Најтежок аспект од несреќата која се случила на Елена Вајт било влијанието на нејзиното самовреднување. Во време на несреќата, нејзниот татко не бил дома и кога се вратил не бил во можност да го препознае лицето на својата ќерка – ударот толку многу го променил нејзиниот изглед.

Сепак, во 1840-та година, во животот на Елена стигнала нова надеж, додека присуствувала на состаноците на кои проповедал Вилјам Милер. Го следела неговото објаснување на пророштвата  кое многу логично го водел кон заклучок за скорото Христово доаѓање. Ова ново разбирање на пророштвата и на другите делови на Библијата имало исклучително влијание на остатокот од нејзиниот живот.

Елена била длабоко духовна личност, дури и во младоста, но нејзината примарна мотивација била страв – страв од неподготвеност за Христовото доаѓање, страв од чувството на неспособност поради прекинатото школување и слабото здравје, како и страв и чувство дека Бог на неа ставил товар на несреќа кој не можела да го носи. Сето ова таа подоцна го опишува како „тајна агонија“.

Како додаток на сето тоа, слушањето на проповеди за пеколот и за вечниот оган низ годините, во нејзе ја втиснале лажната слика за Бога. Таа знаела дека Бог е нејзин Господар, но дали може да биде и нејзин Пријател?

Меѓутоа, еден сон кој Бог ѝ го дал, го променил духовниот живот на Елена Вајт. Во тој сон таа се сретнала со Исус. Исус насмевнувајќи се ја допрел нејзината глава, и рекол: „ Не се плаши“. При тоа ѝ дал зелен конец кој ја претставувал верата. Таа за тој сон изјавила: „Убавината и едноставноста на верувањето во Бог почнаа да се раѓаат во мојата душа.“

Ова ново чувство на охрабрување кое го добила во сонот, ја оспособила Елена за нејзините долгогодишни стравови слободно да дискутира со својата мајка, која ѝ препорачала да го посети Леви Штокман, пастор во кој имала доверба.

Откако Штокман ја слушнал приказната на Елена за нејзиниот сон и за длабоките стравови од лутиот Бог, тој рекол: Елена, ова е многу посебно искуство за твоето чувствително доба од животот. Исус сигурно те подготвува за некое посебно дело.“

А потоа пасторот ѝ дал јасна претстава за Бог, откриен преку Исус Христос. За тоа искуство, Елена напишала: „Во текот на неколку минути во кои добив упатство од старешината Штокман, добив повеќе знаење за Божјата љубов и нежното сочувствување, отколку од сите проповеди и поттикнувачки говори кои некогаш ги имав слушнато.“

Ова новооткриено сфаќање – дека Бог е како Исус, нејзиниот најдобар Пријател – ја поттикнал Елена да го подели тоа со другите: „Додека го раскажуваав своето искуство, чувстував дека никој не може да се спротивстави на доказот за Божјата простувачка љубов која направила толку прекрасно дело во мене. Реалноста од вистинското преобразување ми изгледаше толку едноставно што чувствував како да помагам на своите млади пријатели на патот кон светлината, па во секоја прилика моето влијание одеше кон таа цел.“

Pin It on Pinterest