Врската на видливиот со невидливиот свет, службата на Божјите ангели и активностите на лошите духови (демоните) јасно се откриени во Библијата и неразделно поврзани со историјата на човечкиот род. Постои сè поголема склоност да се сомнева во постоењето на сатаната, а од друга страна, светите ангели, „пратени да им служат на оние што ќе наследат спасение“ (Евреите 1,14) се прифаќаат како духови на умрените. Но Светото писмо не ни зборува само за постоењето на добри и лоши ангели, туку ни дава непосредни докази дека тоа не се бестелесни духови на умрените луѓе.

Ангелите постоеле и пред создавањето на човекот, зашто кога се полагани темелите на земјата, „ликуваа утринските ѕвезди и сите Божји синови извикуваа од радост“ (Книгата за Јов 38,7). Кога човекот паднал во грев, ангелите биле пратени да го пазат дрвото на животот, зашто до тогаш уште не умрело ниту едно човечко суштество. Ангелите по природа се повисоки суштества од човекот, зашто псалмистот кажува дека Бог го создал човекот „малку помалечок од ангел“ (Псалм 8,5).

Светото писмо нè известува за бројот, за силата и слава та на небесните суштества, за нивниот однос кон Божјето владеење и за нивната поврзаност со планот на спасението. „Господ го постави својот престол на небото, неговото царство владее над сè.“ А пророкот вели: „И чув глас од многу ангели околу престолот.“ Тие стојат во присуство на Царот над царевите  „со сила моќни, кои ги извршувате неговите наредби и го слушате гласот не неговите зборови“ (Псалм 103,19­21; Откровение 5,11). Десет илјади по десет илјади и илјада илјади имало небесни весници што ги видел пророк Даниел (Даниел 7,10). Апостол Павле вели дека има „многу илјади ангели“ (Евреите 12,22). Како Божји весници тие летаат „како молњи“, толку сјајни во својата слава и брзи во својот лет (Езекил 1,14). Ангелот што се појавил при Христовиот гроб личел „на молња, а неговата облека беше бела како снег“, така што стражарите се трселе од страв „и паднаа како мртви“ (Матеј 28,3.4). Кога горделивиот Асирец, Сенахирим, го хулел Бога и му се подбивал, а на Израел му се заканувал со пропаст, „истата ноќ ангел Господов отиде во асирскиот логор и уби сто осумдесет и пет илјади“. „Тогаш Господ прати ангел кој ги погуби сите храбри јунаци, заповедниците и војводите на војската на асирскиот цар, така што тој се врати посрамен во својата земја“ (2. Царевите 19,35; 2. Дневникот 32,21).

Бог на своите деца им праќа ангели со порака на милост. На Аврама со ветени благослови; пред вратата на Содом да го спасат праведниот Лот од уништувањето со оган; на Илија во пустината кога изнемоштил од умор и глад; на Елисеј со огнени коли во малечкиот град што го опколиле неговите непријатели; на Даниел кога на дворот на многобожечкиот цар молел за божествена мудрост пред да биде предаден како плен на лавови; на Петар кога Ирод го осудил на смрт; на затворените во Филипа; на Павле и на неговите придружници во бурната ноќ на морето; на Корнелиј за да го оспособат да го прими евангелието; на Петар за да го пратат кај незнабожецот со вест на спасение… На тој начин светите ангели му служеле на Божјиот народ во сите времиња.

Секој Христов следбеник има свој ангел чувар. Овие небесни чувари ги штитат праведниците од силата на лукавиот. Тоа го увидел и сатаната кога рекол: “„ар попусто Јов е богобојазлив? Зар не го огради ти него и неговата куќа наоколу, и сè што има?“ (Книгата за Јов 1,9.10). Псалмистот опишува како Господ го штити својот народ: „Ангелот Господов се улогорува околу оние кои него го почитуваат и ги закрилува“ (Псалм 34,7). Зборувајќи за оние што веруваат во него, Спасителот рекол: „Гледајте да не презрете некое од малечкиве, зашто ви велам дека нивните ангели на небесата постојано го гледаат лицето на мојот Отец кој е на небесата“ (Матеј 18,10).

Така Божјиот народ, иако е изложен на силата на измамата и на вечно будната злоба на кнезот на темнината, и се наоѓа во борба со сите сили на злото, обезбеден е со постојана заштита од небесните ангели. Оваа заштита не му е даде на без потреба. Бог им дал на своите деца милост и заштита затоа што тие мора да се сретнуваат со силните орудија на злото со многубројни суштества, решителни и неуморни, чијашто злоба и сила секој имал можност да ги запознае и да ги почувствува.

Лошите духови, во почетокот создадени безгрешни, по својата природа, моќ и слава, биле еднакви на небесните суштества кои сега се Божји весници. Но, кога паднале поради гревот, се здружиле да го навредуваат Бога и да ги упропастуваат луѓето. Соединети со сатаната во неговиот бунт и со него протерани од небото, тие во сите времиња соработувале со него во неговата борба против божествениот авторитет. Светото писмо ни зборува за нивниот сојуз, за нивната власт и за нивните различни редови, за нивните способности, за нивната подмолност како и за нивниот заговор против мирот и среќата на луѓето. (продолжува)

Pin It on Pinterest