(продолжува од претходниот ден) Старозаветната историја повремено го спомнува постоењето и дејствувањето на лошите духови; но кога Христос живеел на земјата, тие својата моќ ја покажале мошне впечатливо. Христос дошол да го изврши планот на спасението на човекот, а сатаната решил да си го обезбеди своето божемно право да владее над светот. Нему му успеало да воведе идолопоклонство во сите краишта на земјата, освен во Палестина. Исус дошол во оваа единствена земја што не паднала потполно под власт на сатаната за да го осветли народот со небесната светлина. Тука се бореле две сили што полагале право на врховна власт. Исус ги ширел своите раце и со љубов ги повикувал сите што сакале во него да најдат проштавање и мир. Четите на темнината увиделе дека немаат неограничена власт и сфатиле дека таа набргу ќе престане ако Христовата мисија успее. Сатаната беснеел како врзан лав и пркосно ја покажувал својата моќ над телата и душите на луѓето.

Во Новиот завет јасно се изнесува фактот дека луѓето биле опседнати од бесови (демони). Луѓето, измачувани на овој начин, не страдале само од болести што доаѓаат од природни причини. Христос наполно сфатил со кого има работа: го препознал непосредното присуство и дејство на лошите духови.

Библискиот извештај за исцелувањето на опседнатите во местото Гадара ни дава јасен доказ за нивниот број, за нивната моќ и злоба, како и за Христовата сила и милост. Овие несреќни побеснети, кои ништо не можело да ги скроти, чкртале со забите, пуштале пена од устата, беснееле и воздухот го исполнувале со крици, самите себе се сакателе и претставувале опасност за сите што сакале да им се приближат. Нивните крвави и осакатени тела и нивниот поматен ум на кнезот на темнината му овозможувале угодна глетка. Еден лош дух што владеел над овие страдалници рекол: „Името ми е легион, зашто многу нè има“ (Марко 5,9). Во римската војска легионот се состоел од три до пет илјади луѓе. И војската на сатаната е поделена во помалечки одреди, и една чета на која ѝ припаѓале овие демони не броела помалку од еден легион.

На Исусова заповед лошите духови ги напуштале своите жртви, оставајќи ги мирно да седат крај Христовите нозе, покорни, умни и благи. На демоните им било дозволено да влезат во крдар свињи кои се струполиле в море; за жителите на таа околина свињите претставувале поголема загуба од благословите што им ги донел Исус и затоа го замолиле божествениот Лекар да си замине од тој крај. Токму тоа бил успехот што сакал сатаната да го постигне. Префрлајќи ја вината поради нивната загуба на Исуса, кај тие луѓе разбудил себичен страв и ги спречил да ги слушаат зборовите на Спасителот. Сатаната постојано ги обвинува христијаните дека тие се причина за загубите, за несреќите и за неволјите, наместо да дозволи прекорот да падне врз оној кому му припаѓа: на самиот него и на неговите орудија.

Но Исусовите намери не биле осуетени. Тој им дозволил на бесовите да го уништат крадарот свињи како прекор за Евреите што ги одгледувале овие нечисти животни заради добивка. Кога Христос не би ги задржал демоните, тие би ги фрлиле во морето не само свињите, туку и нивните чувари и нивните стопани. Затоа што тоа не се случило, требало да му заблагодарат само на Христа за неговата милостива сила што ја покажал за да ги ослободи. Освен тоа, ова се случило и од друга причина учениците да бидат сведоци за страшната моќ на сатаната не само над луѓето, туку и над животните. Спасителот сакал неговите следбеници да го запознаат непријателот со кого морале да се сретнат за да не ги измами и да ги совлада со своите подмолности. Сакал и народот во тој крај да ја запознае неговата моќ што може да ги скрши оковите на сатаната и да ги ослободи неговите заточеници. Иако Исус го напуштил тој крај, останале луѓето, ослободени на толку прекрасен начин, за да ја објавуваат милоста на својот Добротвор. (продолжува)

Pin It on Pinterest