(продолжува од претходниот ден) „Каде што беше распнат нивниот Господ“ (Откровение 11,8). Оваа подробност на пророштвото исто така се исполнила во Франција. Ниту во една земја не се открил на поочигледен начин дух на непријателство против Христа. Никаде вистината не наишла на поогорчено противење отколку овде. Со прогонствата што ги подигала против сведоците на евангелието, Франција го распнала Христа во личноста на неговите ученици.
Со векови се пролевала крв на светите. Додека валденжаните на горите на Пиемонт го давале својот живот „за речта Божја и за сведоштвото на Исуса Христа“, француските албигензи поднесувале исти жртви од исти причини. Во деновите на реформацијата нејзините следбеници се погубувани со страшни мачења. Кралот и благородниците, жените од висок род и нежни девојки, гордоста и витезите на нацијата, се насладувале со претсмртните страдања на Христовите ученици. Храбрите хугеноти ја пролевале својата крв на многу бојни полиња, борејќи се за она што му е најмило на човечкото срце: за слобода на совеста. Протестантите се ставени надвор од законот, нивните глави се уценувани и биле прогонувани како диви ѕверови.
„Црква на пустината“ се нарекувале мал број потомци на старите христијани кои постоеле во Франција во осумнаесеттиот век и се криеле по планините на југ за да ја сочуваат верата на своите татковци. Кога се осмелувале да се состану ваат по планините или на осамени пусти места ноќе, ги прогонувале војниците на Луј XIV и ги одведувале на доживотна робија на галии. Најдобрите, најблагородните и најобразованите Французи често биле оковани заедно со разбојници и убијци, поднесувајќи најстрашни маки (види: Wylie, b. 22, ch. 6). Други, со кои се постапувало малкупочовечно, ладнокрвно биле стрелани кога, невооружени и немоќни, паѓале на колена да се молат. Стотици стари мажи, незаштитени жени и невини деца, се убивани на местото каде што се собирале. Оној што би поминувал низ падините на планините или низ шумите, каде што обично се собирале, не било ништо необично да „наиде на секои четири чекори на лешеви во тревата или на мртви тела обесени на дрвјата“. Нивната земја, опустена со меч, со секира и со ломачи, „била претворена во голема, мрачна пустина“. „Овие стравотии не се случувале во некое темно минато, туку во времето на сјајното владеење на Луј XIV. Тоа бил век кога знаењето напредувало, литературата цутела и кога теолозите на дворот и на престолнината биле образовани и речити и кои радо се прикажувале како кротки и великодушни“ (Исто, b. 22, ch. 7).
Но најцрното недело на црната листа на злосторствата, најстрашното пеколно дело што го забележала историјата, бил Вартоломејскиот колеж. Светот уште се згрозува и со ужас си спомнува за оној подол и свиреп колеж. По наговор на свештениците и црковните прелати, францускиот крал го одобрил злосторството. Ѕвоното на една црква на полноќ дало морничав знак за колежот. Илјадници протестанти, кои мирно спиеле во своите домови, сигурни во чесниот збор на кралот, биле извлечени од своите домови и ладнокрвно убиени.
Како Христос што бил невидлив водач на својот народ кога го изведувал од египетското ропство, така и сатаната бил незабележан водач на своите приврзаници во овој страшен колеж. Во Париз колежот траел седум дена, а првите три дена со неискажлив бес. Не се ограничил само на престолнината; по заповед на кралот се раширил низ сите провинции и градови каде што живееле протестантите. Не се гледало на староста ниту на полот. Не биле поштедени ниту невините деца ниту седите старци. Благородници и селани, младо и старо, мајки и деца заедно биле убивани. Колежот продолжил во цела Франција и траел полни два месеца. Загинале околу седумдесет илјади луѓе цутот на нацијата.
„Кога веста за тоа злосторство стигнала во Рим, свештенството триумфирало од радост. Кардиналот лоренски го наградил весникот со илјада круни. Од тврдината Св. Ангела грмнал топ со радосен поздрав. Од сите ѕвоници се огласиле ѕвоната, факлите на славјето ноќта ја претвориле во ден, а Гргур XIII, придружуван од кардиналите и од други црковни великодостојници, повел сјајна процесија во црквата Свети Луј, каде што лоренскиот кардинал го отпеал Te deum Landamus… Искована е спомен-медалја како спомен на колежот, а во Ватикан и денеска можат да се видат три Васариеви фрески на кои се гледа нападот на адмиралот Колини, кралот како во дворскиот совет го приготвува колежот и самиот колеж. Гргур XIII му пратил на Карло IX златен трендафил, а четири месеци по колежот… тој слушал проповед на еден француски свештеник кој зборувал за оној свет и радосен ден кога светиот отец ја примил веста за колежот и отишол во свечена поворка да му заблагодари на Бога и на свети Луј“ (Henry White, The Massacre of St. Bartholomew, ch. 14, par. 34). (продолжува)