(продолжува од претходниот ден) „Ако некој сака да им напакости, оган ќе излезе од нивната уста и ќе ги проголта нивните непријатели; и ако некој сака да им напакости, ќе мора така да биде убиен“ (Откровение 11,5). Луѓето не можат неказнето да ја газат Божјата реч. Значењето на овие страшни закани ни е откриено во последната глава на Откровението: „Јас му сведочам секому кој ги слуша пророчките зборови на оваа книга. Ако некој им додаде нешто, Бог ќе му додаде од маките опишани во оваа книга. А ако некој одземе нешто од зборовите на книгава на ова пророштво, Бог ќе му го одземе неговиот дел од дрвото на животот и од светиот град, кои се опишани во оваа книга“ (Откровение 22,18.19).

Такви опомени Бог дал за да ги одврати луѓето од обидот на кој и да е начин да го изменат она што го открил или што го заповедал Тој. Овие свечени закани се однесуваат на сите кои со своето влијание ги поттикнуваат луѓето да го омаловажуваат Божјиот закон. Тие би требало да ги исполнат со страв сите што тврдат дека им е сè едно дали го држиме или не го држиме Божјиот закон. Страшна одговорност преземаат на себе сите што го превознесуваат своето мислење над божественото откровение, кои ја менуваат јасната смисла на Светото писмо за да си угодат себеси или да се прилагодат кон светот. Пишаната Реч, Божјиот закон, ќе биде мерило според кое ќе се мери карактерот на секој човек; сите кои тоа непогрешно мерило ќе ги пронајде виновни, ќе бидат осудени.

„Кога ќе го завршат своето сведоштво.“ Временскиот отсек, во кој овие двајца сведоци сведочеле облечени во вреќи, завршува 1798 година. При крајот на нивното сведочење во мракот, објавена им е војна од страна на „ѕвер кој излегува од бездна“. Сатаната преку папството со векови управувал со граѓанските и со црковните власти на многу европски народи. Но овде доаѓа до израз нов облик на сатанската сила.

Под изговор дека тоа го бара Библијата, политика на Рим секогаш била Божјата реч да ја држи запечатена на непознат јазик и скриена од народот. За време на неговата власт, двајцата сведоци преткажувале „облечени во вреќи“. Но требало да се појави друг ѕвер ѕвер од бездна и да почне отворена војна против Божјата реч.

„Големиот град“, на чиишто улици биле убиени двајцата сведоци и каде што лежеле нивните тела, е наречен во духовна смисла „Египет“. Од сите народи за кои нè известува библиската историја, Египет најбезочно се откажувал од Божјето постоење и се противел на неговите заповеди. Ниеден крал не се осмелил да подигне толку отворен и дрзок бунт против небесниот авторитет како што го сторил тоа египетскиот фараон. Кога Мојсеј му донел по рака од Бога, тој горделиво одговорил: „Кој е Господ за да го послушам неговиот глас и да ги пуштам синовите Израелови? Не го познавам Господа, ниту ќе го пуштам Израел“ (2. Мојсеева 5,2). Тоа е безбоштво; и народот, претставен овде со Египет, исто така ќе одбие да ги признае Божјите барања и ќе покаже ист дух на неверство и пркос. „Големиот град“ исто така во духовна смисла е „Содом“. Расипаноста на Содом во престапувањето на Божјиот закон се открила посебно во развратот. Тој грев ќе биде главен белег на народот што ќе го исполни тоа пророштво.

Од пророчката Реч заклучуваме дека малку пред 1798 година ќе се појави една власт со сатанско потекло и карактер, која ќе ѝ објави војна на Библијата. Во земјата каде што сведоштвото на двајцата Божји сведоци ќе биде замолкнато, ќе видиме како се зацврстува безбоштвото на фараонот и развратот на Содом.

Ова пророштво најточно и најочигледно се исполнило во историјата на Франција. За време на револуцијата 1793 година „светот првпат слушнал дека едно собрание на луѓе, родени и воспитани во цивилизирана земја, кое си го зема правото да управува со еден од најотмените народи на Европа, сложно го подига својот глас откажувајќи се од најсвечената вистина и ја отфрла верата во Бога и неговото богослужение“(Sir Walter Scott, Life of Napoleon, vol. 1, ch. 17) “Франција е единствена нација на светот за која се сочувани автентични извештаи дека како нација подигнала рака против Творецот на вселената… Постоел, и сè уште постои, голем број богохулници и неверници во Англија, во Германија, во Шпанија и на други места, но Франција зазема посебно место во светската историја како единствена држава која со одлука на своето законодавно собрание прогласила дека Бог не постои, и каде што поголемиот дел од населението на главниот град и на провинцијата, тој декрет го примил со посебна радост“ (Blackwood’s Magazine, November, 1870).

Франција исто така покажала карактер што бил посебен белег на Содом; за време на револуцијата можела да се забележи состојба на морално пропаѓање и разврат слична на онаа што им донела пропаст на Содом и Гомор. За безбоштвото и развратот на Франција историчарите зборуваат точно онака како што го преткажало тоа пророштвото. „Во тесна врска со овие закони против религијата е и законот кој брачната врска најсветиот завет меѓу две човечки суштества, чијашто постојаност е неопходно потребна да се сочува општеството ја сведува на степен на обичен привремен граѓански договор, кој можат две лица по волја да го склучат и да го раскинат… Кога демоните би си поставиле себеси цел да уништат сè што е чесно, убаво и трајно во семејниот живот и да воспостават зло што ќе преминува од поколение на поколение, не би можеле да пронајдат подобар план отколку да му ја одземат честа на бракот… Софија Арнолд, глумица, прочуена по својата духовитост, слободниот брак го нарекла ‘сакрамент на блудот’“ (Scott, vol. 1, ch. 17). (продолжува)

Pin It on Pinterest