(продолжува пд претходниот ден) Народот мошне добро ги научил лекциите на свирепоста и измачувањата на кои Рим толку трудољубиво го учел. Најпосле дошол денот за одмазда. Сега не биле веќе фрлани во затвори или водени на губилишта учениците на Исуса Христа. Тие одамна изгинале, или биле протерани од татковината. Свирепиот Рим сега ја почувствувал смртоносната сила на оние што ги воспитувал да уживаат во крвопролевањето. „Примерот на гонење што го давал клерот на Франција во текот на толку векови, сега се свртел со сета тежина против него. На гилотините се пролевала крв на свештениците. Галиите и затворите, некогаш полни со хугеноти, сега биле полни со нивните прогонувачи. Оковани за своите седишта и напорно веслајќи, римските свештеници ги преживувале сите маки што толку радо им ги задавале на кротките ‘еретици’“.

„Потоа настапиле денови кога биле применувани најсвирепите закони од страна на најнечовечните судови кога човекот не можел да го поздрави својот сосед или да се помоли, а со тоа да не се изложи на опасност дека сторил смртен престап; кога на секое ќоше на улиците се притајувале шпиони; кога секое утро гилотината била мошне зафатена; кога затворите биле полни како просториите на бродот натоварен со робови; кога низ каналите на Сена течела пенлива човечка крв… Додека секој ден низ улиците на Париз поминувала кола натоварена со жртви кон губилиштето, проконзулите што ги пратил Конвентот во департ маните вршеле насилства што ги надминувале дури и оние во престолнината. Ножот на смртоносната машина се дигал и паѓал премногу бавно, не можејќи да фати чекор со делото на погубување. Долги редови затвореници се убивани со плотуни. Потопувани се бродови преполни со несреќните жртви. Лион се претворил во пустина. Во Арас затворениците биле лишени и од свирепата милост на брза смрт. По должината на реката Лоара, од Самир до морето, големи јата врани и јастреби славеле гозба над голи лешеви, испреплетени во положби кои влевале одвратност. Никаква милост не се укажувала ниту кон полот ниту кон годините. Бројот на седумнаесетгодишните момчиња и девојки, што ги погубила оваа опачна власт, се качувал на стотици. Јакобинците фрлале на копја малечки деца што ги оттргнале од мајчините гради“. Во краток период од десет години убиено е големо мноштво човечки суштества.

Сето тоа се одигрувало според желбата на сатаната; тој со векови се стремел да го постигне тоа. Неговата тактика, од поеток до крај, се засновува на измама, а негова непроменлива намера е човечкото семејство да го струполи во најголема беда, да го осрамоти и да го оскверни Божјето дело, да ги осуети неговите намери на милоста и љубовта и на тој начин да предизвика жалост на небото. Потоа, со помош на своите подли измами, го заслепува умот на луѓето и ги доведува дотаму злото, што е негово дело, да му го припишуваат на Бога, како сите несреќи да ги планира Творецот. Тој долго ги понижува и ги малтретира жртвите со својата свирепа моќ , и кога тие ќе извојуваат слобода, тој ги поттикнува да вршат испади и ѕверства. Тогаш тираните и угнетувачите таа слика на незауздана распуштеност ја користат како божемен пример за да укажат на тоа какви последици донесува слободата.

Ако измамата биде откриена во еден вид, тогаш сатаната ја облекува во друга облека, и мнозинството луѓе ја прифаќаат исто толку алчно како и порано. Кога народот сфатил дека римското учење е измама, и кога сатаната не можел повеќе со тоа средство да ги наведе луѓето да го кршат Божјиот закон, тогаш ги поттикнал секоја вера да ја сметаат за измама, а Библијата за бајка. Народот го отфрлил божествениот закон и се предал на незауздано беззаконие.

Кобна грешка, која на Франција ѝ донела толку несреќи, била непочитувањето на големата вистина дека вистинската слобода се наоѓа во почитувањето на Божјиот закон. „О да беше ги слушал моите заповеди! Твојот мир ќе беше како река, и твојата правда како морски бранови.“ „А за грешните нема мир, вели Господ.“ „А кој мене ме слуша, ќе живее под закрила, спокоен и без да се плаши од злото“ (Исаија 48,18.22; Мудри изреки 1,33).

Безбожниците, неверниците и отпадниците од верата се противеле на Божјиот закон и го отфрлале, но последиците на нивното влијание докажале дека напредокот на човештвото зависи од послушноста кон Божјите уредби. Оние што не сакаат да ја научат оваа вистина од Божјата книга, повикани се да ја научат од историјата на народите.

Кога сатаната се служел со Римската црква да ги одврати луѓето од патот на послушноста, неговата рака била толку вешто скриена и неговата работа така маскирана, што изопачувањето и бедата што ги предизвикал тој не се сметани за плод на престапот. Но со дејствувањето на Светиот Дух неговата моќ била ограничена во толкава мера, што неговите намери не можеле да узреат и да донесат свој целосен плод. Народот не ги поврзал последиците со причината и не можел лесно да открие што го довело во таква жална состојба. Во текот на револуцијата Народното собрание отворено го отфрлило Божјиот закон, а за време на теророт што настапил потоа, секој можел да ја види вистинската врска меѓу причината и последиците. (продолжува)

Pin It on Pinterest