заедница во државата Мејн, САД. Неколку години по нејзиното раѓање, десетчленото семејство ја напуштило својата фарма и се населило во Портланд во државата Мејн, каде што таткото Роберт се занимавал со шеширџиски занает.

Ако ги земеме во обзир животните околности од кои дошла и во кои пораснала, влијанието на Елена Вајт на модерната христијанска мисла е многу воодушевувачко.

Иако уште во текот на нејзиниот живот мнозина ја сметале за пророк,  за други пак била премногу контраверзна личност, сепак нејзината љубов кон Бога ја водела околу светот додека ги инспирирала луѓето подобро и подлабоко да ја истражат и разберат Библијата, да се приближат до Спасителот и да напредуваат во христијанскиот раст и физичката благостојба.

 

Семејно стeбло

Семејното стебло на Елена го сочинуваат предци кои имале градителски вештини. Така еден од нив, прадедото на Елена, на реката Скарбор во државата Мејн изградил млин кој останал познат како Хармонов млин.

Роберт Ф. Хармон, постариот ( 1786-1866) – Таткото на Елена бил  фармер и шеширџија. Исклучен е од Методистичката црква во 1843 година бидејќи ја прифатил пораката на Милеритското движење за скорото Христово доаѓање.

Јунис Г. Хармон(1787-1863)- Мајката на Елена, родила два сина и шест ќерки од кои  Елена и нејзината сестра близначка биле најмлади. Пред мажењето за Роберт работела како учителка, а подоцна се занимавала со рачна работа за да придонесе во семејниот буџет.

Браќа и сестри – четворица од осум од Хармоновите деца станале адвентисти – Елена, Мери, Сара и Роберт. Ќерката од нејзината сестра Каролина работела како нејзин литературен помошник. Братот Роберт умрел од туберкулоза во 27-та година од својот живот.

Родителите на Елена станале адвентисти во подоцнежните години од својот живот.

 

Бракот на Елена и семејството

Бракот на Елена и Џејмс Вајт кои го склопиле во 1846 година, бил заснован како на романтичност, така и на практичност. Тој неа ја нарекувал „ круна на радоста“, а таа него „најдобар човек кој некогаш одел во кожни чевли“.  Во бракот и двајцата напредувале и се храбреле еден со друг во достигнување на целите и постигнување на успеси. Заедно патувале, дури и во текот на ладните бурни зими во Нова Англија, за да може Елена да им пренесе на собраната маса луѓе порака која Бог ѝ ја дал.

Имале четири синови од кои двајца умреле во периодот на детството. Првиот син Хенри (1847-1863), задоволно и среќно момче, умрело од воспаление на белите дробови во шеснаесетата година од животот. Џејмс Едисон (1849-1928) ги научил од својот татко вештините на печатарскиот занает кога имал 14 години. Станал популарен писател и композитор. Како млад човек се ангажирал во работата за црнците на југот од Америка, во што бил еден од пионерите во тогашниот свет на расна нетрпеливост.

Вилијам Кларенс (1854-1937) многу рано во детството покажал менаџерски сопосбности, а подоцна вршел различни должности во водството на Адвентистичката црква. По смртта на таткото, станал мајчин сопатник и доверлив советник. По мајчината смрт 1915 година, доделена му е должноста на секретар на оставнината на Елена Вајт, која  ја извршувал преку две децении. До својата смрт бил член на многу управни тела на црквените институции.

Џон Херберт кој е роден 1860 година, умрел на 3 месеци од животот од црвен ветер.

 

Опкружувањето во кое живеела Елена Вајт

Во времето на Елена Вајт, градот Портланд, во Мејн, имал деловно морско пристаниште и важел за најголем град во таа американска држава. Како и денес, летата таму се пријатни но зимите се посебно остри и затоа пристаништето често со денови е замрзнато, додека патувањето во природа е најдобро со санките.

Портланд имал школски систем за ученици на возраст помеѓу 4 и 21 година. Меѓутоа, бесплатното школување за девојчињата се завршувало со основното училиште, а момчињата можеле да продолжат со средношколското образование.

Со оглед на тоа дека Портланд немал болница во текот на 1840-тите, за лечење од болестите се грижеле дома или во докторска ординација. Градската статистика дава список на долга низа на смртни причинители, вклучувајќи ги тифусната грозница, грозница предизвикана од бактерија од труење, колера и мали сипаници. Најчеста причина за смртта била туберкулозата. Младите биле посебно подложни на болести и стапката на смртност била висока.

Просечниот животен век во текот на 1840-тите бил околу 23 години. Историчарот Фредрик Хојт го резимирал влијанието за растењето во Портланд во времето на Елена Вајт со зборовите: „На многу начини тоа било сурово опкружување кое само можело да го зајакне карактерот на оние кои не ги скршил… Луѓето од тој крај би можеле да се окарактеризираат и со други зборови: огнено религиозни, страствени во потрага по вистината, упорно независни, спартански жилави, снаодливи, штедливи, силна индивидуалност и склони кон усвојување и борба за непопуларни цели.“

Pin It on Pinterest