Во шеснаесеттиот век реформацијата, која на народот му ја дала Библијата, настојувала да навлезе во сите европски земји. Некои народи со радост ја поздравиле како небесен весник. Во други земји на папството му успеало во значителна мера да ѝ го спречи навлегувањето; така таму светлината на библиското спознание со нејзиното благословено влијание била речиси сосем угасната. Во една земја, во која влегла светлината, поради темнината не била прифатена. Со векови вистината и лагата се бореле за превласт. Најпосле победило злото и небесната вистина била протерана. „А судот се состои од ова: Светлината дојде во светот, а луѓето ја засакаа темнината повеќе од Свтелината“ (Јован 3,19). Но целиот овој народ морал да ги жнее последиците на својот избор. Моќната сила на Божјата заштита го напуштила народот што го презрел неговиот дар на милоста. Бог дозволил злото да узрее и цел свет ги видел последиците на свесното отфрлање на вистината.

Борбата што се водела во Франција со векови против Библијата постигнала врв во сцените на револуцијата. Овој страшен потрес бил неизбежна последица на задушувањето на Божјата реч од страна на Рим. Тоа претставува крај на папската политика, неминовен резултат на илјадагодишното учење на Римската црква. Пророците преткажале дека папството ќе забранува да се чита Светото писмо, а Откровението упатува на ужасните последици на власта на „човекот на беззаконието“, што ќе ја погодат особено Франција.

Ангелот Господен кажал: „Тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеца. И ќе им дадам на двајца мои сведоци, облечени во струнени вреќи, да пророкуваат илјада двесте и шеесет дни… И кога ќе го завршат своето сведоштво, ѕверот кој ќе излезе од бездна, ќе завојува против нив, ќе ги победи и ќе ги убие. Нивните мртви тела ќе лежат на улицата на големиот град кој духовно се нарекува Содом и Египет, каде што и нивниот Господ беше распнат… Притоа жителите на земјата ќе се радуваат и ќе се веселат поради нивната смрт и ќе си праќаат дарови еден на друг, зашто тие двајца пророци ги измачуваа жителите на земјата. И по три и пол дена, во нив влезе животворен дух од Бога, па застанаа на своите нозе, а голем страв ги обзеде оние што ги гледаа“ (Откровение 11,2­11).

Овде споменатите временски отсеци од „четириесет и два месеца“ и „илјада двесте и шеесет дни“ означуваат ист временски период и го претставуваат времето во кое Божјата црква била прогонувана од страна на Рим. Илјада двесте и шеесетте години на папската превласт почнуваат во 538 година по Христа и, според тоа, завршуваат во 1798 година. Во тоа време француската војска влегла во Рим, го заробила папата и го одвела во изгнанство каде што умрел. Од тоа време, иако наскоро бил избран нов папа, папството никогаш веќе не ја повратило онаа власт што ја имало порано.

Прогонството на Божјата црква не траело до крајот на временскиот отсек од 1260 години. Од милост кон својот народ, Бог го скратил времето на неговото страшно искушение. Во своето пророштво за „времето на неволјата“ што ќе ја зафати црквата, Исус рекол: „И ако не се скратат тие дни, не ќе се спаси ниту еден. Но заради избраните, тие дни ќе бидат скратени“ (Матеј 24,22). Благодарение на влијанието на реформацијата, прогонството престанало малку пред 1798 година.

Што се однесува до двајцата сведоци, пророкот понатаму изјавува: „Тие се двете маслинови дрвја и двата светилника кои стојат пред Господарот на земјата.“ „Твојата реч“, рекол псалмистот, „им е светилка на моите стапала, светлина на мојата патека“ (Откровение 11,4; Псалм 119,105). Двајцата сведоци го претставуваат Светото писмо Стариот и Новиот завет. Двајцата се важно сведоштво во врска со потеклото и трајноста на Божјиот закон. Двајцата се сведоци во прилог на планот на спасението. Симболите, жртвите и пророштвата на Стариот завет упатуваат на Спасителот кој требало да дојде. Евангелијата и посланијата на Новиот завет зборуваат за Спасителот кој дошол токму онака како што го преткажале пророштвата и симболите.

„Тие ќе пророкуваат илјада двесте и шеесет дни облечени во вреќи.“ Најголем дел од тој временски отсек Божјите сведоци морале да поминат во темнина. Папската власт настојувала да ја скрие од народот Речта на вистината и му дала лажни сведоци да го побиваат нејзиното сведоштво. Кога Светото писмо било забрането од страна на граѓанските и религиозните власти; кога неговите сведоштва биле изопачувани и кога луѓето и демоните се здружиле да ги одвојат човечките срца од Библијата; кога оние што се осмелиле да ги проповедаат нејзините свети вистини биле гонети, предавани, малтретирани и закопувани во мрачни затворски ќелии, измачувани поради верата или присилувани да бегаат во засолништа по горите, по клисурите и пештерите тогаш двајцата верни сведоци пророкувале облечени во вреќи. Тие сепак ја вршеле својата служба во текот на целиот временски отсек од 1260 години. Во најмрачниот период имало верни сведоци кои ја љубеле Божјата реч и ревнувале за Божјата слава. Овие верни слуги примиле мудрост, сила и власт да ја објавуваат Божјата вистина во текот на целиот тој временски отсек. (продолжува)

Pin It on Pinterest