Секаде каде што Божјата реч верно се објавуваше резултатите сведочеа за нејзиното божествено потекло. Божјиот Дух ја придружуваше веста на своите слуги и Речта влијаеше силно. Грешниците чувствуваа дека совеста ги укорува за нивните престапи. „Вистинската светлина што го расветлува секој човек“ ги расветли скриените катчиња на нивните души и ги откри скриените дела на темнината. Нивните души и срца ги обзеде длабока жалост. Станаа свесни за гревот, за правдата и за судот што доаѓа. Сфатија дека Господ е праведен и ги опфати страв што ќе мораат да се појават пред Истражувачот на срцето со својата вина и нечистотија. Со страв во својата душа извикнаа: „Кој ќе ме избави од ова смртно тело?“ Кога им беше откриен крстот на Голгота со својата неизмерна жртва за гревовите на човештвото, увидоа дека само Христовите заслуги можат да ги отстранат нивните престапи. Само тоа може да го помири човекот со Бога. Со вера и со понизност го примија Божјето Јагне што ги носи гревовите на светот. Со Христовата крв добија „проштавање на минатите гревови“.

Овие души донесоа родови достојни на покајанието. Поверуваа, потоа се крстија и почнаа да живеат нов живот како нови созданија во Исуса Христа, не да живеат според своите поранешни желби, туку со вера во Божјиот Син да одат по неговите стапки, да го одразуваат неговиот карактер и да се исчистат како што е Тој чист. Она што некогаш го мразеле, сега го сакаа, а она што некогаш го сакале, сега го мразеа. Некогаш горди и самоуверени, станаа кротки и со понизно срце. Суетните и дрските станаа скромни и сериозни. Хулниците се исполнија со стравопочит, пијаниците се истрезнија, а развратниците станаа морални. Ја отфрлија суетната мода на овој свет. Како вистински христијани, тие не бараа „надворешен накит плетење на косите, китење со злато и облекување во раскошни фустани“, туку нивниот украс беше скриен „срце облечено во нераспадлив накит, кроток и мирен дух што е драгоцено пред Бога“ (1. Петрово 3,3.4). Движењата за оживување на верата предизвикаа темел но самоиспитување и понизност. Тие се одликуваа со свечен и сериозен повик упатен до грешниците, со искрена сомилост кон оние што се откупени со Христовата крв. Мажи и жени се молеа и се бореа со Бога за спасение на душите. Плодови на ваквите будења можеа да се видат кај душите што не се плашеа од самопрегор и жртви, туку се радуваа што се удостоија да трпат поради Христа срам и искушенија. Во животот на оние што го признаваа Исусовото име се забележуваше промена. Нивното влијание ја оживуваше нивната околина. Тие собираа со Христа и сееја во Духот за да пожнеат вечен живот.

За нив можеше да се каже: „Жалоста, која е по Божја волја, создава покајание за спасение, а световната жалост создава смрт. Зашто, ете, токму тоа што се ожалостивте по Божја волја, создаде кај вас не само голема сериозност, туку и одбрана, негодување, страв, копнеж, ревност и казнување. Со тоа на сите им покажавте дека сте чисти“ (2. Коринќаните 7,10.11).

Тоа е резултат на дејствувањето на Божјиот Дух. Преродбата е доказ за вистинското покајание. Ако грешникот го исполни ветувањето, ако го врати она што го украл, ако ги признае своите гревови, ако го љуби Бога и своите ближни, тогаш може да биде сигурен дека нашол мир со Бога. Такви плодови ги придружуваа верските будења во поранешните години. Судејќи по тие плодови, се гледаше дека Бог ги благослови тие будења заради спасение на човечките души и за издигнување на човештвото.

Но многу будења во поново време видливо се разликуваат во врска со манифестацијата на божествената милост што се покажуваше во минатите времиња во работата на Божјите слуги. Навистина, на сите страни се забележува поголемо интересирање; мнозина признаваат дека се обратиле; се зголемува бројот на верниците на црквата, но сепак, резултатите не се такви за да можат да го оправдаат верувањето дека настанал соодветен пораст на вистинскиот духовен живот. Светлината што ќе засвети и бргу ќе се угасне зад себе остава погуста темнина од онаа што била порано.

Често будење настанува на тој начин што се буди мечтата, се возбудуваат чувствата и се задоволува желбата со она што е ново и возбудливо. Оние што се преобраќаат на овој начин малку сакаат да слушаат за библиските вистини и не покажуваат посебен интерес за сведоштвата на пророците и апостолите. Ако богослужението не содржи ништо возбудливо, тогаш не ги привлекува. Веста што му е упатена на здравиот разум не наидува на никаков одѕив. Јасните опомени на Божјата реч што се однесуваат на нивното вечно добро остануваат незабележани. (продолжува)

Pin It on Pinterest