Односот помеѓу принципот SOLA SCRIPTURА и списите на Елена Вајт

 

Ние од тимот на БЛАГОДАТ И ВИСТИНА ги засноваме нашите верувања на 5-те „SOLA“ принципи од Протестантската Реформација. Самото официјално учење на „Црквата на Адвентистите на седмиот ден“ (Seventh Day Adventist Church) во која припаѓаме, е базирано на овие пет принципи, за кои веруваме дека се, ни повеќе ни помалку, Библиски принципи.

SOLA SCRIPTURA – Само Светото Писмо – Библијата
SOLA FIDE – Само по вера
SOLA GRATIA – Само по благодат
SOLUS CHRISTUS или SOLO CHRISTO – Само Христос или Само преку Христос
SOLI DEO GLORIA – Слава само на Бог

Во понатамошниот текст вниманието ќе го насочиме на првиот принцип „SOLA SCRIPTURA – Само Светото Писмо“, во однос на уникатното адвентистичко верување за поседувањето на посебен пророчки дар од Бога, во својата средина.

За почеток го изнесуваме првото верување (од официјалните 28 основни верувања) на Црквата на Адвентистите на седмиот ден:

Светото Писмо, Стариот и Новиот Завет, е запишанот Божји Збор, даден преку божествено вдахновение. Вдахновените автори зборувале и пишувале, како што биле водени од Светиот Дух. Во овој Збор, Бог му го доверил на човештвото знаењето кое е неопходно за спасение. Светото Писмо е врховно, авторитативно и непогрешливо откровение на Неговата волја. Тоа (Светото Писмо) е стандард за карактерот, тест за искуството, конечен показател на доктрините и веродостоен запис на Божјите делувања низ историјата. (Пс. 119:105; Изр. 30:5, 6; Иса. 8:20; Јован 17:17; 1 Сол. 2:13; 2 Тим. 3:16, 17; Евр. 4:12; 2 Пет. 1:20, 21.)

Уште од самите почетоци, па се до ден денес, адвентистите се познати како луѓе кои посветуваат големо внимание на проучувањето на Светото Писмо – Библијата. Тие ја ценат Библијата неспоредливо повеќе од сè останато на земјата, бидејќи веруваат дека е Божјиот Збор даден на луѓето. Толкувајќи ги Библиските пророштва, адвентистите го препознале своето суштинско место во светската историја, како уникатно пророчко движење кое (водено од Бог) ќе одигра клучна улога во завршните сцени од планот на спасението. Движење преку кое Бог ќе го објави својот вистински карактер, кој бил погрешно претставуван низ историјата (особено од оние кои себеси се сметале за христијани). Движење преку кое Бог ќе ги упати последните опомени кон човештвото, за настаните кои следат, запишани во Библијата. Движење преку кое Бог ќе ги припреми луѓето за најславниот настан кој наскоро ќе се случи – второто Христово доаѓање.

Проучувајќи ја Библијата, особено книгите на пророк Даниел и Откровение, адвентистите сфатиле дека Библијата нуди многу информации за последователните фази низ кои поминува големата борба помеѓу Христа и сатаната. Успеале да ги поврзат проречените фази од таа борба, со реалните настани или периоди кои се исполнувале низ човековата историјата. Сфатиле дека некои од тие проречени настани се исполниле и тоа со голема прецизност, на ниво на година, месец, ден па дури и точно време од денот – како што е случај со Христовото распнување на крстот. Исто така, увиделе дека за некои фази се проречени временски периоди т.е. колку долго ќе траат. Таков е случајот со периодот од 1260 години на владеење на „малиот рог“ или „ѕверот од морето“, пред да му биде зададена смртна рана, која подоцна ќе се исцели.

Следејќи го пророчкиот времеплов, запишан во Библијата, адвентистите, покрај многуте други работи, дознале дека во последната фаза од големата борба помеѓу Христа и сатаната ќе постои група на луѓе пророчки именувани како „остаток од семето на жената“

17 И змевот се разгневи на жената и отиде да војува против остатокот од нејзиното семе, против оние, кои ги пазат Божјите заповеди и го имаат Исусовото сведоштво.
(Откровение 12:17 ; Библија)

Библијата открива дека во последната фаза од големата борба, сатаната својот гнев и непријателство посебно ќе го насочи кон овој „остаток од семето на жената“. Овој „остаток“ ќе биде трн во неговото око, кој неможе да го поднесе. Но зошто е тоа така? – Библијата открива дека токму преку овој остаток Бог ќе го манифестира својот вистински карактер и целиот свет ќе има прилика да дознае каков е Бог навистина. До тоа ќе дојде како резултат на Божјото делување преку овој остаток во објавувањето на последната вест упатена до човештвото – Тројната Ангелска Вест (Откровение 14:6-12). [многу подетално за Тројнат Ангелска Вест можете да дознаете преку овој видео серијал]

Да посветиме внимание на карактеристиките кои ги има овој остаток.

17 И змевот се разгневи на жената и отиде да војува против остатокот од нејзиното семе, против оние, кои ги пазат Божјите заповеди и го имаат Исусовото сведоштво.
(Откровение 12:17 ; Библија)

12 Тука е трпението на светите, кои ги пазат Божјите заповеди и ја имаат верата Исусова.
(Откровение 14:12 ; Библија)

Лесно може да се заклучи дека овој Божји остаток, меѓу другото, се одликува со следниве карактеристики:

ги пазат Божјите заповеди
го имаат Исусовото сведоштво
– (го имаат)
трпението на светите
– ја имаат верата Исусова

Без разлика колку некој себеси се смета за христијанин; Без оглед на тоа дали припаѓа на одредена христијанска црква; тој со сигурност не е дел од Божјиот остаток, доколку му недостасува макар една од горенаведените карактеристики.

Да се задржиме само на втората карактеристика т.е. Исусовото сведоштво.
Што претставува Исусовото сведоштво?

Да ѝ дозволиме на Библијата самата себеси да се толкува.

10 И паднав пред неговите нозе, да му се поклонам; и ми рече: „Не прави го тоа! Јас сум сослужител твој и на твоите браќа, кои го имаат Исусовото сведоштво. Поклони Му се на Бога, зашто Исусовото сведоштво е духот на пророштвото.
(Откровение 19:10 ; Библија)

Апостол Јован, додека бил во визија, воодушевен и запрепастен од целиот призор кој го видел, паднал пред нозете на ангелот за му да се поклони. Ангелот го прекорил со зборовите дека само Бог е достоен да Му се поклонуваме, да го славиме и да го обожуваме. Да се обожува или слави било што друго (ангели, светци, свештеници, луѓе, објекти…) со сигурност е идолопоклонство, бидејќи е славење на создаденото, а не на Создателот.

Она што нас во случајов особено нè интересира е дефиницијата која што ја дава ангелот за тоа што претставува Исусовото сведоштво – кое што е една од карактеристиките на Божјиот остаток.
Толкувањето кое го дава ангелот е: Исусовото сведоштво е духот на пророштвото.

Паралелни стихови на Откровение 19:10 се Откровение 22:8-9:
8 И јас, Јован, го видов и го чув ова; и кога го чув и видов, паднав за да се поклонам пред нозете на ангелот, кој ми го покажа ова.9 Но тој ми рече: „Стој, немој, зашто и јас сум слуга како ти, и браќата твои – пророци и оние што ги држат зборовите на оваа книга. Поклони Му се на Бога!”
(Откровение 22:8-9 ; Библија)

Божјиот остаток, покрај останатите карактеристики споменати погоре, ќе го има и Исусовото сведоштво т.е. ќе го има духот на пророштвото, ќе има изразено присуство на пророчки дар во својата средина. Тоа е во склад со други делови од Библијата кои укажуваат дека Бог ќе го дава пророчкиот дар на својот народ низ историјата, па сè до крајот, додека да настапи Господовиот ден.

28 „И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секое тело, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија, 29 А и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух. 30 И ќе покажам знаци на небото и на земјата: крв, оган и столбови од дим. 31 Сонцето ќе се преобрати во темнина, а месечината – во крв, пред да настапи денот Господов, великиот и страшниот.
(Јоил 2:28-31 ; Библија)

Би сакале да напоменеме дека категоријата на Божји пророк, според Библијата, не е ограничена само за пророците кои се автори на книгите од Библискиот канон. Низ целата Библија се споменуваат многу други пророци од кои денес немаме никаков запис. Иако во Библијата за нив пишува дека се пророци и дека дури имале напишано одредени списи со пророчки авторитет, сепак тие списи не влегле во Библискиот канон.

Да анализираме само неколку стихови во овој правец:

 29 Делата на цар Давид, првите и последните, се опишани во записите на јасновидецот Самоил, во записите на пророкот Натан и во записите на јасновидецот Гад,
(1-ва Летописи / Дневник 29:29; Библија)

29 Другите дела Соломонови, први и последни, опишани се во записите на пророкот Натан и пророштвото на Силомецот Ахија и во виденијата на јасновидецот Једо за Јеровоам, Наватовиот син.
(2-ра Летописи / Дневник 9:29 ; Библија)

15 Ровоамовите први и последни дела – и војните што беа водени непрекратно меѓу Ровоам и Јеровоам – запишани се во книгата на пророкот Семај и во племенскиот попис на гледачот Адон.
(2-ра Летописи / Дневник 12:15 ; Библија)

22 Другите дела на Авија, делата негови и зборовите негови се опишани во записите на пророкот Идо.
(2-ра Летописи / Дневник 13:22 ; Библија)

Зошто сите овие горенаведени записи со признат пророчки авторитет не се дел од Божјиот канон? Сигурно затоа што Бог во својата премудрост проценил дека не се од универзално значење за луѓето од подоцнежните векови до денес. Но, тоа што не се влезени во Библискиот канон не ги прави помалку пророчки од оние книги кои влегле. Ако Библијата ги прогласува тие луѓе за пророци, тогаш и споменатите списи се пророчки списи:
– записите на пророкот Натан
– пророштвото на Силомецот Ахија
– книгата на пророкот Семај
– записите на пророкот Идо

Според Библијата, пророчкиот дар опфаќа многу повеќе отколку само пророците кои се автори на Библиските книги. Како што видовме, пророчки дар имале и оние кои Библијата ги препознава како пророци, кои зад себе оставиле напишани записи/книги, макар што истите не се дел од Библискиот канон. Но, уште повеќе од тоа, Библијата како пророци препознава мнозина други за кои воопшто не знаеме дали напишале нешто. Бројот на пророци во оваа категорија, споменати во Библијата, е огромен. Ќе ја изоставиме големата листа на такви пророци опишани во Стариот Завет и ќе се задржиме само на некои од многуте изјави од Новиот завет, кои укажуваат на постоењето на пророчкиот дар помеѓу Божјиот народ и тоа дури после Христовото воскресение и вознесување.

1 Во Антиохиската црква имаше пророци и учители: Варнава, и Симеон наречен Нигер, па Луциј Киринеец, Манаин, кој беше воспитан заедно со четворовласникот Ирод, и Савле.
(Дела Апостолски 13:1 ; Библија)

 8 А на идниот ден отпатувавме и дојдовме во Ќесарија и влеговме во куќата на евангелистот Филип, кој беше еден од седуммината, и останавме при него. 9 Тој имаше четири ќерки девици, кои пророкуваа.
(Дела Апостолски 21:8-9 ; Библија)

Апостол Павле, давајќи листа од даровите на Светиот Дух запишал:
8 На еден му се дава преку Духот слово на мудрост… …на друг да пророкува
(1 Коринтјаните 12:8,9 ; Библија)

3 кој, пак, пророкува, тој им зборува на луѓето за надградување, охрабрување и утешување.
(1-во Коринтјаните 14:3 ; Библија)

11 И Тој постави едни за апостоли, други за пророци, трети за благовестители, четврти за пастири и учители,
(Ефесјаните 4:11 ; Библија)

1 Стремете се кон љубовта; ревнувајте за духовните дарови, а особено да пророкувате.
(1-во Коринтјаните 14:1 ; Библија)

Заклучокот е дека пророчкиот дар не бил ограничен само на пророците кои се автори на книги што се дел од Библискиот канон. Библијата ни сведочи дека пророчкиот дар бил даден на мнозина низ историјата, и за време на старозаветниот и за време на новозаветниот период. Но исто така дека Божјиот народ никогаш нема да биде лишен од овој дар на Светиот Дух, чие манифестирање ќе кулминира „пред да настапи денот Господов“ кога „синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат“ (Јоил 2:28-31 ; Библија).

 

Во прилог ќе го изнесеме осумнаесетото по ред верување од официјалната листа на верувања на Црквата на адвентистите на седмиот ден:

Библијата сведочи дека еден од даровите на Светиот Дух е пророштвото. Овој дар е идентификационен знак за црквата на остатокот и ние веруваме дека се има манифестирано преку службата на Елена Вајт. Нејзините списи говорат со пророчки авторитет и обезбедуваат утеха, водство, упатства и поправање на црквата. Тие (списите) исто така јасно изнесуваат дека Библијата е стандард преку кој сите учења и искуства мора да бидат тестирани. (Бро. 12:6; 2 Лет. 20:20; Амос 3:7; Јоил 2:28, 29; Дела 2:14-21; 2 Тим. 3:16, 17; Евр. 1:1-3; Отк. 12:17; 19:10; 22:8, 9.)

Адвентистите на седмиот ден, кои се сметаат себеси за Божјиот остаток проречен во Библијата, веруваат дека Исусовото сведоштво т.е. духот на пророштвото се има манифестирано во нивната средина преку службата на Елена Вајт. Тие го прифаќаат нејзиниот пророчки авторитет и нејзините списи ги сметаат за пророчки вдахновени списи.

Често пати доаѓа до забуна помеѓу луѓето кога ќе дознаат дека адвентистите ги прифаќаат списите на Елена Вајт како пророчки вдахновени списи. Тоа што најмногу ги збунува е наводната контрадикторност помеѓу фактот дека од една страна адвентистите го истакнуваат принципот SOLA SCRIPTURA (само Свето Писмо), а истовремено од друга страна сметаат дека спсите на Елена Вајт имаат пророчки авторитет.

Прашањата кои ги поставуваат:
„Како адвентистите за себе може да тврдат дека се базираат на SOLA SCRIPTURA принципот, додека истовремено прифаќаат и други списи со пророчки авторитет (во случајов списите на Елена Вајт)?“
„Па зарем прифаќањето на списите од Елена Вајт како пророчки списи, авотматски не го поништува SOLA SCRIPTURA принципот“?

Пред да одговориме на овие прашања би изнеле само мал дел (од безбројте) цитати од Елена Вајт, кои се однесуваат на принципот SOLA SCRIPTURA, како и на односот помеѓу Библијата и нејзините списи.

Прва и најголема должност на секое со разум надарено суштество е од Светото писмо да дознае што е вистина, и тогаш според светлината и да живее, поттикнувајќи и други да појдат по неговиот пример. Библијата секој ден треба трудољубиво да ја проучуваме, одмерувајќи ја секоја изложена мисла и споредувајќи стих со стих. Со Божја помош мораме сами да формираме свое мислење, бидејќи пред Бога сами ќе полагаме сметка.
(Големата Борба – Great Controversy pg. 598)

Претходниот цитат е само еден од безбројните цитати преку кои Елена Вајт повикува на лично проучување на Библијата и формирање на мислењето врз основа на тоа што го читаме во Библијата. Вечниот живот е многу скапоцен, за да би ризикувале и да би го ставиле во рацете на било кој (макар свештеник) – кој би ни го формирал нашето мислење. Мораме сами за себе да ја проучуваме Библијата.

 

Во Своето Слово, Бог на луѓето им го дал неопходното знаење за спасение. Светите списи на Неговото Слово треба да се прифатат како единствено, авторитативно и непогрешливо откровение на Неговата волја. Тие претставуваат мерило за карактерот, проверка на верското учење и тест за искуството…  Божјиот Збор е стандард според кој треба да се мерат сите учења и искуства.
(Големата Борба – Great Controversy pg. VII)

Според Елена Вајт – Библијата треба да се прифати како „единствено, авторитативно и непогрешливо откровение на Неговата волја.“ и „стандард според кој треба да се мерат сите учења и искуства “

 

Тој [Христос] посочувал на Светото Писмо како на неоспорлив авторитет, а истото треба да го правиме и ние. Да ја презентираме Библијата како збор на бесконечниот Бог, како крај на секоја контроверзија и темел на сета вера
(Христовите параболи – Christ’s Object Lessons pg. 39-40)

 

Библијата и само Библијата е нашето кредо [симбол на верата / вероисповед], единствената врска на соединувањето; сите кои се поклонуваат на овој Свет Збор ќе бидат во хармонија.
Нашите сопствени погледи и идеи не смеат да ги контролираат нашите напори. Човекот е погрешлив, но Божјиот Збор е непогрешлив. Наместо да се препираат еден со друг, луѓето нека го воздигнат Господа. Ајде да се соочиме со сите противења како што направил нашиот Господар велејќи: „Пишано е“. Да го подигнеме знамето на кое е испишано – Библијата наше правило на вера и наука.
(Преглед и гласник – The Review and Herald, December 15, 1885)

„Библијата и само Библијата“ вели Елена Вајт, Библијата е „наше правило на вера и наука “

 

Во едно писмо, Елена Вајт обраќајќи му се на еден свој современик напишала:

Во целост се согласувам со тебе [Џонс] во твојата работа кога ја претставуваш Библијата и само Библијата, како темел на нашата вера.
(Писмо 103 – Letter 103, 1894)

 

Ангелите ги задржуваат ветровите на судир, за да не дуваат додека светот не биде опоменат за доаѓањето на погибелта [Откровение 7:1-3]; но бурата се акумулира, подготвена да се распрсне над земјата; и кога Бог ќе им заповеда на своите ангели да ги отпуштат ветриштата, ќе настане таква сцена на судир, каква што ниедно перо неможе да ја наслика
Библијата и само Библијата, дава исправен поглед на овие работи. Овде се откриени големите финални сцени од историјата на нашиот свет, настани кои веќе ја фрлаат својата сенка пред себе.
(Воспитување – Education, pg. 179-180)

Референцирајќи се на настаните опишани во Библиските пророштва, Елена вај вели дека „Библијата и само Библијата, дава исправен поглед на овие работи“, Библијата е таа која што ги изнесува тие настани, Библијата е таа која ги толкува, бидејќи Библијата самата себеси се толкува

 

Наредниот цитат се однесува на искуството кое го имал Божјиот остаток, кога ги напуштале различните цркви во кои се наоѓале порано, бидејќи проповедниците и верниците во тие цркви одбиле да ја следат Библиската светлост т.е. големите вистини кои биле откриени како резултат на проучувањето на Библијата.

Мораме да проучуваме за да го откриеме најдобриот начин на кој можеме да го изнесеме прегледот на нашите искуства од почетокот на нашата работа, кога се одделивме од црквите, и одевме напред чекор по чекор во светлината која Бог ни ја даде.
Кога ја завземавме позицијата дека Библијата и само Библијата е нашиот водич; и никогаш да не отстапиме од оваа позиција; Ни беа дадени прекрасни манифестации на Божјата сила. Чуда се случуваа. Одново и одново, кога бевме доведени во теснец, силата Божја се прикажуваше во наша корист.
(Писмо 105 – Letter 105, 1903)

Огромните прашања на вечноста бараат од нас нешто повеќе од привидна религија, религија на зборови и форми, каде вистината е чувана надвор во дворот. Бог повикува на пробудување и реформација. Зборовите од Библијата и само Библијата, треба да се слушаат од проповедална….
Нека Зборот Божји зборува на срцето. Нека оние кои слушале само традиции, човечки теории и правила, го чујат Неговиот (Божјиот) глас кој може да го обнови човека за вечен живот.
(Пророци и цареви – Prophets and Kings, pg. 624-626).

Колку ли само овој цитат е релевантен за денешно време. Најголем процент од Христијаните слушаат само традиции, човечки теории и правила… Проповедањето на „Библијата и само Библијата“ е решението кое го нуди Елена Вајт, кое единствено „може да го обнови човека за вечен живот“

Библијата е единственото правило на верата и доктрината. Не е предвидено ништо друго кое може повеќе да го стимулира умот и да го зајакне интелектот, како што е тоа случај со проучувањето на Божјиот Збор… Илјадници луѓе кои служат во проповедањето се во недостаток на суштински квалитети на умот и карактерот, бидејќи не се посветуваат себеси на проучувањето на Светото Писмо.
(Преглед и гласник – The Review and Herald, July 17, 1888)

Дури и оние кои проповедаат имаат огромен недостаток како резултат на недоволното проучување на Библијата, за која Елена Вајт вели дека е „е единственото правило на верата и доктрината“

Во цитатите кои следат се изнесува целта заради која е даден пророчкиот дар на Божјиот остаток, кој особено се манифестирал во службата на Елена Вајт:

Мало внимание се посветува на Библијата и Господ даде помало светло за да ги доведе луѓето до поголемото светло.
(Одбрани пораки – Selected Messages Vol. 3 pg. 30)

Овде под „помало светло“ Елена Вајт ги подразбира нејзините списи, а под „поголемото светло“ ја подразбира Библијата. Тоа значи дека целта на нејзините списи е да ги доведе луѓето до Библијата, бидејќи луѓето не посветуваат доволно внимание на Библијата.

Вие не сте доволно запознаени со Библијата. Ако ја студиравте Божјата Реч, со копнеж да го достигнете Библискиот стандард и да го достигнете Христијанското совршенство, вам немаше да ви требаат Сведоштвата [списите од Елена Вајт].
(Сведоштва за Црквата 5 – Testimonies for the Church 5, pg. 664)

Една од главните одлики на лажните пророци е нивното тврдење дека без прифаќањето на нивните списи – луѓето неможат да бидат спасени. Тоа воопшто не е случај со Елена Вајт, која вели дека доколку Божјиот народ доволно ја проучувал Библијата, немало да има потреба од нејзините списи.

Господ замисли да ве предупреди, да ве критикува, да ве советува, преку дадените сведоштва и да ги импресионира вашите умови со важноста на вистината од Неговата Реч. Пишаните сведоштва не се за да дадат ново светло, туку посликовито, поживописно да го импресионираат срцето со инспирираните вистини кои се веќе откриени. Човечката должност кон Бога и кон друѓите луѓе е јасно наведена во Божјата Реч, но сепак само малку од вас се послушни на даденото светло. Дополнителни вистини не се изнесени; туку Бог преку Сведоштвата ги поедноставува веќе дадените големи вистини и на Својствен избран начин ги изнесува пред луѓето за да го разбуди и импресионира нивниот ум, така што никој да не може да си бара изговор.
(Сведоштва за Црквата 5, Testimonies for the Church 5, pg. 665)

Целта на списите од Елена Вајт е „да ги импресионира вашите умови со важноста на вистината од Неговата Реч“, бидеќи „само малку од вас се послушни на даденото светло“. Заради тоа „ Бог преку Сведоштвата ги поедноставува веќе дадените големи вистини“

Библијата и само Библијата како темел на нашата вера…
(Одбрани пораки – Selected Messages pg. 85)

Сведоштвата не се дадени за да го заменат местото на Библијата.
(Сведоштва за Црквата 5, Testimonies for the Church 5 pg 663)

Ако сведоштвата не зборуваат во склад со Божјиот Збор, отфрлете ги.
(Сведоштва за Црквата 5, Testimonies for the Church 5 pg 691)

Но Бог сака на Земјата да има народ кој Библијата и само Библијата ќе ја истакнува како единствено мерило за секое учење и како темел за секоја реформа. Ниту мислењата на учените луѓе, ниту научните тврдења, ниту симболите на верата или решенијата на црковните собори, толку многубројни и спротивни како и црквите што ги застапуваат, ниту гласот на мнозинството – ништо од ова, ниту сите заедно, не можат да се сметаат како доказ за или против било која точка на библиската вера. Пред да го примиме било кое учење или пропис, треба да се осведочиме дали тоа е поткрепено со она јасно и посветено начело: “Така зборува Господ.”
(Големата борба  – Great Controversy pg. 595)

Само оние кои трудољубиво ќе го проучуваат Светото писмо и кои ја примиле љубовта кон вистината, ќе бидат заштитени од оваа моќна измама која ќе го освои светот. Со сведоштвото на Светото Писмо тие ќе го разоткријат измамникот и покрај целото негово преправање. Сите ќе бидат ставени на проба. Решетањето предизвикано од ова искушение ќе ги открие вистинските христијани. Дали припадниците на Божјиот народ денес толку цврсто се втемелени во Неговото Слово, за да не подлегнат пред она што ќе го гледаат и слушаат со своите сетила? Дали во таквата криза ќе се потпираат на Библијата и само на Библијата?
(Големата Борба – Great Controversy pg. 625)

Исус го пресретнал сатаната со зборовите: „Човек не ќе живее само од леб, туку од секој збор што излегува од устата Божја“ (Матеј 4:4). Во секое искушение оружјето на неговото (Исусовото) војување бил Божјиот Збор. Сатаната барал од Христа чудо како знак за Неговата божественост. Но она што е поголемо од сите чуда, цврсто потпирање на „Така вели Господ“ бил знак кој неможел да биде оспорен. Сè додека Христос се држел до овој став, искушувачот неможел да добие предност.
Упатеноста во Божјиот Збор е нашата единствена надеж. Оние кои трудољубиво го истражуваат Светото писмо нема да ги прифатат сатанските измами како да се вистина од Бог.
(Одбрани пораки 1 – Selected Messages 1 pg. 228)

И денес многу се отстапува од учењето и прописите на Библијата и затоа е неопходно да се вратиме на големото начело на протестантизмот – Библијата и само Библијата како правило на верата и должностите. … Истата непоколеблива преданост кон Божјото Слово покажана во оваа сериозна криза на реформацијата, е единствената надеж и за реформацијата во наше време.
(Големата Борба – Great Controversy pg. 204-205)

Доколку со внимание, искрено и без предрасуди сме ги прочитале сите горенаведени цитати од Елена Вајт, кај нас повеќе не би требало да има место за сомнеж дали Елена Вајт се застапува и бори за принципот SOLA SCRIPTURA.

Да се навратиме на прашањата кои се поставени погоре:
„Како адвентистите за себе може да тврдат дека се базираат на SOLA SCRIPTURA принципот, додека истовремено прифаќаат и други списи со пророчки авторитет (во случајов списите на Елена Вајт)?“
„Па зарем прифаќањето на списите од Елена Вајт како пророчки списи, авотматски не го поништува SOLA SCRIPTURA принципот“?

Пред да одговориме на овие прашања уште еднаш ќе изнесеме два од горенаведените цитати, во која е опишана целта на пророчките списи од Елена Вајт.

Вие не сте доволно запознаени со Библијата. Ако ја студиравте Божјата Реч, со копнеж да го достигнете Библискиот стандард и да го достигнете Христијанското совршенство, вам немаше да ви требаат Сведоштвата [списите од Елена Вајт].
(Сведоштва за Црквата 5 – Testimonies for the Church 5, pg. 664)

Господ замисли да ве предупреди, да ве критикува, да ве советува, преку дадените сведоштва и да ги импресионира вашите умови со важноста на вистината од Неговата Реч. Пишаните сведоштва не се за да дадат ново светло, туку посликовито, поживописно да го импресионираат срцето со инспирираните вистини кои се веќе откриени. Човечката должност кон Бога и кон друѓите луѓе е јасно наведена во Божјата Реч, но сепак само малку од вас се послушни на даденото светло. Дополнителни вистини не се изнесени; туку Бог преку Сведоштвата ги поедноставува веќе дадените големи вистини и на Својствен избран начин ги изнесува пред луѓето за да го разбуди и импресионира нивниот ум, така што никој да не може да си бара изговор.
(Сведоштва за Црквата 5, Testimonies for the Church 5, pg. 665)

Јасно може да се заклучи дека целта на списите на Елена Вајт не е за да ја надополнат Библијата, ниту пак за да се израмнат/изедначат со Библија, туку само и само да упатат на Библијата и да укажат на НЕОПХОДНОСТА од проучувањето на Библијата. Неопходност која е со вечни последици.

Библискиот канон, според Божјата премудрост и делувањето на Светиот Дух, е затворен и конечен. Па така, ниту една друга книга, ниту еден ред, ниту еден збор, ниту една буква не може да се додаде или одземе, ниту пак да се постави на исто рамниште со него (со Библискиот канон). На ниедно место во списите на Елена Вајт неможе да се насети ни најмала алузија за обид да ги изедначува/споредува своите списи со книгите на Библискиот канон. Библискиот канон и списите на Елена Вајт се две неспоредливи категории. Освен тоа, на безброј места (веќе изнесовме некои цитати), Елена Вајт има запишано дека Библијата и само Библијата е единственото мерило за секоје верување и учење.

Меѓутоа, и покрај тоа што списите на Елена Вајт не можат да се споредат со книгите на Библискиот канон, сепак тоа само по себе не ја исклучува можноста нејзинте списи да бидат пророчки вдахновени. Веќе наведовме дека во самата Библија се спомнуваат огромен број на пророци, луѓе кои добиле дар на пророштво, а сепак нивни списи не се дел од Библискиот канон. Дали пророчкиот дар што го добиле тие луѓе имал помала пророчка вредност од пророчкиот дар на канонските пророци? Никако! Тоа што нивните списи не се дел од Библискиот канон не ја намалува пророчката вредност на нивниот пророчки дар. Во Библијата имаме потврда за ваквото тврдење. Господ Исус Христос за Јован Крстителот рекол:
26 Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам и повеќе од пророк!
(Лука 7:26 ; Библија)
Иако не постои запис излезен од раката на Јован Крстителот, па дури и ако постоел некој негов запис (за кој немаме никакви информации), едно е сигурно – Библискиот канон не содржи книга од Јован Крстителот. Но, тоа не е никаков проблем или недостаток за Исус да изјави дека Јован Крстителот бил „и повеќе од пророк“.
Според Библијата некој или е пророк или не е пророк, или му е даден пророчки дар или не му е даден, без разлика колку напишал и дали воопшто напишал книга која е дел во Библискиот канон.

Да го сумираме одговорот на погоре поставените прашања во наредниов пасус:

Пророчки вдахновените списи кои се надвор од Библискиот канон, кои – заради нивното пророчко вдахновение – манифестираат ист квалитет како канонските книги, не мора да значи дека автоматски ја поседуваат и истата функција како Библијата. Иако не постои квалитативна разлика помеѓу вдахновеноста на списите кои се дел од канонот и оние кои не се дел од канонот, сепак постои основна и важна функционална разлика помеѓу нив.

Адвентистите ги прифаќаат списите на Елена Вајт како пророчки вдахновени, но без оглед на тоа, сепак сите свои верувања целосно ги базираат на Библијата. Не постои ниту едно учење што го имаат адвентистите, кое не може да се презентира само и само со Библијата. Тоа значи дека адвентистите немаат потреба да посегнуваат по списите на Елена Вајт додека ги изнесуваат и бранат своите учења.

Да ги земеме за споредба мормоните, кои го сметаат Џозеф Смит како пророк. Мормоните не можат да ги одбранат своите учења само врз основа на Библијата. Тие мораат да се повикаат на списите од Џозеф Смит, кои ги ставаат на исто рамниште како и Библијата. Затоа, кога мормоните некого воведуваат во својата вера, првото нешто што го прават е поучување списите од Џозеф Смит да бидат прифатени на исто рамниште како и Библијата. За нив тоа е неопходно да го направат на почетокот, бидејќи само на тој начин, повикувајќи се на тие списи подоцна, ќе можат да ги објаснат своите учења. Сосема спротивно од нив, кога адвентистите го воведуваат некого во верата тие ја пренагласуваат Библијата како темел за секое учење. Тие не ја ни спомнуваат Елена Вајт, не затоа што кријат, туку затоа што нема потреба, бидејќи секое од своите учења можат да ги презентираат само и само со користење на Библијата. Списите на Елена Вајт ги спомнуваат некаде при крајот, и тоа како „патем“. Кај адвентистите списите на Елена Вајт може и немора да се користат. Додека пак, Библијата е таа која што е пренагласена, како неспоредлива со било што друго.

Логично прашање кое се поставува е следново:
Зошто кога веќе постои Библијата, Бог би давал пророчки дар на Елена Вајт, за таа да пишува толку многу работи? Зарем Библијата не е доволна?

Одговорот е: Библијата е доволна! Само Библијата е повеќе од доволна!

Да го наведеме уште еднаш цитатот од погоре:

Вие не сте доволно запознаени со Библијата. Ако ја студиравте Божјата Реч, со копнеж да го достигнете Библискиот стандард и да го достигнете Христијанското совршенство, вам немаше да ви требаат Сведоштвата [списите од Елена Вајт].
(Сведоштва за Црквата 5 – Testimonies for the Church 5, pg. 664)

Бог е полн со љубов кон секој човек и прави сè што стои до него, за што е можно повеќе луѓе да се спасат за вечност. Тој подобро од сите нас знае колку тешки времиња го очекуваат човештвото, а особено Божјиот народ – Божјиот остаток кој ќе се соочи со секаков вид на прогонство. Според Библиските пророштва, се наоѓаме на прагот од последните сцени од историјата на оваа земја, кога големата борба помеѓу силите на светлината и силите на темнината ќе ја достигне својата кулминација. Секој еден од нас ќе мора да има безрезервна вера во Бог и неговите ветувања запишани во Библијата. Секој еден од нас ќе мора да биде целосно утврден во Библиските учења, затоа што само така ќе може да се спротивстави на измамите на сатаната и неговите демони. Измами кои ќе бидат од невидени размери.

Бог повеќе од било кој во својата премудрост знае дека христијаните не се доволно запознати со Библијата, ниту пак дозволиле нивниот живот да биде во целост обликуван според стандардите кои се запишани во нејзе. Преку пророчкиот дар на Елена Вајт, Бог насочува кон страниците на Библијата на кои се запишани најскапоцените вистини за неговата безусловна љубов; за неговата неизмерна благодат која му се дава на секој човек на оваа земја во изобилие; за големината и силата на таа благодат која неспоредливо ја надминува големината и силата на гревот. Бог во своето временски неограничено знаење го видел сатаната како се инфилтрира внатре во христијанството, водејќи милиони и милијарди во вечна пропаст. Ако Бог не интервенирал на таквата духовна криза и отпад која го зафатила христијанството, не би ни сакале да замислиме какво би било конечното сценарио. Но, фала Му на Бога за тоа што интервенирал преку пророчкиот дар на Елена Вајт, преку чии списи се обидува да нè раздрма, да нè протресе, да нè освести за времето во кое живееме и за тоа што ќе се случи со нас доколку не донесеме радикални одлуки во својот живот и не излеземе од отпадот во кој потонал речиси целиот христијански свет.

Заедно со милиони други адвентисти ширум светот, ние како членови од тимот на БЛАГОДАТ И ВИСТИНА сме преблагодарни на Бог затоа што нè благословил преку списите од Елена Вајт. Колку повеќе ги читаме нејзините списи толку повеќе ја цениме Библијата, а нашата желба да ја проучуваме сè повеќе и повеќе расте. Токму списите од Елена Вајт ни имаат многу помогнато за цврсто и непоколебливо да се потпреме на ветувањата дадени во Библијата. Она што е особено важно, списите од Елена Вајт нè имаат поттикнато за да ја сфатиме крајно сериозната неопходност за детално да ја проучуваме целата Библија, вклучувајќи ги и оние делови од Библијата кои се потешки, како што е случајот со апокалиптичните пророштва од Даниел и Откровение. Колку повеќе ги читаме нејзините списи, толку повеќе го засакуваме Бога. Нашата љубов кон Него расте, а паралелно на тоа расте и благодатта која Тој ја умножува во нас. Можеме многу да пишуваме за сите практични придобивки кои сме ги добиле во нашиот секојдневен живот, благодарение на Божјото делување преку пророчкиот дар на Елена Вајт. Совети за нашето здравје, за влегувањето во врска и планирањето на брак, за брачните и семејни односи, за воспитувањето на децата, за односите со нашите ближни, за завземањето на цврсти ставови и донесувањето на исправни одлуки во специфични ситуации и периоди од животот…

Од сè срце ги препорачуваме списите од Елена Вајт на секој еден од вас. Повеќе од сигурни сме дека ќе бидете благословени додека ги читате. Немојте да дозволите заради одредени предрасуди да се држите на страна од тие списи. Тие се дар од Бога на човештвото. Проверете и испитајте самите за себе, каков ефект ќе имаат на вас. Самите уверете се.

Ние сме свесни дека во светот постојат многу критики против делото и списите на Елена Вајт. И во ред е да ги земете во обзир сите тие критики. Но ве молиме, за ваше добро, никогаш, за ниедна работа, немојте да ја ислушате само едната страна. За сите тие критики постојат напишани цели текстови како одбрана. Ако сте искрени истражувачи (а наша желба е тоа да бидете секогаш), нема да ја ислушате само страната на критичарите, туку ќе бидете чесни кон самите себеси и ќе ја ислушате и страната на одбраната. Како што ќе ја ислушате другата страна ќе се уверите колку тие критики немаат основа и најчесто се извадени од контекст. Ќе сфатите дека најголем број од тие критики се идентични со критиките кои се упатени и на самата Библија. А тоа не е ни чудо. Како што сатаната неможе да ја поднесе Библијата (тоа е најомразеното нешто за него на целиот овој свет), логично е дека нема да може да ги поднесе и списите од Елена Вајт кои ја воздигнуваат Библијата и Го воздигнуваат Христа на највисок пиедестал. Списи кои одиграле толку голема улога во животите на милиони луѓе, за да ја прифатат Библијата како Божја Реч и да Го прифатат Исус како свој Господ и Спасител. Оттаму не е ни чудо што сатаната направил секаков напор за да ги оспори тие списи. На жалост тоа му успеало во огромна мера.

Особено ви препорачуваме за почеток да ги прочитате книгите: Копнежот на вековите, Големата Борба и Патот кон Христа.

Невозможно е да ги прочитате овие книги, со отворено срце и без предрасуди, а во вас самите да не се случат работи за кои не сте ни претпоставувле дека може да се случат. Ви го гарантираме тоа! Ви гарантираме дека уште многу повеќе ќе ја цените Библијата и дека уште многу повеќе ќе го засакате Бог!

Исус во една прилика рекол:
17 Ако некој сака да ја исполнува Неговата волја, ќе знае дали е наукава од Бога, или зборувам Сам од Себе.
(Јован 7:17)

Истиот принцип може да се примени и кога се во прашање списите на Елена Вајт. Ако навистина, со целото свое битие копнеете да ја исполнувате Божјата волја, откако самите ќе прочитате доволен број на страници напишани од Елена Вајт, многу добро ќе знаете дали истите тие списи се од Бога, или не.

И не се грижете, кога ќе бидете осведочени дека навистина списите од Елена Вајт имаат пророчки авторитет и ќе ги прифатите како такви, тоа нема да го поремети вашиот SOLA SCRIPTURA став  –  туку напротив, уште повеќе ќе го утврди! Бидејќи:

Но Бог сака на Земјата да има народ кој Библијата и само Библијата ќе ја истакнува како единствено мерило за секое учење и како темел за секоја реформа. Ниту мислењата на учените луѓе, ниту научните тврдења, ниту симболите на верата или решенијата на црковните собори, толку многубројни и спротивни како и црквите што ги застапуваат, ниту гласот на мнозинството – ништо од ова, ниту сите заедно, не можат да се сметаат како доказ за или против било која точка на библиската вера. Пред да го примиме било кое учење или пропис, треба да се осведочиме дали тоа е поткрепено со она јасно и посветено начело: “Така зборува Господ.”
(Големата борба  – Great Controversy pg. 595)

Pin It on Pinterest