(продолжува од претходниот ден) Денеска, како и некогаш, објавувањето на вистината што ги жигосува гревовите и заблудите на своето време предизвикува отпор. „Зашто, секој кој прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината за да не бидат откриени неговите дела“ (Јован 3,20). Мнозина кога ќе видат дека своите тврдења не можат да ги оправдаат со Светото писмо, готови се по секоја цена да ги бранат и злобно да го напаѓаат карактерот и побудите на оние што стануваат во одбрана на непопуларните вистини. Вака било во сите времиња. Илија бил обвинет дека ги заведува Израелците; Еремија, дека ги предава; Павле дека го сквернави храмот. Од тоа време па сè до денеска, оние што сакале да останат верни на вистината, жигосани се како бунтовници, како кривоверци и отпадници. Мнозина што имаат премногу слаба вера за да можат да ја прифатат сигурната пророчка Реч, лесно ги прифаќаат обвинувањата против оние кои се осмелуваат да ги жигосаат народните гревови. Тој дух постојано ќе расте. Библијата јасно нè учи дека се приближува време кога државните закони ќе дојдат во таква спротивност со Божјите закони, што секој кој ќе сака да ги држи сите Божји прописи, ќе мора да биде подготвен да претрпи срам и казна како злосторник.

А во врска со сето ова, што е должност на весникот на вистината? Зар да заклучи дека вистината не смее да се проповеда само затоа што често нејзино единствено дејство е луѓето да ги поттикне да ги одбегнуваат нејзините барања или да им се противставуваат? Не, тој нема право да го задржува сведоштвото на Божјата реч затоа што истото предизвикува противење, како што не смееле да го прават тоа ниту поранешните реформатори. Признавањето на верата што ја посведочиле мачениците и светите им било од полза на подоцнежните поколенија. Живите примери на светост и непоколеблива чесност се сочувани да влеат храброст кај оние што сега се повикани да станат како сведоци за Господа. Тие не ја примиле милоста и вистината само за себе, туку преку нив и земјата да биде осветлена со познавањето на Бога. Дали Бог во ова поколение им дал видело на своите слуги? Тогаш тие нека дозволат тоа да свети на светот.

Во старо време Господ му рекол на еден кој зборувал во негово име: „А домот Израелов нема да те послуша, зашто и мене не ме слуша.“ Но Тој го кажал и ова: „Кажувај им ги моите зборови, па послушале тие или не“ (Езекил 3,7; 2,7). На Божјите слуги во наше време се однесува оваа заповед: „Викај од сето грло, не воздржувај се! Крени го својот глас како труба. Објави му ги на мојот народ неговите злосторства, на Јакововиот дом неговите гревови“ (Исаија 58,1).

Колку што му дозволуваат околностите, секој што ја запознал светлината на вистината се наоѓа под иста свечена и страшна одговорност како и Израеловиот пророк на кого му била упатена Господовата заповед: „И тебе, сине човечки, те поставив за стражар на Израеловиот дом: кога ќе чуеш зборови од мојата уста, опомени ги во мое име. Ако му речам на безбожникот: ‘Безбожнику, ќе умреш!’ ­ а ти не проговориш и не го опоменеш безбожникот за да се врати од својот лош пат, безбожникот ќе умре поради својот грев, ама неговата крв ќе ја барам од твојата рака. Но ако ти го опоменеш безбожникот да се врати од својот лош пат, а тој не се врати од својот пат ­ тој ќе умре поради својот грев, а ти ќе го спасиш својот живот” (Езекил 33,7­9).

Тоа е единствениот доказ против вистината што нејзините бранители не можеле никогаш да го негираат. Но тоа не им пречи на вистинските Христови следбеници. Тие не чекаат вистината да стане популарна. Уверени во својата должност, тие свесно го примаат на себе крстот и заедно со апостол Павле мислат дека „нашата сегашна лесна неволја ни донесува прекумерно, и неизмерно, вечно изобилство на слава“ (2. Коринќаните 4,17), и затоа, како и стариот пророк, „Христовиот срам го сметаше (сметаат) за поголемо богатство од египетските ризници“ (Евреите 11,26).

Какво и да било нивното верување, слуги се на светот оние што во верските работи постапуваат според световната мудрост, а не според вистинските начела. Ние треба да го бираме она што е право затоа што е право, а последиците да му ги препуштиме на Бога. За своите големи реформи светот треба да им заблагодари на луѓето од начела, на луѓето од вера и храброст. И во нашето време реформата ќе ја водат вакви луѓе.

Вака зборува Господ: „Послушајте ме вие, кои ја познавате правдата, народе, во чиешто срце е мојот Закон. Не бојте се од човечките хули, не плашете се од навреди. Зашто молецот ќе ги разјаде како облека, црвот ќе ги изеде како волна. Но мојата правда ќе трае довека, и моето спасение од род до род“ (Исаија 51,7.8).

Pin It on Pinterest